Во Македонија преклани биле родени 23.199 деца, од кои 23.002 биле живородени, а 26 од нив биле родени од мајки помали од 15 години
Стегнати или слободни љубовни врски, патријархални или либерални семејства, бебиња родени во брак или надвор од оваа заедница. Каков е трендот во Европа, а каков во Македонија? Колку нè засега што ќе кажат комшиите, каде најмалку се занимаваат со тоа?
Според податоците што на оваа тема ги објави Европската агенција за статистика Евростат, Македонија сè уште е исклучително традиционална земја. Тотално спротивни на нас се Исланѓаните, е од Европската Унија најлиберални се Французите.
– Повеќе од 1,5 милијарда беа родени во Европската Унија во 2016 година. Во осум од 28 земји-членки мнозинството бебиња се родени надвор од брак, додека во осум други, две третини од бебињата се родени додека родителите биле во брачна состојба. Процентот на раѓања надвор од брак е највисок во Франција, а најнизок во Грција – соопшти Евростат.
Турција и Грција се најтрадиционални
Од сите 35 земји во Европа, Македонија е во групата на патријархални земји, веднаш по Турција и Грција. Исланд, пак, убедливо ја предводи листата со бебиња родени надвор од брак, малку под 70 отсто.
Анализите за состојбата во Македонија покажуваат дека преклани биле родени вкупно 23.199 деца, од кои 23.002 биле живородени, а 26 живородени деца биле родени од мајки што имале под 15 години.
– Од вкупната бројка,2.761 дете, или 12 отсто се вонбрачни – велат од Државниот завод за статистика.
Значи, високи 88 отсто од бебињата се родени во брачна заедница. Мајката била на просечна возраст од 28,9 години (а 27,2 години при првите раѓања). Генерациска година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна преклани е 1987 година.
Од Македонија повисок процент на родени бебиња во брачна заедница имаат само Турција и Грција. Кај нашиот сосед дури 90,6 бебиња биле родени во брак.
Колку бракови се регистрирани во Македонија
Во 2016 година во нашата земја биле склучени вкупно 13.199 бракови. Најголем дел од брачните партнери првпат стапиле во брак (92,5 отсто жени и 91,2 отсто мажи). Втор брак склучиле 8,1 отсто од вкупната бројка, а 0,7 отсто стапиле во брак третпат.
– Најголем број од сопружниците биле на возраст од 20 до 24 години. Просечната возраст на невестата која првпат стапила во брак е 26,5 години, а 29,3 години за младоженецот – велат од Заводот.
Бројот на разводи во 2016 година е за 9,8 отсто намален во споредба со 2015 година и изнесува 1.985 разведени бракови. Според возраста на сопругата, најголем број разводи се случиле во старосната група од 25 до 29 години, a според возраста на сопругот – од 35 до 39 години.
Во групата со Франција и две балкански земји
Од членките на ЕУ, Франција предводи на листата со децата родени надвор од брачна заедница, со шест од десет бебиња, или 59,7 отсто.
Интересен е фактот што по Франција, највисок процент имаат две балкански земји – Бугарија и Словенија. И во двете процентот на деца родени вонбрачно изнесува 58,6 отсто. Висок процент се појавил и во Естонија (51,6 %), Шведска (54,9 %), Данска (54 %), Португалија (52,8 %) и Холандија (50,4 %).
За споредба, помалку од едно во десет бебиња е родено кај невенчани родители во Грција – 9,4 отсто. Во оваа земја се раѓаат најмалку вонбрачни бебиња од сите земји-членки на ЕУ. Нискиот процент е застапен и во Хрватска, каде што 18,9 бебиња се родени во ситуација кога родителите на биле во брак. Следуваат Кипар (19,1 %) и Полска (25 %). Помалку од третина деца во Литванија се родени вонбрачно (27,4 %), во Италија – 28 отсто, во Романија – 31,3 отсто, во Малта 31,8 отсто.
Состојбата се менува
– Зголемување на раѓањето на бебиња надвор од бракот е забележано во медитеранските земји-членки на ЕУ. Во споредба со 2000 година, процентот на живородени деца надвор од бракот во сите земји-членки на Унијата е со различни екстензии – велат од Евростат.
Од една страна, процентот на бебиња родени вонбрачно значително е пораснат во медитеранските земји. Осумкратно е зголемен на Кипар, каде што во 2000 година изнесувал 2,3 отсто, а во 2016 – 19,1 отсто. Трипати се зголемил во Малта – од 10,6 на 31,8 отсто за 16 години и во Италија (од 9,7 % на 28 %), додека за 2,5 пати е зголемен во Шпанија – од 17,7 отсто на 45,9 отсто, како и во Грција – од 4 на 9,4 отсто и во уште една јужна земја-членка, Португалија, каде што процентот е пораснат од 22,2 на 52,8 за 16 години.
Од друга страна, процентот на бебиња родени вонбрачно е релативно стабилен меѓу 2000 и 2016 година во северноевропските земји, особено во нордиските – Шведска, Финска и Данска. Слична е ситуацијата во Ирска и во Обединетото Кралство, како и во балтичките земји-членки – Летонија, Естонија и Литванија.
912