Родителството е предизвик, без сомнение. И ако таа приказна ја свртиме на другата страна – родителството само по себе повлекува цела низа предизвици. Една од најголемите работи што предизвикува дополнителен стрес за многумина е фактот дека не е лесно да се поврзете со други возрасни лица, покажала студија спроведена во Америка, објавена од Медицинскиот центар „Векснер“ при Универзитетот „Охајо“.
Според тоа истражување, дури 66% од вкупно 1.005 испитаници изјавиле дека родителството и сето тоа што родителството го носи со себе понекогаш или често прави да се чувствуваат изолирани и осамени. Покрај тоа, речиси 40% од родителите изјавиле дека се чувствуваат како да немаат кој да им помогне во нивната родителска улога.
Денешниот живот е исклучително зафатен, брз и стресен. Токму затоа често не наоѓаме време за она што ни треба. Една од најважните работи што им недостига на родителите е поврзаноста со другите возрасни луѓе, односно пријателството и интимните разговори со луѓе кои ги делат нивните интереси.
Исцрпеноста е честа појава
Покрај тоа, околу 62% од учесниците во оваа студија изјавиле дека се чувствуваат исцрпени поради нивните родителски обврски. Ова има смисла бидејќи изолацијата и осаменоста одат рака под рака со исцрпеноста.
Кога родителите се чувствуваат осамени и изолирани, нивните потреби како возрасни не се задоволуваат затоа што посветуваат сѐ што имаат и можат на своите деца. Ова е загарантиран пат до исцрпување (брнаут). По дефиниција, „бурнаут“ е неописливо чувство на исцрпеност. Ова не е ништо ново за родителите, но од ден на ден се зголемува.
Родителите треба да се поврзат со други родители
Според испитување во рамките на истражувањето, речиси 4 од 5 родители би ја ценеле можноста да се поврзат со други родители, надвор од работа и дома. Но, дури и во овие околности, многу родители не сакаат да ги признаат своите чувства на изолација и осаменост, од страв да не звучат како да не се грижат за своите деца.
Таквото размислување е погрешно. Секогаш е подобра опција да барате луѓе со кои можете да се дружите во вашата непосредна близина, луѓе кои живеат блиску до вас. Потоа следуваат социјални организации, организации на родители, училишни здруженија, цркви…
Сигурно си велите: „А што е со социјалните мрежи?“ Секако, опција може да бидат и социјалните мрежи, но таквите групи не се доволни. Дружењето во групи на социјалните мрежи е еднодимензионално и не го заменува разговорот со личност „еден на еден“, или со група мајки, да речеме со бебиња и мали деца. Сите деца поминуваат низ слични работи и мајките можат да споделуваат и да добијат поддршка. Важно е да не ги игнорирате знаците кои укажуваат на можна исцрпеност и навреме да се погрижите за себе, доколку се појави такво чувство. Исто така, во никој случај не е добро да ги игнорирате пријателствата и возрасните во вашиот живот, туку треба почесто да им се обраќате и да се дружите со нив. И не, тоа не значи дека не ги сакате своите деца.
912