Која и да е причината што детето дава отпор да оди во училиште, во суштина станува збор за силни и непријатни емоции кај него, страв, анксиозност, ниска сигурност и самодоверба, недоверба кон околината, вели психологот Јанакиева-Заева

Кога детето е под голем стрес и не сака да оди во школо, може да се жали на симптоми како болки во стомакот, страв, главоболки, несоница, чести вртоглавици… Има многу деца што не сакаат да одат на училиште и цела низа причини за отпорот. Со Борјана Јанакиева-Заева, психолог, семеен и системски советник, разговаравме за нив, за тоа како да се препознае проблемот, кога да се побара помош, како да му се помогне на детето…

Што покажува Вашето искуство, има ли многу деца што не сакаат да одат на училиште?

– Повикувајќи се на моето искуство, можам да кажам дека отпорот кон училиштето е многу честа појава кај децата. Сѐ почесто слушаме загрижени родители затоа што нивните деца не сакаат да одат во училиште или имаат отпор кон училиштето.

Кога најчесто се појавува отпорот?

– Отпорот на детето или несакањето да оди во училиште може да се појави во секој момент, но ако треба да определиме некоја возраст или период, тоа e помеѓу 5. и 7. година и 11. и 14. година. Tоа се тие преодни развојни фази кога детето поаѓа и се адаптира во училиште и кога преминува од одделенска во предметна настава, значи кога треба да се справи со новите промени.

Зошто се случува?

– Причините за ваквата појава може да бидат различни. Детето не сака да оди во училиште ако се чувствува емоционално некомпетентно да одговори на барањата во училиштето, а тоа најчесто е придружено со тешкотии во социјалните вештини. Од друга страна, тука се притисоците од родителите, па детето добива страв од одговарање за да не погреши. Тогаш детето е под голем стрес и тоа се манифестира со симптоми: како болки во стомак, анксиозност, главоболки, чести вртоглавици. Тоа дете во училиште има намалени концентрација и внимание, бргу се заморува и за кратко време му опаѓа концентрацијата. Многу често како причина за отпор кон училиштето во последниот период се среќава и зависноста на децата од екраните, која исто така се поврзува со слаби социјални релации и тешкотии во учењето. Детето тогаш потешко се снаоѓа во реалната ситуација и тешко ја напушта својата комфорна зона. Тоа може да одбива да оди во училиште ако се случиле промени во семејството (развод на родители, загуба во семејството, конфликти и недоразбирања меѓу родителите, промена во семејната динамика…). Тогаш едноставно нема да сака да оди во училиште поради страв и загриженост за родителите. Имало и случаи кога детето (најчесто во раната училишна возраст) има непрепознаени тешкотии во учењето, поради што тешко ќе ја следи наставата и ќе доживее неуспех кој не е соодветен на неговите интелектуални способности, и тогаш покажува отпор кон училиштето (на пр., ако детето има проблеми со видот или слухот, а поради одредени причини не бил откриен, или присуство на дислексија, дисграфија). Детето што има проблем со сепарација (раздвојување) од родителите, односно со мајката, исто така не сака да оди во училиште, и тогаш отпорот, односно училишната фобија е премногу изразена. Најчесто тие деца не посетувале или не биле дел од претшколски групи и активности и се многу зависни од родителите. Тогаш детето одбива да остане само во училиште, па манифестира и панични напади, страв од врсници, од звуци и други стравови. Поради неможност да се оддели од родителот, често и ќе отсуствува од настава или ќе следи настава во присуство на родителот. Страв и отпор кон училиштето може да се појави ако детето е изложено на исмејување или насилство од страна на врсниците, т.н. булинг. Toa се случува најчесто кај деца што се потивки, мирни и со помала самодоверба. Тогаш детето изложено на таков стрес одбива да оди во училиште, депресивно е, се жали на болки во стомакот, главоболки, има проблеми со спиењето.

Како се чувствуваат децата притоа?

