Првите 5 години се од исклучителна важност за подоцнежниот развој на детето бидејќи 90 отсто од детскиот развој на мозокот се случува пред 5 години. Со вежби и игри се започнува според развојното ниво на детето, а не според неговата календарска возраст. Најважно за стимулацијата на развојот на детето во домашни услови е релацијата дете-родител. Низ процесот на стимулација дијалогот меѓу родителот и детето е танц кој е ритмичен и цикличен. Со тој танц се забележуваат развојните карактеристики кај детето од страна на родителот, од кој се бара да биде присутен во тој момент. Во текот на стимулацијата, материјалите може да се изработат дома вклучувајќи го детето во боење, сечење, лепење бидејќи стимулацијата не е само во текот на процесот, туку и пред тој процес.

Вниманието на детето му го привлекува процесот на изработка (на пр., дрвени шпатули – краевите да ги избои во боја и според бојата на крајот да направи домино), така што постои можност да се забележат и карактеристиките на детето. Оставете го самостојно да го направи тоа, а вие како родители бидете тука за поддршка и помош доколку побара. Изработените активности може да бидат ваша иницијатива, а реализацијата да биде самостојна од страна на детето или заедничка во зависност од развојните карактеристики на детето. Со самата подготовка на материјалите, а потоа и реализација во вид на игра, се уважува детската фигура и се зголемува самодовербата кај детето. Успешната активност и стимулација се базира на соодветен материјал за работа. Чекори за изработка на материјалите и успешна реализација:

• приспособени за возраста и способностите на детето
• систематичност (од поедноставно кон посложено),
• поврзаност помеѓу играта и усвојување на животните вештини,
• трајност и знаење,
• индивидуализација,
• вклучување на сетилата,
• место и време на активност-рутина,
• активноста да е во висина на очите,
• објаснете му ја активноста на детето, користите јасни упатства, разбирливи за детето,
• дајте простор за реализација,
• применувајте фацијална експресија.

Активности кои може да се реализираат во домашни услови и да ги опфатат развојните циклуси:

– Активности за груба моторика- степенот на развиеност на личноста во однос на координација на движењата, силата и отпорноста. Овој дел се однесува на рамнотежата, одењето, скокањето, трчањето, играњето со топка. Во делот на грубата моторика се опфаќаат и активностите за билатерална координација (способност за усогласување на двете страни на телото) и преминување на средишната линија од телото.

Активности за фина моторика – степен на развиеност на шаката, зглобот и раката при манипулација. Фината моторика е основа за севкупниот понатамошен развој (говор, когнитивен развој, графомоторика). Со фината моторика се опфаќаат активностите за нижење, редење, боцкање, сечење со ножици, вклучување во секојдневните активности и сл. Активностите на фината моторика ја стимулираат креативноста и ја поттикнуваат љубопитноста на детето.

Активности за проприоцептивен систем – Проприоцептивниот систем ни дава свесност за положбата на деловите на телото и нивниот меѓусебен однос и контактот со другите луѓе. Се вклучуваат активности кои имаат цел да го спознаат сопственото тело, положбата на нашите делови од телото и нивната поврзаност со околината. Овој систем е важен за сите моторни функции.

Активности за вестибуларен систем – Вестибуларниот систем ја има улогата да ни покаже дали се движиме или мируваме, нѐ информира за брзината и насоката во која се движиме, испраќа сензорни пораки за рамнотежа и движење од вратот, очите и телото до повисоките делови на ЦНС за обработка и потоа помага да се произведе мускулен тонус за да можеме да се движиме порамномерно и поефикасно. Активности кои го поттикнуваат вестибуларниот систем се активности кои ги опфаќаат спознавањето насоки, напред-назад, горе-долу, лево десно, ротација- вртење, возење велосипед, имитирања на движења, лулање на лулашки и сл.

Активности за когнитивен развој – Се поттикнува со одржување на вниманието во текот на активноста, активности кои вклучуваат логика, класификација, серијација. Овие активности го проценуваат интелектуалните способности.

Предлог-активности за поттикнување одредени развојни области:

Активност бр.1 Стимулирање на фината моторика и класификација според боја

Активност бр.2 Стимулирање на фината моторика со боцкање стапчиња во пластелин

Активност бр.3 Запознавање на сетилата

Активност бр. 4 Поттикнување на когнитивниот развој

Автор: Теодора Томовска Ристовска- специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-терапевт во едукација



912

X