Не е во никаков интерес на детето при двајца способни и присутни родители да му се додели само на еден од родителите, освен кога другиот родител не е заинтересиран или од објективни причини (едниот родител живее во странство) или кога родителот не е подобен (осуден за семејно насилство, зависник, душевно болен на начин што го спречува да се грижи за детето), вели Рибароски

„Заедничко и одговорно родителство и по развод“ е името на групата на Фејсбук која неодамна прерасна во регистриран Центар за рамноправно родителство „Децата пред сѐ“. Наум Рибароски е претседател на овој новоформиран центар, кој ќе се залага за воведување заедничко родителство по развод, како и за спречување на родителското отуѓување преку строго санкционирање на лажните пријави за насилство и педофилија. Оваа организација ќе работи на спречување трајно иселување од земјата на деца до 14 години со едниот родител без согласност од другиот родител.

Со него разговараме за тоа дали е возможна мисија заедничкото растење и воспитување на децата по развод, дали треба да постои примарен и секундарен родител.

Неодамна формиравте Центар за рамноправно родителство. Зошто го формиравте ова здружение? За што ќе се залагате?

– Морам веднаш да кажам дека иако здружението е нов субјект, ниту сме ние нови луѓе ниту заложбите ни се нови. Здружението е природна еволуција на тоа што беше претходно граѓанска иницијатива за заедничко родителство по развод, во ситуација кога како неформална група на граѓани не успеавме да ги направиме промените за кои се залагаме. Сѐ почесто во институциите каде што лобираме ни беше укажувано дека нашите заложби би имале повеќе тежина ако доаѓаат од здружение отколку од неформална група на граѓани. И затоа решивме да го направиме и тој чекор, да се организираме формално и да продолжиме понатаму. Нашите заложби останаа исти – воведување заедничко родителство по развод како прв избор за родителите кои се разведуваат, односно мора да има докази дека едниот родител е незаинтересиран, неподобен или не е во можност да спроведува заедничко родителство за овој концепт да не биде применет. Ова е целосна спротивност на сегашниот концепт на доделување на детето на чување и воспитување на само еден родител по развод – концепт кој е прегазен од времето и практиката и докажано е на штета на децата. Ова повлекува и други промени – поинаква пресметка и исплаќање алиментација, задолжително советување со психолози за родителите кои се разведуваат и за нивните деца, нова институција која ќе се грижи за спроведување на решенијата на центрите за социјална работа и ќе може да ги казнува несовесните родители итн. Од особено значење се и нашите заложби за спречување на родителското отуѓување преку строго санкционирање на лажните пријави за насилство, педофилија итн. и спречувaње трајно иселување на деца до 14 години со едниот родител без согласност на другиот родител.
Нашите заложби уште од 2019 година се преточени во предлог-измени на Законот за семејство и два предлог-правилници кои фалат во нашите институции – правилник за изработка на родителски планови (видување) и правилник за пресметка и плаќање алиментација. Тоа значи дека не дискутираме со институциите за идеи, туку за конкретни промени преточени на хартија.

Кој сѐ може да членува кај вас?

– Немаме посебни ограничувања. Добродојдени се сите родители што на своја кожа го чувствуваат сегашниот нефункционален закон преку недоволен или изгубен контакт со своите деца, други роднини (баби, дедовци, тетки, чичковци) кои се индиректно, но еднакво силно засегнати што не ги гледаат своите внуци само затоа што се роднини на тој родител кој институциите го сведуваат на секундарен (спореден) родител, како и луѓе кои воопшто го немаат тој проблем, но ги поддржуваaт нашите заложби.

Сечија партнерска приказна е индивидуална и има свои специфики. Но, во кои случаи заедничкото родителство по разделба на партнерите е возможна мисија?