– Која и да е причината, во суштина станува збор за силни и непријатни емоции кај овие деца, страв, анксиозност, ниска сигурност и самодоверба, недоверба кон околината. Кога детето одбива да оди во училиште, предизвикува непријатно чувство и стресна ситуација за родителите и за целото семејство воопшто. Поради тоа, овие семејства се обраќаат за помош и неопходно е да побараат совет од психолог или психотерапевт за надминување на состојбата.

Како може да им се помогне?

– За да можеме да му помогнеме на детето, најпрво мора внимателно да ги откриеме причините поради кои се јавил отпорот кон училиштето. Што е тоа што го вознемирило? До кој степен е изразен отпорот или стравот од училиштето? Некогаш е потребна стручна консултација само со родителите, ако причина се слабо поставени граници, непостоење на правила, па детето лесно манипулира. Кога станува збор за поизразени стравови од училиштето, неопходно е стручното лице да биде во релација со родителите, детето и наставникот. Некогаш е потребно да се изготви соодветен план со училишниот тим за тоа како постепено и дозирано детето да се вклучува во настава и да го надомести пропуштеното, поради отсуствата. Онаму каде што отпорот се јавил поради тешкотии во следење на наставата, се предлага во соработка со наставникот да се разработат дополнителни методи и техники кои би му помогнале на ученикот. Вклучување професионална помош и воспоставување релација со детето, семејството и училиштето се неопходни кога причината за страв од училиштето е насилство врз ученикот. Тие негативни емоции понатаму влијаат врз други области од животот на детето.

Што покажува искуството, за колку време може да се намалат непријатните чувства кај детето?

– Времетраењето за редуцирање на непријатните чувства и отпорот зависи од личните карактеристики на детето, од околните фактори, од кои причини се предизвикани, од подготвеноста на сите засегнати страни за промена и вклучување во процесот. Отпорот и стравовите кон училиштето може успешно да се надминат ако се правилно и навремено третирани.

Сакам да кажам дека раната подготовка за поаѓање на детето во училиште е исто така од исклучителна важност за да се избегнат или намалат стравовите или отпорот кон училиштето. Таа подразбира намалување на стресот и кај родителите и кај детето. Значајно е вклучувањето на детето во предучилишни програми заради поттикнување на неговата независност и на самодовербата, а и за олеснување на раздвојувањето од родителите. Битно е насочување кон активности за развивање на социјалните вештини, учење техники за релаксирање, создавање позитивен став и пристап кон училиштето и од страна на родителите и од страна на детето, уште на самиот почеток. Учество во спортски активности или во други групи што порано во животот е исто така добар избор за справување со неуспехот и за градење самодоверба. На тоа секако влијае и топлата и пријатна семејна атмосфера исполнета со поткрепување на позитивното однесување кај детето.

Колку семејството влијае врз овој проблем, а колку училиштето?

– Семејството е најважно, како што споменав и претходно. Родителите треба да разговараат со своето дете за тоа како се чувствува и со тоа да му помогнат да го намали непријатното чувство. Да зборуваат за позитивните ефекти од одењето во училиште. Треба да направат средба со училишниот психолог или стручната служба, да го охрабрат да спортува или да се вклучи во други активности, поттикнувајќи ги самодовербата и сигурноста кај него.

И училиштето има посебна улога и големо влијание. Тоа, исто така, треба да соработува со родителите, детето и другите стручни лица што се вклучени или е потребно да се вклучат. Имено, училиштето е заедница во која детето треба да се чувствува убаво, компетентно и да се подготвува за животот на возрасните. Училиштето треба да ги мотивира децата да стекнуваат нови знаења, да соработуваат и да си помагаат, и така да го унапредува менталниот развој. Потребно е училиштата да имаат побогати програми и разработени стратегии, како и индивидуален пристап во справувањето со таквите проблеми. Да се креираат и реализираат повеќе проекти и активности за збогатување и ширење на детските искуства. А, исто така, значајно е и да имаат повеќе програми преку кои ќе бидат вклучени и родителите. Колку е поголема вклученоста на родителите како партнери, толку полесно ќе се справиме со проблемот.



912

X