Здравје

Развој на дланката – зошто бебињата не треба да носат ракавици?

Бебето се раѓа со рефлекс за фаќање кој во текот на растењето и развојот постепено се губи. Погледнете на кои начини можете да го стимулирате бебето за да го поттикнете развојот на дланките.

Колку е силен рефлексот за фаќање, се гледа при прегледот – кога педијатарот ќе го подигне бебето во воздух, а тоа грчевито се држи за неговите прсти. Овој тест не смее да се испробува подоцна дома бидејќи бебето постапно ја губи способноста како што попушта рефлексот, така што при крајот на првиот месец дланките повеќе не му се постојано стиснати.

Исто така, не треба да ги ставате вашите прсти во дланката на бебето, иако тоа за родителите е многу пријатно чувство, но кај бебето предизвикува зголемена напнатост во рацете. Таквата состојба не е пријатна за него и затоа се вознемирува.
Наспроти тоа, треба да го милувате над дланките за да стимулирате отворање на дланката кај бебето, што инаку повремено и самото спонтано го прави. Тоа можете да го правите со едноставно галење, но и со фаќање на бебето за рачниот зглоб, со свртување на дланката кон неговото или кон вашето лице и повлекување надолу по образот за да се гали самото или да ве гали вас.

1. Во текот на првиот месец бебето главно ги држи дланките затворени, но не се постојано стиснати.

2. Во вториот месец бебето почнува да покажува интерес за ликот на мајката и за предметите – така што ги пружа рацете, но бидејќи не може да ги дофати, ги отвора дланките.
Совет: бебето треба да се стимулира со играчки што ги поставуваме пред него. Најпогодни се кадифените бидејќи бебето нема да ги стиска дланките кога ќе ги допре.
Развојот на движењата поминува низ различни фази. Бебето прво го фиксира, потоа го следи изворот на стимулација, па дури на крај ги пружа рацете. За оваа сложена активност неопходна е стабилност на главата, вратот и на трупот, за преку видните и акустичните механизми да може да направи движење кон предметот.

3. При крајот на третиот месец рефлексното стискање на дланките се губи и дланките се среќаваат пред неговото лице. Сега почнува да си игра со прстињата, да ги гледа и да ги става в уста. Ова е почеток на запознавање на сопственото тело. Најголем дел од времето кога е будно двете раце му се в уста бидејќи ги довело рацете до средишната линија.
Совет: Ова е важен момент во развојот на бебето и никако не смее да се попречува со ставање цуцла-лажалка во устата или со ракавици на рачињата. Бебето стекнува важни искуства за себе и за предметите токму преку устата. Ако му ставите тропка во раката, тоа ќе ја држи. Како мерка на претпазливост, доволно е да се одржува хигиената на играчките и на рацете на бебето.

4. Дури при крајот на четвртиот месец бебето првпат слободно ја прифаќа подадената играчка.
Совет: За да може да го направи тоа, треба да му се даде тропка во полукружна форма или во форма на обрач, со јасни бои и шарки, и тоа отстрана, за да може да ја земе со полуотворена рака. Не давајте му играчка во пастелни бои бидејќи треба да ја види кога ќе ја стави пред лицето, воспоставувајќи координација око-дланка. Потоа ќе ја стави и другата рака преку неа, па ќе ја пикне во устата.

На оваа возраст играчките треба да се закачат пред бебето за да ги фаќа и да си игра со нив, бидејќи само со повторување на движењата ќе научи како да ги контролира, па со текот на времето движењата ќе стануваат сè похармонични. Постои и посебно конструирана справа за вежбање која го поттикнува развојот на моториката на рацете.
Кога бебето ќе го ставиме на стомак, тоа се потпира на подлактниците, со дланките свртени една кон друга и со палците насочени нагоре. Ако палците се свиткани, а надлактниците се свртени една кон друга, бебето не може да ја исправи главата.

5. Во петтиот месец бебето вежба да ги фаќа играчките. Тоа го прави сè посвесно, со подобра координација око-рака. Сега палецот е испружен и учествува во фаќањето. Кога ќе дофати коцка, ја набљудува и ја преместува во другата рака, што значи дека е воспоставена функцијата на отпуштање. За да може да го изведе ова, рефлексот на фаќање мора целосно да исчезне.
Преместувањето на играчките од една во друга рака претставува исклучително важен момент во моторниот развој на детето. Тоа значи дека двете половинки од големиот мозок функционираат заедно.
Совет: Ако бебето не успева да ја фати играчката, консултирајте се со педијатар.

6. На шест-седум месеци бебето само ќе се врти на стомак. За да успее во тоа, претходно треба да почне да ги фаќа играчките преку средината на телото на другата страна. Во обидот да ја дофати играчката, тежината на телото автоматски се префрлува настрана, што доведува до превртување. Бебето ја фаќа играчката со целата дланка, ја превртува во рацете кон средниот прст и палецот. Ова е последниот момент кога целосно треба да исчезне рефлексот на фаќање.
Совет: патот од рефлексно фаќање при раѓањето, преку некоординирани до слободни координирани движења – зависи од моторниот развој на детето, но и од стимулацијата што ја добива од опкружувањето. За родителите правилно да го стимулираат развојот на функциите на дланките и рацете, мора да ги препознаат и на вистински начин да ги задоволат развојните потреби на детето.

Да се обрне внимание:
Ако бебе на три месеци сè уште има цврсто стиснати дланки, тоа задолжително посочете му го на педијатарот.

Автор: д-р Даниела Вукиќевиќ, физијатар

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top