Пубертетот е период на растење и формирање на идентитетот, првите љубови и романтични врски, па и зголемен интерес за сексуалностa. Децата во овој период сигурно имаат многу прашања поврзани со сексуалноста, но дали би им ги поставиле на родителите? Веројатно не, но токму поради тоа е важно родителите да го поттикнат разговорот за сексуалноста за на тинејџерите да им дадат сигурни информации.

Веќе пред влегувањето во пубертетот вашите деца би требало да бидат запознаeни со тоа што е пубертет, што е сексуален однос, кои се ризиците од сексуалниот однос (сексуално преносливи болести, бременост). Но, ако веќе сте разговарале на тие теми, обидете се да проверите колку  знаат вашите деца за сексот и дајте им сигурни информации. Во пубертетот вашите разговори за сексуалноста повеќе би требало да бидат насочени на социјални и емоционални компоненти од сексуалноста.

Кои теми треба да се отворат?

Сексуално-преносливите болести и заштитата

Важно е да ги едуцирате децата за последиците што ги носи сексуалниот однос бидејќи децата често не се свесни. Многу родители веруваат дека разговорот за сексуалноста може да ги поттикне децата порано да стапат во сексуални односи, но всушност поголемата информираност ја зголемува кај децата одговорноста што ја носи со себе сексуалниот однос. Исто така, младите често имаат заблуда околу некои многу важни факти кои е добро да се истакнат. Нагласете дека е можно да се забремени со „методот на повлекување“, дека е можно да се забремени додека девојката има менструација, иако се помали шансите, дека сексуално-преносливите болести може да се пренесат и по пат на незаштитен орален секс.

Заљубеност и врски

Иако на возрасните првата заљубеност може да им изгледа смешно, тинејџерите ја сфаќаат многу сериозно и важно е да ги уважите нивните чувства и ставови за љубовта, додека во исто време можете да ги изнесете и вашите ставови (на пример, кога луѓето ќе се заљубат, можат да бидат преплавени со чувства и поради тоа им е тешко да ја согледаат личноста објективно, па дури по подолго време можеме да стекнеме доверба во некоја личност). Зборувајте за поврзаноста во љубовта, доверувањето и сексот (на пример: Мислам дека за уживање во сексот важно е на таа личност да ѝ веруваме и да ја сакаме, што мислиш ти за тоа?). Пожелно е да се зборува за здрави и нездрави врски, како да се препознаат, па ќе му поставувате прашања на детето за да видите во каква врска се наоѓа (на пример: Како изгледа една ваша кавга? Што се случува кога не се согласувате околу нешто? Во кои ситуации се чувствуваш повреден/а од партнерот?). Со оглед на тоа дека многу тинејџери се плашат дека партнерот ќе ги остави ако не стапат во сексуален однос, добро е да се нагласи дека во здрава врска партнерот има право да каже „не“ за сето она што не го сака, вклучувајќи го и сексуалниот однос.

Притисок од врсниците

Како што веќе веројатно знаете, во овој период на децата им е важно мислењето на врсниците, па често се изложени на притисокот од врсниците за што порано да стапат во сексуални односи. Поради тоа, добро е да се отвори оваа тема и пред сѐ да се покаже разбирање за нивната потреба да се вклопат во друштвото, а потоа да се коментира дека сексот не е начин да го задржат момчето или девојката или зајадливите пријатели. Понатаму, помогнете им да научат како да препознаат дали се подготвени за секс. На пример, можете да зборувате за емоционалните последици што сексот ги носи со себе – како негативните (на пример, можни чувства на повредување, искористување по сексот ако го имаат пред да се спремни), така и за позитивните (на пример, уживање, поголема поврзаност). Можете да истакнете дека сексот не е единствениот начин на кој може да изразат љубов и привлечност, туку тоа можат да го прават и преку прегратка, бакнежи, допири, танц, разговори и слично.

„Не“ значи „не“!

Со оглед на тоа дека многу луѓе, па така и младите и понатаму веруваат дека силувањето не е силување ако жртвата била пијана, ако носела (според нив) провокативна облека, ако се однесува на заводлив начин и ако не се бранела физички, добро е да се испитаат ставовите на децата и да се коментираат. Истакнете им на тинејџерите дека никој не смее да ги присилува на секс (без разлика дали флертувале со таа личност, првично сакале да стапат во сексуален однос, провокативно се облекле и сл.), како и дека тие немаат право да присилуваат некого на секс. Зборувајте за хипотетички загрозувачки ситуации и за начините за заштита (на пример: Што би направила ако се бакнуваш со момчето, а тој инсистира да одите понатаму иако си му рекла „не“?).

