Без оглед поради која причина е донесена одлука за развод, треба да се знае дека родителите не треба и не смее да се разведат, се разведуваат само партнерите, односно му се става крај само на бракот, а не и на родителството

Среќниот брак не е случајност, не е судбина и не се случува затоа што „партнерите се родени еден за друг“. Бракот е предизвик.
Сè што се случува во еден брак е креација на партнерите. Секој партнер игра своја улога и секогаш од двајцата зависи дали ќе се создаде нешто што вреди и што ќе трае.

Во секоја брачна релација постојат тешкотии и конфликти, кои не само што се неизбежни туку се и потребни. При решавање на тие конфликти партнерите или се зближуваат и ја зајакнуваат брачна релација, или пак кога конфликтите се секојдневни и го прават бракот дисфункционален, најчесто одлучуваат да се разведат.

Меѓутоа, во брак во кој се родени деца, кога ќе се донесе одлука за развод, не треба да се заборави дека сопружниците не се само партнери, туку се и родители.

Без оглед поради која причина е донесена одлука за развод, треба да се знае дека родителите не треба и не смее да се разведат, се разведуваат само партнерите, односно му се става крај само на бракот, а не и на родителството.

Без разлика на тоа каде и со кого живеат, улогата и обврската на родителите останува непроменета. И кога би оформиле ново семејство, родителот останува родител на секое дете што го создал. Кратко кажано – родителството останува до крајот на животот.

За жал, сведоци сме на тоа дека голем број од нашата популација не го знае тоа, но сепак позитивно е тоа што во последно време луѓето се заинтересирани за промена. Отворени се за комуникација и за споделување. Бараат помош, прашуваат и одат на брачно советување.

Да се донесе одлука за развод е тежок и долг процес. Таква одлука не се носи преку ноќ и партнерите, кои воедно се и родители, треба да бидат подготвени за предизвиците и задачите што ги чекаат при процесот на сепарација.

Општо е познато дека разводот сам по себе е лоша одлука, дека е грев и нешто на кое не смее ни да се помисли, но вистината е дека е подобро да се има добар развод отколку лош брак. Разводот на партнерите некогаш е за заедничко добро за сите членови на семејството, доколку бракот и по повеќе обиди да се спаси останал дисфункционален. Но, многу е важно и каков развод ќе се случи при прекин на брачната релација, бидејки тој сам по себе може да биде добар или лош.

• Добар развод (или пријателски) е оној што го ослободува детето од учество во него, односно кога родителите не го користат детето за сопствени цели. Кога и по разводот тие остануваат пријатели бидејќи детето има желба да ги гледа мама и тато заедно, па иако нема љубов меѓу нив, да има пријателство, разбирање и заедничка грижа околу детето, заеднички активности и заеднички прошетки. При добар развод двајцата родители земаат еднаква улога околу растењето и воспитниот процес на детето, односно тие двајца си имаат изградено меѓусебен договор околу работите што детето смее или не смее да ги прави. Исто така, при добар развод не се мешаат родителите од примарните семејства на партнерите. Доколку разводот е пријателски, нема негативно да влијае врз ниту еден член од семејството.

• Лош развод е кога се става детето во центарот и кога родителите го користат за сопствени цели. Војуваат околу старателството на детето, а несвесни се дека тоа се вкоренува во детскиот ум и со текот на времето таквите деца ќе сакаат да бидат сакани, но ќе ја отфрлаат блискоста, ќе копнеат по пријатели, но често ќе ја избираат изолацијата и сл. Децата се чувствуваат виновни, па растат во личности со ниска самодоверба и имаат негативна слика за себе.

Ивана Велевска, психолог, семеен и системски советник

Како да му се соопшти одлуката за развод на детето и како да се подготви за сепарацијата што го очекува?

Многу е важно при развод на бракот посебно внимание да им се посвети на децата, затоа што тие без нивна желба мораат да поминат низ тој процес.
Со детето треба да се разговара уште пред да почне постапката за развод, односно уште кога е донесена одлуката за прекин на брачната релација. Не е препорачливо разводот да се држи во тајност и веста да се соопшти во краен момент.

Добро би било кога веста би можеле да ја соопштат двајцата родители заедно.

Често се случува децата да се обвинуваат себеси за новонастанатата ситуација, па потребно е да се интервенира навреме, да се каже дека мама и тато имаат различни гледишта кон одредени нешта и дека тешко се сложуваат, поради што е потребно да живеат одвоено, но дека за тоа тие не се ни најмалку виновни. Дајте му до знаење дека и понатаму еднакво ќе добива љубов од двајцата родители исто како кога би живееле заедно.

Доколку не се разговара со детето на соодветен начин и родителите дозволат да му се смени секојдневната рутина, доколку го користат за утеха и жалење или го користат како поштар, односно го вклучат во процесот на развод, со текот на времето детето може да развие симптом – да стане повлечено, анксиозно, агресивно, депресивно, да има ниска самодоверба. Некои деца го намалуваат училишниот успех и имаат промени во однесувањето.

За подготовка на поголеми деца и адолесценти, за кои се очекува полесно да ја разберат дисфункционалноста на бракот и недоразбирањата на родителите, потребно е да се нормализира ситуацијата затоа што кај нив може да се појави срам од врсниците и околината. Со разговор и различни примери да им се објасни дека не е нешто од кое што треба да се срамат и кријат. Кога самите ќе го сфатат тоа и кога ќе го прифатат, нема да им биде дури ни важно мислењето на другите. Во спротивно, т.е. ако се изложени на преголем стрес при разводот, може да имаат тешкотии при влегување во емотивни врски, потешко да донесат одлука за стапување во брак или, пак, во иднина и тие да се разведат.

За максимално да се заштитат децата од стрес, потребни се упорност и труд од страна на двајцата родители. Да не му се уништува детството, да се гледа што почесто со двајцата родители, да не се принудува да прави избор меѓу нив и поддршката што му е потребна да ја добива и од мама и од тато.

Да не заборавиме да споменеме дека треба и да се внимава да не му се исполнуваат сите желби на детето, што исто така се постигнува со добра комуникација меѓу родителите. Инаку, детето ќе научи да ја користи ситуацијата и тоа што не смее да го прави кај мама ќе го прави кај тато и обратно.

За крај, важно е сите родители да знаат на која возраст и да се наоѓа нивното дете и каде и со кого и да живее, тие и по разводот и сепарацијата ја носат родителската улога до крајот на животот.

Родителите се единствени и невозможно е некој друг да ги замени.

Запомнете дека ако не сте успеале да бидете добри љубовници и брачни другари, можете да бидете најдобри родители, најдобри пријатели на вашите деца, а во иднина и најдобри баба и дедо на вашите внуци.
И по разводот живејте го сопствениот живот, но двајцата секогаш заеднички грижете се за вашите деца. Разделете се како партнери, но не и како родители.

Автор: Ивана Велевска, психолог, семеен и системски советник

е-пошта:  ivana.blazevska22@gmail.com


912

X