Растењето подразбира стекнување и самодоверба и самопочит. Додека за самопочитта најважен е родителот и неговиот однос со почит кон детето, самодовербата треба детето да ја стекне самото, така што ќе ја поставува и гради на сопствените успеси. Затоа излегуваме од комфорната зона и им дозволуваме на децата да бидат свои на своето, далеку од стаклените ѕвона на потрошувачкото општество.
Кога размислуваме за самостојноста, главно имаме на ум посакувана одлика на возрасна, зрела личност. Сепак, многу често се занимаваме со самостојноста во контекст на нејзин недостиг, како кај децата на различна возраст така и кај оние кои, барем календарски, ги сметаме за возрасни. Самостојноста може да ни изгледа како апсолутна категорија која некој ја поседува или не ја поседува и потоа велиме дека не е самостоен или е зависен од другите. Меѓутоа, сите некаде согледуваме дека самостојноста и зависноста се само два краја од исто јаже, односно дека се работи за димензија, па самостојноста е одлука која кај некого е изразена во одреден степен.
Можеме да замислиме како во текот на животот се качуваме по тоа јаже и достигнуваме сè поголем степен на самостојност.
Освојувањето на самостојноста започнува од раѓањето. Во тој природен процес бебето се впушта водено од желбата за животот. Тоа вложува огромен напор за секојдневно да прави мали развојни чекори и секој самостоен чекор за него тоа претставува триумф, кој му дава сила да се качува и понатаму.
За самостојноста е потребна сигурност, цврста база на која се потпираме, силна основа од која можеме да се пуштиме кон светот. За да чувствуваме дека имаме сигурно упориште, потребно е на почетокот некој да ни дозволи да бидеме зависни. Кога имаме чувство дека постои некој кој ќе се огласи на нашето довикување, ќе препознае што ни треба, ќе умее да ги задоволи нашите потреби и ќе остане со нас дури и кога не може, тогаш сме сигурни дека смееме да се обидеме самите да зачекориме и дека нема да биде страшно ако не успееме, бидејќи ќе паднеме во нечија прегратка.

Многу е тешка улогата на оној од кого на почетокот толку зависиме. Тој треба да биде во состојба да поднесе дека сме мали и постојано нешто бараме и дека е неопходен и одговорен за нас, а потоа, наспроти тоа, треба да ни дозволи да се обидеме самите и да го поднесе фактот дека во тој момент не е потребен, а тоа да не го налути, да не го растажи и да биде подготвен повторно да не прегрне кога ќе почувствуваме потреба за тоа.
Кога тој наш најважен друг – нашиот родител, не би бил во состојба да ја поднесе нашата потреба да се потпреме на него, ние не би се почувствувале сигурни и не би посакале да стоиме сами. Колку и да нè турка, тогаш не би вредело, само самостојното исправување би донело до тоа стабилно да стоиме. Од друга страна, кога не би можел да ни дозволи да станеме сами кога ќе се почувствуваме спремни, ние никогаш не би триумфирале, не би се почувствувале силни и колку пати и да нè става на нозе, би паѓале како свеќи во неговиот сè поизморен скут. Затоа улогата на родителите е толку тешка.
Родителот треба да почувствува до каде треба да нè придржува, а кога да не пушти да се обидеме самите.
И бидејќи нема секогаш да бидеме успешни, да поднесе дека му се враќаме по малку утеха и поддршка, не со желба да направи нешто наместо нас, туку некое време повторно да нè „трпи“ за да собереме храброст да се обидеме самите повторно.
Ако се сетиме на првото посегање, првото фаќање играчка, првото седење и првиот чекор, првото фаќање на лажицата и првиот залак кое детето само го донело до устата, првото облекување папучи, првото облекување тренирки, првата кула од коцки, првите чкртања и сето друго што детето успеало да го направи првпат, на тие слики секогаш има насмеано детско лице, тие успеси го воодушевуваат детето и тоа ги прославува.
Решенијата што сме ги пронашле сами оставаат длабока трага во нашиот мозок, прашање на кое подоцна можеме да се навраќаме и да го одговараме по сто пати. Ајде да бидеме тие што ќе ги препознаат таквите моменти и ќе го гледаме задоволно своето дете кое успева само, бидејќи сме му овозможиле да се почувствува сигурно и да посака да полета.