Американскиот психолог Сузан Њуман, која напишала книга за задачите за родителите со едно дете, вели дека карактерот на детето нема многу голема врска со тоа дали тоа пораснало само или со браќа и сестри.

Најчестиот мит е дека децата-единци се разгалени. Дека не е така, потврдува фактот дека многу разгалени деца има и во семејства со повеќе браќа и сестри, главно оние помладите. Њуман истакнува дека многубројни истражувања во последните 30 години ги разбиваат митовите за децата-единци и докажуваат дека кај нив не е забележана разлика во однесувањето во однос на нивните врсници.

Секако, нивното однесување во голем дел зависи од воспитувањето на родителите. Долго време се сметаше дека децата-единци се помалку комуникативни во споредба со децата што имаат браќа и сестри. Секако, децата-единци најнормално се развиваат бидејќи имаат интеракција со другите деца во паркот, на училиште и за време на играта.

Предноста што ја имаат е тоа што поминуваат повеќе време разговарајќи со родителите, но и со другите возрасни, а токму овие длабоки интеракции позитивно им влијаат на развојот.


Друг мит е дека овие деца се осамени. Но, како што вели Сузан Њуман, вистината е сосема поинаква. Истражување спроведено во 2010 година во Велика Британија покажува дека многу деца што биле жртви на малтретирање од постарите браќа и сестри всушност биле длабоко несреќни, за разлика од децата-единци кои се поштедени од овие негативни искуства.

Исто така, тие одамна научиле самите да се забавуваат и да си играат, па не се чувствуваат осамено. Стереотип е и дека децата-единци им шефуваат и наредуваат на сите околу себе бидејќи навикнати се да бидат во центарот на вниманието. Шефувањето и наредувањето на другите, исто како и разгаленоста, еднакво постојат во семејствата со повеќе деца.

Против овој мит зборува и фактот дека децата-единци најчесто сакаат да бидат во друштво токму поради тоа што немаат браќа и сестри. Затоа тие и повеќе се трудат да бидат прифатени во играта и во општеството. Исто така, со децата-единци се поврзува и митот дека бараат многу, но Њуман вели дека детето бара толку колку што ќе му дозволат родителите.

Родителите на две или повеќе деца најдобро знаат дека карактерот на детето навистина многу влијае, како и дека истите воспитни мерки не се применливи еднакво на сите. Она од кое децата-единци во семејството имаат придобивки е неподеленото родителско внимание.

Со оглед на тоа дека фокусот секогаш е на нив, им се развива чувство за сопствена вредност и самодоверба. Исто така, со оглед на тоа дека никој не ги споредува со браќата или сестрите, своите успеси си ги припишуваат исклучиво на себе, а и тоа придонесува за зајакнување на самодовербата.

Извор



912

X