Нема ништо послатко од дете што спие, а исто така може да биде и слатко ако го слушнете вашето дете како повремено ‘рчи. Но, ако го слушате дека ‘рчи неколку дена во неделата, тогаш би требало да обрнете внимание на тоа. Истражување објавено во списанието „Природни комуникации“ пронашло врска помеѓу честото ‘рчење и структурните мозочни промени кај децата, како и со бихевиоралните проблеми како хиперактивност и невнимание.

Истражувачите гледале податоци од снимки од магнетна резонанса кај повеќе од 10 илјади деца на возраст од 9 и 10 години во САД, како и податоци од нивните родители во однос на тоа колку често децата ‘рчат, како и стандардните листи за проверка кои биле користени за мерење на неколку различни области од детското однесување. Истражувачите откриле дека децата што редовно ‘рчат – 3 или повеќе пати неделно – имаат потенка сива материја во неколку региони во мозокот, вклучително и во регионот кој помага во размислувањето и контролата на импулсите.

– Има делови на мозокот што се одговорни за регулација на однесувањето… се однесуваат на одржување на вниманието кое се нарекува когнитивна флексибилност, што всушност значи регулација на самото однесување – вели д-р Амал Исаја, професор за оториноларингологија на Универзитетот во Мериленд.

Фреквентното ‘рчење исто така подразбирало и зголемување на сериозноста на бихевиоралните проблеми. „Не можам да кажам дека има причина и ефекти тука. Но, од биолошка перспектива, ако помислите на ‘рчењето, тоа всушност значи дека воздухот не поминува слободно“, вели д-р Исаја. Тоа би можело да значи дека децата или често се будат или дека можеби се менува начинот на кој кислородот оди до мозокот на детето, што значи дека детето можеби и не добива доволно кислород.

Можно е кој било од тие механизми (или и двата) да биде одговорен за поврзаноста помеѓу промените во мозочната структура и однесувањето на децата, хипотетички кажано. Процените се дека приближно 30 отсто од децата имаат минорно, повремено ‘рчење, додека некаде помеѓу 10 и 12 отсто од децата искусуваат примарно ‘рчење, односно ‘рчење кое се случува почесто од 2 ноќи неделно и се случува фреквентно во текот на ноќта. Помал процент на деца се борат со опструктивна апнеја, што е посериозно нарушување во спиењето кое предизвикува лицето да престане и пак да почне да дише додека спие. Новите откритија не се првите што го поврзуваат ‘рчењето со мозочни промени и потенцијални бихевиорални проблеми кај децата, но ова сега е најголемата студија која ја потврдува поврзаноста, вели Исаја. Тој забележува дека откритијата ја зајакнуваат насоката од Американската академија на педијатри, кои тврдат дека родителите треба да го сфатат ‘рчењето на децата сериозно.

Оттаму долго време велат дека е важно родителите или старателите да зборуваат со лекарот на своите деца во врска со ‘рчењето бидејќи тоа може да биде пречка во нивниот сон, од кој децата зависат на многу начини. Како и кај возрасните, и ‘рчењето кај децата може да се третира. Во некои случаи потребна е операција за отстранување на крајниците, бидејќи може да биде опструирано дишењето. Во други случаи, едноставни промени во средината во која спие детето може да бидат доволни за подобар сон. Овие промени навистина може да бидат основни, на пример, поставување конзистентен распоред за спиење, тивка и пријатна спална соба и слично.

На крајот, пораката до родителите на деца што ‘рчат е да не креваат паника, но и да не ја игнорираат појавата.

– Не мора да барате третман веднаш, но тоа е нешто за кое треба да разговарате со вашиот педијатар – вели д-р Исаја.

Автор: Кетрин Пирсон

Извор



912

X