Игротека

Разговорот со мајката по телефон го намалува стресот исто како и прегратката

Науката го потврдува она што многумина веќе го знаат од искуство: разговорот со мајката, дури и преку телефон, помага во надминување на стресот. И тоа исто толку ефикасно како и нејзината прегратка.

Постои нешто смирувачко и утешително во гласот на мајката кога тивко ќе прошепоти: – Сè ќе биде во ред. Ако имаш близок и здрав однос со мајка ти, веројатно таа е првата личност што ја повикуваш кога ќе се најдеш во тешка ситуација и веднаш чувствуваш олеснување. Можеби мислиш дека си го замислуваш тоа, но сега има и научни докази.

Научниците откриле дека разговорот со мајката, без разлика дали е во живо или преку телефон, го намалува нивото на стрес. Двата начини на комуникација го намалуваат хормонот на стрес и го поттикнуваат лачењето на хормони поврзани со чувство на блискост и сигурност. И не само тоа. Мајчиниот глас смирува речиси еднакво како нејзината прегратка.

Истражување објавено уште во 2012 година во списанието „Просидингс оф д ројал сосајети би“ покажало дека девојчиња кои по стресна ситуација разговарале со мајка им преку телефон доживеале исто ниво на намален стрес како и оние што биле во нејзино присуство.

Во експериментот, девојчиња на возраст од 7 до 12 години прво решавале тешки задачи пред публика, како што се решавање математички проблеми и одржување јавен говор. Потоа биле поделени во четири групи: едните биле со мајка им во живо, другите разговарале по телефон, третите комуницирале преку пораки, а четвртите останале сами.

Резултатите покажале дека само физичкиот контакт и телефонскиот повик довеле до зголемување на нивото на окситоцин – хормон поврзан со доверба, блискост и чувство на смиреност.
Комуникацијата преку пораки била речиси исто неефикасна како и воопшто да немало контакт.

– Се веруваше дека за да се ослободи окситоцин, неопходен е физички контакт. Но, ова истражување јасно покажува дека и мајчиниот глас може да има ист ефект како прегратката – вели Лесли Селцер, која го водела истражувањето.

Сличен коментар дал и Сет Полак, раководител на лабораторијата каде што било спроведено истражувањето.

– Со години гледав како студентите веднаш по испитите им се јавуваат на родителите и си мислев дека станува збор „хеликоптер родители“. Но, сега сфаќам дека тоа е само брз и ефикасен начин повторно да се почувствуваат подобро.“

Во време кога доминира дигиталната комуникација, ова истражување нè потсетува дека ниту највнимателно напишаната порака не може да го замени гласот на саканата личност. А кога тој глас е мајчиниот, ефектот е уште посилен.

Извор

Поврзани написи

To top