Сексуален идентитет

Вообичаено е тинејџерите да се прашуваат дали се хомосексуалци и можат да бидат збунети околу својата сексуална ориентација. Ако вашето дете е збунето по ова прашање, можете да му објасните дека сега почнува да ја истражува својата сексуалност и дека привлечноста може да му се промени со текот на времето, но дека е во ред и ако не се промени. Земете предвид дека сексуалната ориентација не е избор, не може произволно да се промени, туку е вродена и децата најчесто веќе од 13 години знаат дека се хомосексуалци или бисексуалци и тоа не се менува. Па така, ако вашето дете не е збунето и ви се доверува дека го привлекуваат лица од ист пол, важно е тоа да го прифатите. На многу родители ова сознание им е тешко поради сопствените негативни ставови кон ЛГБТ-заедницата, а и поради реалните стравови дека детето може да доживее насилство, осуда од страна на другите и слично. Но, и покрај тоа што можеби ќе се чувствувате непријатно, важно е да имате на ум дека на вашето дете сигурно му е многу потешко. Чувството на страв и загриженост поради неизвесноста за тоа како ќе реагира семејството кога ќе дознае за неговата сексуална ориентација, како и стравот дека ќе ги изгуби пријателите, се многу присутни, па на тинејџерите им е потребна голема поддршка и безусловна љубов.

На кој начин да разговарате?

Користете ги секојдневните ситуации како можности за мини-разговори наместо еден голем разговор. На пример, додека гледате телевизија, коментирате вести или луѓе од секојдневни ситуации (на пример, додека гледате филм во кој тинејџери вршат притисок врз врсниците бидејќи уште немале сексуални односи, можете да прашате: „Што би направил ти во ваква ситуација? Дали и тебе ти се случило нешто слично?“). Отворете теми поврзани за сексуалноста кои знаете дека ги мачат поголемиот дел од тинејџерите и пред самото дете тинејџер да ви се довери (на пример: „Мислам дека многу тинејџери размислуваат како сексот ќе им помогне да ја задржат девојката/момчето. Што мислиш ти за тоа?“).

Изразете ги своите ставови и послушајте ги ставовите на своето дете

Важно е вашиот тинејџер да знае кои се вашите ставови за сексуалноста, љубовта, врските (на пример: „Сметам дека си премлада за стапување во сексуални односи“), а и вие да ги сослушате нивните. Земете предвид дека потенцирањето на вашиот став не значи дека тинејџерот ќе го усвои, па затоа е добро да се остане објективен (на пример: „Иако не би сакале да брзаш со сексот, ако тоа се случи, важно е да користиш заштита…“).

Немојте да претпоставувате

Иако младите се опкружени со мноштво информации, не значи дека имаат сигурни информации. Всушност, многу често се во заблуда, па затоа е важно да се провери какви информации имаат и како би можеле да им ги дадете оние сигурните.

Признајте му на детето дека ви е непријатно, но секако продолжете да разговарате

Што ако дете ви признало дека веќе е сексуално активно? Иако вам тоа може да ви биде тешко за слушање, обидете се да запомните дека држењето лекции или осудувањето нема да има позитивно влијание и дека е позитивно самото тоа што детето ви се доверило вам, па вие можете да му дадете сигурни информации за сексот, контрацепцијата итн.

Многу тинејџери нема да сакаат да разговараат со родителите за сексуалноста, особено ако никогаш со нив не разговарале на оваа тема. Ако тоа се случи, обидете да истакнете дека е природно да не им е пријатно, но дека е важно да разговарате за тоа. Ако досега не сте разговарале со децата на овие теми, почнете со едноставни теми како врски, притисок од врсниците и слично. Но, ако и покрај вашите обиди тинејџерот одбива да разговара со вас на темата сексуалност, не го присилувајте го на разговор, туку набавете му едукативни книги, насочете ги да разговараат со друга возрасна личност од доверба или експерт.

Среќно!

Автор: Ивана Лукичевиќ, магистер по социјална работа



912

X