Добивањето место во јасли или градинка денес е слично на добивка на лотарија. Речиси во сите хрватски градови секоја година расте списокот со незапишани деца, што е јасен показател за недоволниот капацитет и недостигот на воспитувачи во предучилишните образовни институции.

Поради ова, сѐ повеќе родители мора да се снаоѓаат на други начини. Минатата година некои родители изјавиле дека биле принудени да ја напуштат работата за да останат дома и да се грижат за своите деца. Има и такви што се благословени со баби и дедовци, а има и приватни градинки и бизниси за згрижување деца, но денес и за нив има сѐ подолги листи на чекање.

Затоа, неколку дадилки одговараат колку наплаќаат за чувањето деца и што сѐ е вклучено во цената.

Сара од Загреб има 21 година и веќе двегодишно искуство во чување деца. Таа се грижела за малечки деца на возраст од 7 до 12 месеци, 3 години и 5-годишно девојче во Швајцарија.

„Работата со деца ме прави многу среќна. Баба ми беше воспитувачка во градинка и сета љубов кон таа работа ја добив од неа“, вели таа.

Во моментов, повеќето барања се однесуваат на повремено чување деца

Еден час чини 5 евра и не е важно дали е ден или ноќ.

„Без разлика дали ми требаат полни 40 часа неделно или само чувам дете по потреба, мојата саатница останува иста. Свесна сум за ситуацијата во Хрватска и затоа се трудам да дадам што е можно поприфатлива цена. Родителите кои ме контактираат обично се презадоволни од понудата, а моментално најмногу имам барања за повремено чување деца“, открива таа.

Сара може да се пофали со одлично познавање на англискиот јазик, па покрај песни, игри и забавни активности, децата ги учи и на странски јазик. Освен тоа, додека детето спие, се труди да им олесни на родителите и да помогне во домашните работи. „Со оглед на тоа што во Загреб сѐ уште има голем број незапишани деца, верувам дека во есенскиот период ќе се зголеми побарувачката за дадилки“, вели таа.

„Работата со деца е динамична и инспиративна, понекогаш и предизвикувачка“

Матеа (32) од Сплит има повеќегодишно искуство со работа во јасли, градинка и деца од предучилишна возраст.

„Оваа работа ја имам работено во неколку наврати во текот на моето работно искуство, но секогаш сум среќна што се враќам на чувањето деца, од едноставна причина што најмногу ме исполнува работата со деца, имајќи предвид дека е динамична, инспиративна, а понекогаш и предизвикувачка, што е најголемата мотивација за мене лично“, вели таа.

Пред инфлацијата и воведувањето на еврото, нејзиниот час чинел од 30 куни до 35 куни (околу 240 до 280 денари на час), но сега е малку со повисока цена.

„Во моментов изнесува 6 до 7 евра за чување едно дете (во зависност од оддалеченоста), 10 евра за две деца и 13 евра ако има три деца истовремено. Мојата саатница е секогаш иста, без разлика дали работам наутро, попладне или преку ноќ. Во случај да договорам ангажирање со едно семејство по 40 часа неделно, износот на месечната плата би требало да биде најмалку 800 евра, сè што е под тоа – го сметам за неприфатливо, со оглед на тоа дека работата со деца е крајно одговорна“, објаснува таа.

„Дадилка е една професија, готвач е друга, а домашна помошничка е нешто друго“

Матеа е прилично јасна во однос на тоа што е вклучено во саатницата за чување деца.

„Во цената на мојата саатница како дадилка го вклучувам и она што треба да го подразбира работата, а тоа е исклучиво грижата и работата со детето. Морам да признаам дека наидов и на малку поинакви понуди каде што родителите бараа готвење, како и чистење на станот, но мојот став за ова е многу јасен: дадилка е едно занимање, готвач е друго, а домашна помошничка е нешто сосема различно, и таквите барања се, во најмала рака, обична експлоатација. Најлесно би го споредила сето тоа со индивидуални хотелиери, каде што во некои хотели може да се види истиот човек на рецепција, да е задолжен и за појадок и подоцна да ги чисти собите“, посочува таа.

Забележала и дека поради немањето места во градинките, побарувачката за дадилки е зголемена, па работи на бизнис-план и планира да отвори сопствен бизнис за дневен престој на деца следната година, а во меѓувреме одлучила да полага повеќе курсеви, за да се здобие со што повеќе официјални надлежности.

„Во секое семејство приоритет ми е детето и квалитетната работа со него“

Елена (60) има 12-годишно искуство во згрижување деца.

„Мојот час изнесува 8 евра, обично работам 20 часа неделно. Покрај тоа што се грижам, готвам едноставни оброци, ја чистам кујната по употреба, ја организирам детската облека. Во секое семејство приоритет ми е детето и квалитетната работа со него. Готвење и чистење следува ако може да се постигне со детето. Уживам да работам со деца, се развивам со нив, учам, преку големата одговорност што ја носи оваа работа. Гледам дека има голема побарувачка за дадилки, само што, за жал, многу семејства не можат да ја платат потребната сума“, вели таа.

Најниски цени за чување деца има во Славонија, највисоки во Загреб

Од хрватското здружение на дадилки велат дека повеќето дадилки имаат цена меѓу 260 и 530 евра. Најниски се цените во областа на Славонија, а највисоки во Загреб и другите поголеми градови.

„Побарувачката за услугите на дадилките расте. Добиваме барања од родители во текот на целата година, а во време кога се актуелни уписите во градинките, бројот на барања се зголемува, па имаме по неколку барања дневно. Затоа повеќето дадилки имаат листа на чекање, а најбарани се за деца на возраст од 1 до 2 години, кои обично остануваат со дадилките додека не тргнат на училиште“, вели Данијела Јерковиќ, претседателка на Управниот одбор на директори при Хрватското здружение на дадилки.

Таа додава дека има зголемување на бројот на дадилки во Хрватска, на кои ова им е занает.

„Дали ќе се отворат места за овој занает во одредена област, најмногу зависи од тоа дали градот или општината ќе ги кофинансираат активностите на дадилките во таа област или не. Најголем пораст на занаетите за згрижување деца имаме во Загреб“, заклучува таа.

Автор: Сара Срдар Жиљак

Извор



912

X