Сите видови згрижување деца во Англија се скапи, но нудат бескрајни активности според желбите и талентите на секое дете и многу време поминато надвор, раскажува Елена Џарлијева, Македонка која долги години живее во Лондон.
Неугледни однадвор, но магични внатре, со многубројни активности за децата во текот на целиот ден. Многу корисни, но и многу скапи. Така накратко ги опишува градинките во Англија, Елена Џарлијева, Македонка која долги години живее во Лондон со нејзиното семејство. Со неа поразговаравме за условите што ги нудат и начинот на функционирање на воспитно-образовните установи во Англија за да ги споредиме со македонските градинки.
Генерално, искуството на Џарлијева со англиските градинки е многу позитивно. Иако за да дојде до место во посакуваната градинка, детето е на листа на чекање од неколку месеци до една година. Најраната возраст на која може децата во Англија да тргнат во градинка е 6 месеци, а ја посетуваат до 5 години, кога тргнуваат во школо.
– Во некои региони, како на пример во Лондон, децата се запишуваат во градинка уште пред да се родат. Кога нема место во посакуваната, има избор на други градинки иако можеби ќе бидат на малку поразлична локација од таа што им одговара на родителите. Друг избор е childminder – еден вид градинка во домашна атмосфера. Многу семејства го преферираат овој избор – вели Џарлијева.
Надворешниот изглед на објектите во кои се сместени градинките воопшто не е привлечен. Речиси сите се наоѓаат во стари згради или бараки, но внатре има сосема поинаков свет. Секоја просторија за дечињата е поделена на мек дел наменет за читање и релаксација и на потврд дел во кој има столчиња, маси и играчки. На сите ѕидови се залепени различни материјали за учење и секојдневни фрази напишани на многу светски јазици, како и многубројни цртежи и изработки на децата што ја посетуваат таа градинка.
Работното време на англиските градинки е слично како и на тие во Македонија. Во Англија тие најчесто работат до 18 или до 18.30 часот, бидејќи повеќето родители се на работа до 17 или 17.30 часот и во просек им треба околу еден час да стигнат од работа до дома.
Бројот на децата во групата зависи од големината на градинката, при што најчесто групите бројат од 15 до 20 дечиња. Кај помалите групи до 2 години, една воспитувачка е одговорна за најмногу 3 деца, додека кај поголемите групи една може да се грижи за максимум 4 деца. Додека се во градинка, децата имаат 3 оброци и две ужини.
– Родендените ги слават со носење на омилената книга во градинка и ја читаат заедно со другарчињата. Во последно време не се носат ни торти ни бонбони поради алергии и зголемувањето на свеста за здравата исхрана кај населението. За среќа, надвор поминуваат што е можно повеќе време. Во зима барем еден-два часа ако дозволува времето, а во лето речиси цел ден се надвор. Дури и оброците им ги служат во пикник стил. Во Англија времето е навистина непредвидливо, а децата обожаваат да играат на воздух без разлика на времето – раскажува Џарлијева.
Наставната програма во градинките е иста на ниво на целата земја, а во наставата се користат многу различни методи. Децата многу цртаат, сликаат, а имаат и посебно катче кое содржи различна современа технологија. Тие сами прават пластелин во градинката и многу често го користат бидејќи е и одлична подготовка на мускулите за пишување. Последната година во градинка учат да читаат и да пишуваат. За децата до 2 години родителите секој ден добиваат устен и писмен извештај од воспитувачите за тоа како му поминал денот на детето. На крај на секое тримесечје родителите можат да одат на родителска средба во градинката и да разгледаат што сè работело и постигнало нивното дете.
Градинките во Англија се прилично скапи за стандардот на луѓето. Цената за згрижување деца до 2 години е повисока, при што во просек во Лондон еден ден во градинка чини 80 фунти (94 евра), додека месечниот престој е 1.600 фунти (1.885 евра) за 5 полни дена неделно. Некои градинки нудат и можност детето да ја посетува градинката половина ден за половина цена.
– Сите видови згрижување деца се скапи и затоа најчесто мајките со 2 деца во градинка се враќаат на работа само за да ја задржат позицијата додека не почнат децата во школо – потенцира Џарлијева.
Според неа, градинките во Англија имаат многу повеќе позитивни страни отколку негативни.
– Најголем плус е структурата на денот со бескрајни активности според желбите и талентите на секое дете и тоа колку време се поминува надвор. Единствен минус е тоа што родителите мора да работат и многу често ги праќаат децата болни или недоизлечени, па и другите деца се разболуваат често – завршува Џарлијева.
912