Колку и да е забавно опремувањето на детскиот простор, постојат правила, совети и препораки чие почитување ќе му помогне на родителот, а на детето ќе му овозможи безбедна средина и услови за правилен раст и развој.

Со архитектот Лидија Маленкова разговаравме на што да се внимава кога се опремува детската соба, како да се избере мебелот, како да се постави, а ни даде и практични совети за родителите

Кога се очекува бебе или кога тоа ќе се роди, родителите прво размислуваат за креветот, душекот, прекривката… Потоа го уредуваат местото каде што најмногу го поминува времето. Додека детето расте, му обезбедуваат катче за играње, за дружење, па работен простор, биро, фиоки, библиотека… Нормално, секој според можностите.

Каков треба да биде распоредот на мебелот во собата во која престојува детето?

– Распоредот на мебелот во просторијата каде што престојува детето поголем дел од денот треба да биде во функција. Или, поточно, во неа треба без препреки да се извршуваат работите. Најчесто грешиме кога несоодветно го правиме распоредот на детската соба или кога ставаме бариери што го оневозможуваат движењето во собата. Комуникацијата – од влез во соба до кревет, а потоа од кревет до гардеробер и слично – треба да биде непречена.
Распоредот на мебелот зависи и од местоположбата на вратата и на прозорците, од големината на собата, како и од ориентацијата на собата. Така, на пример, најдобро е кога детето во лежечка положба може да гледа накај вратата за да може да види кој влегува или излегува.

Како треба да се реши осветлувањето во просторијата каде што спие детето?

– Треба да се внимава на осветленоста или затемнетоста на местото каде што ќе спие детето. Со ролетни, завеси или украсни драпери треба да му овозможиме доволно темнина или светлина, зависно од тоа што прави, дали спие или пишува домашна работа.

Колкаво треба да биде детското креветче?

– Сите знаеме дека бебешкиот период на мало креветче со димензии 60/120 сантиметри или 70/140 пребрзо поминува и на детето потоа му треба кревет со димензии за возрасен. Дури, според моето искуство во внатрешно уредување, родителите одлучуваат да обезбедат и малку поголем кревет, на пример 120/200 сантиметри за да може и мајката или таткото да легне до детето додека му чита приказни за добра ноќ, а во текот на ноќта детето да има простор за удобно спиење и вртење. Така, мој совет е родителите, ако имаат можност, на почеток да позајмат мало креветче.
Ако се работи за дете што немирно спие или премногу се врти, се монтираат соодветни штитници за да не падне од креветот. Препреките или штитниците не треба да бидат изработени од метал затоа што тој држи ладно. Добро е да се од дрво или преработка на дрво, а најдобро е да се тапацирани со сунѓер или со друг мек материјал. Тие, на пример, во текот на денот може да се користат и како декоративна перница на креветот. Дизајнирањето на креветот за дете е процес кој заслужува време за да биде во соодветна функција и да соодветствува во собата. Има и други додатоци или конструкции што се изработуваат и се корисни.

На што да се внимава кога бебето ќе почне да лази?

– Во периодот кога бебето ќе почне да лази и да се потпира на одреден мебел за да се исправи на ножињата, мебелот не треба да биде изработен од стакло, да нема остри рабови и да биде од метал. Но, секако, не можеме повеќекратно да го приспособуваме мебелот во текот на растењето на детето. Можеме да го тргнеме во некој агол или да го покриеме со мека прекривка за да не се удри детето.
Би било добро да ја тргнеме јамболлијата од подот поради тенките влакна и привремено да ја замениме со гумени детски плочи во боја, кои се практични за одржување. Постои можност во постудените простории под тепихот да се постави тенка топлинска изолација, која лесно се наоѓа кај нас.
Инаку, би сакала да потенцирам дека за секој дом, а и за секое дете решението е индивидуално.

Каде се поставува работното биро?

– Работното биро се поставува во близина на прозорец или се внимава ако детето пишува со десна рака, светлината при работа да паѓа од лево на десно или под прав агол однапред. Така нема да си прави сенка при пишувањето. Постојат уште многу правила за распоред на просторијата за да биде функционална.

Според Вашето искуство, дали родителите веднаш ги прифаќаат советите?

– Во текот на моето работење имам различно искуство со клиентите. Генерално, штом ќе побараат помош, најчесто ги прифаќаат советите. Има и такви што ги следат трендовите на интернет и по списанија и знаат како треба да се дојде до решение за уредување на просторијата. Но, по кратко време испаднало дека навистина треба да имаат доверба во стручното лице, кое подобро ги знае работите.
Добро е родителите правилно да размислат во однос на дизајнот бидејќи децата брзо растат и ги менуваат ликовите од цртаните што ги обожуваат. Така, ликови може да бидат „присутни“ во собата, на пример, на постелнината или во вид на голема мека играчка. Не е практично да се дел од скап мебел кој ќе му здосади на детето по една година.
Главната препорака од архитект е, ако се во можност родителите, најголемиот дел од мебелот да го набават од масивно дрво или од варијанти на дрво. Тоа е природен материјал кој нуди огромни можности за обработка. Завршниот изглед е со многу можности и му дава топлина во домот.

 



912

X