НЕ за почеток и за крај

„Не, немој!“, ѝ свика мајка ѝ на Весела. „Остави ја чашата, ќе ја скршиш!“, „Не пипкај го штекерот, ќе те фати струја!“, „Не рипај на креветот, ќе ја скршиш главата!“, „Не прави трошки под масата додека ручаш!”, „Остави ја мачката!“, „Не клати го столот!“…

Растеше малата Весела со многу тажни големи околу себе кои сè што знаеја е да речат едно големо возрасно – НЕ! Го протурка така детството со зборот НЕ под мишка небаре векна леб е насабајле откорнат од големата миризлива кошница на пекарот во соседството. Во училиште наставничката пак со НЕ! Дури и постарите другарки беа облагородени со тоа големо и чудно НЕ. Каде и да се свртеше, налетуваше на возрасни неранимајковци кои знаеја да го изговараат само овој одрекувачки збор за кој години подоцна осозна дека се викал негација.

Дојде адолесценцијата и сè уште не можеше да се откачи од тоа ненкање каде и да се завртеше. Секогаш имаше некој што ќе каже не така – вака, не онде – овде, не таму – тука! Постојано само НЕ. Дури и облеката што ѝ се допаѓаше оти беше нејзин сопствен избор почна да ја негира бидејќи почна да се сомнева дека ако негацијата се повтори, ќе стане афирмација, исто како што минус по минус е плус. Ама, во животната математика не беше така. Таму сè беше линеарно и секое нешто го привлекуваше истото со еднаква валенца како и она што и самото го емитираше. Другарките секогаш ѝ велеа; „Не сакаме да одиме во тоа кафуле!“, „Најди некој друг филм за на кино!“, „Овој не е за тебе!“ итн. Сѐ беше едно големо НЕ до уште поголемо НЕ! Ми се чини дека Весела се сневеселуваше со секое ново НЕ. Дека ја афирмираше негацијата како нешто свето, кое, ете треба да се дофати, зашто, нели, ДА беше нешто што само од себе требаше да се подразбере. Низ животот беше воспитувана, калена, калемена, настројувана да верува дека секое добро си доаѓа само по себе и дека доброто однесување, добрите постапки и сл. секогаш треба да бидат присутни и не заслужуваат никаква поткрепа, никакво засилување, никаква награда. Дека, ете тие така треба да си се подразбираат со самото нивно јавување, небаре не се вложил никаков труд во нивното одржување во живот. Лекцијата што Весела ја доби беше нешто како една фраза која треба постојано да ни биде закачена на реверот и да нѐ потсетува дека ДА се подразбира и не му треба пофалба, а НЕ треба силно да се акцентира за да се избегне следниот пат, иако и тогаш како и засекогаш ДА ќе остане подразбирачко нешто, кое ете, излегува од срцето само поради доброто воспитание. Но, како што одминуваа годините, така Весела се скиселуваше при секое изговарање на и онака реткото ДА! Таа свесност ѝ беше некако несогласна со она што ѝ беше вбризгано во крвта, дека ДА едноставно само си доаѓа и се подразбира како добро и природно својство на согласноста со нештата дури и по цена на нашето длабоко несогласување со истото. Ѝ беше чудно, па дури и перверзно, како тоа беше тешко да се изговори тоа ДА, кое, нели, требаше да биде лесна-песна, како тоа толку тешко излетуваше од нејзината уста, а уште помалку од нејзините мисли. Имаше едно чувство во грлото кое се стегаше секогаш кога го изговараше тоа ДА, особено кога го чувствуваше тоа. Како да ѝ беше полесно да го каже она ДА на согласност кое по некаков рефлексивен лак, ете, мора од совеста да се излее кон надворешниот свет само затоа што така треба, додека она искрено ДА кое навистина го чувствуваше со своите рапави краеви ѝ го кинеше грлото кое се стегаше во ужасни маки да го изговори.

Проф. д-р Мирослав Пендаровски

Дојде и младата зрела доба, Весела порасна во стројна, но некако стегната, смалена и змижурена девојка, која напати изгледаше како некој кој не знае што сака, а уште помалку што му е потребно. НЕ-то излегуваше погромогласно од кога било и каде било, а тоа ДА толку нејасно се намалуваше до микроскопски величини, а богами напати беше права реткост и да се изусти. Дојде времето кога на Весела ТВ-приемникот во душата ѝ грмеше – НЕ ОДИ НАДВОР БЕЗ МАСКА! „Држи дистанца!“, „Не поздравувај ги другите со рака!“, „НЕ се групирај!“, „НЕ излегувај по 23 часот!” Ех, толку беше лесно за неа да ги следи овие упатства. Одеднаш не мораше да става маска затоа што маската го имаше ставено нејзиното лице пред себе. Не мораше да држи дистанца бидејќи толку се имаше дистанцирано од она што се нарекуваше автентичен живот, што и тој се дистанцира од неа. Рацете одамна ги беше користела само за да ѝ се најдат во секојдневното функционирање, а излегување со други луѓе беше само можност да си го потврди големото НЕ на сопственото непостоење! Толку едноставно го имаше голтнато тоа НЕ, што сега никој друг немаше потреба да ја потсетува на негирањето на животот. Сам се негираше од себе како да беше тоа нешто што треба да се подразбере. Сега НЕ се подразбираше, а вистинското ДА, ретко, ендемично се искраднуваше од нејзините длабочини изненадувајќи ја нејзината свесност.

Еден маглив есенски ден, Весела која повеќе личеше на тажен облак отколку на весело сонце, стана тешко од својата постела и го поткрена своето дребнаво чедо да го надои. Детето весело се подаваше на животот со рачињата неосознаени во злото и небиднината, чиниш сака сè околу себе да опфати и прегрне. Додека нејзиното млеко во тенки млазеви се излеваше од тешките гради на искуството, а нејзините раце едвам го држеа плодот на нејзиното НЕ, Весела едвам забележа насмевка кај нејзиното чедо. Тогаш првпат Весела сети необјасниво стегање во грлото и грчење во утробата. Се подаде да каже ДА, но наместо тоа, испушти само нешто како гргорлив клокот, се сврти накај својата ќерка и… рече НЕ!

П.С. Природата не е ниту добра ниту лоша. Таа е онаква каква што ѝ се сака да биде во одреден миг од времето и просторот. Таа дозволува да го градиме своето НЕ и своето ДА врз основа на нашата сопствена природа и доживувањето на светот каков што ние го гледаме. Она што го нарекуваме цивилизација е она нешто кое му дава вредносен суд на доброто и лошото, на ДА и НЕ. Бидејќи таквиот систем е создаден од посилните, тие само го импонираат врз кревките детски соништа учејќи ги на едно големо одрекување на животот! Ако НЕ со децении ти било сервирано за појадок, тогаш ДА станува непознат оброк за твојата гладна душа!

Автор: Проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор



912

X