– Разводот е разделба на родителите, не треба да биде разделба и од децата. Во мнозинството случаи родителските способности на разделените родители не се намалени, тие се еднакво добри родители и покрај разделбата од другиот родител. Според тоа, реалноста е дека заедничко родителство е возможна мисија при најголем дел од разводите и таа реалност треба законодавецот да ја признае. Не е никаков интерес на детето при двајца способни и присутни родители да му се доделува само на еден од родителите, а со другиот родител контактите да се ограничат до крајна мера. Единствени случаи каде што не е возможно заедничкото родителство се случите кога едниот родител не е заинтересиран, кога не може да се спроведе од објективни причини (на пример, едниот родител живее во странство) или кога едниот родител не е подобен (осуден за семејно насилство, зависник, душевно болен родител на начин што го спречува да се грижи за детето итн.). Во таа насока се и нашите предлог-законски измени – заедничко родителство за сите, освен ако нема некој од погоре наведените исклучителни случаи.

Дали кај нас е голем бројот на родители што се попречени, односно им е оневозможено да си ги гледаат децата и покрај тоа што имаат решенија за видување од Центарот за социјални работи?

– Да, тоа е вториот проблем. Првиот проблем е што решенијата за видување се премногу рестриктивни за секундарниот родител. А потоа доаѓа проблемот кога примарниот родител не го почитува решението за видување и едноставно не го пушта детето да се види со другиот родител.
Центрите за социјална работа немаат ефикасен лек за овие ситуации. Ако го видиме законот, таму се споменуваат постапки кои Центарот може да ги преземе во такви ситуации (на пример, доделување на детето на период од две недели кај секундарниот родител ако примарниот родител не се придржува до решението). Но, тонот на законот е таков што Центарот МОЖЕ, а не МОРА или не ТРЕБА да преземе нешто. Ова најчесто резултира во непреземање никакви мерки. А и ако се преземат некакви мерки, на пример, Центарот да поднесе кривична пријава против несовесниот родител, тогаш се влегува во долга постапка која најчесто завршува без каква било пресуда против несовесниот родител. Што и да се случи, во случаите кога едниот родител сака да го отуѓи детето од другиот родител, најчесто успева во тоа без да сноси никакви последици. Како резултат на ова, се зголемува бројот на несовесни родители кои гледаат дека користењето на детето како оружје против другиот родител е возможно поради нефункционирање на системот и самите решаваат да тргнат по тој пат. И така, се зголемува бројот на отуѓени деца, односно деца кои остануваат сираци при двајца здрави и прави родители. Несовесните родители не гледаат дека му прават долгорочна штета на детето, убедени се дека му прават добро и нема кој да им укаже дека грешат. Затоа, еден од нашите предлози е и задолжителна работа со психолог за родителите кои влегуваат во развод и за нивните деца.

Дали има начин да се промени ова и како?

– Секако дека има начин и тој е веќе измислен во земјите кои многу порано ги уочиле и ги елиминирале овие девијантни појави. Тоа решение е дел и од нашиот предлог-закон, а се состои од формирање посебна институција која на самото место ги уочува состојбите при непочитување на решението. Тоа подразбира теренски тимови кои реагираат ако едниот родител пријави непочитување на решението, со цел да утврдат дали децата се оправдано спречени да го видат другиот родител или се работи за злонамерно однесување на родителот кај кого се децата. Во случај да утврдат неоправдано непочитување на решението, оваа институција би имала право да изрекува опомени, парични казни, па дури и да поднесува кривични пријави против несовесните родители. Практиката покажува дека постоењето на овие т.н. семејни извршителски служби во значителна мера ја зајакнува функцијата на социјалните служби и превенира деструктивно однесување на кој било од родителите.

Како правно се решени овие односи меѓу разведените родители и децата во развиените земји?

– Морам да напоменам дека не сите развиени земји го имаат воведено концептот на заедничко родителство. На пример, Германија и Велика Британија го немаат. Од друга страна, го имаат земјите од Бенелукс, Скандинавија, повеќе од половината држави во рамките на САД, но и помалку развиени држави, на пример, Романија, а и Бугарија тргнува по тој пат. Значи, секоја држава сама решава дали ќе воведе заедничко родителство, но ова е иднината на семејното законодавство. Решенијата се такви како што ние ги предлагаме – заедничко родителство за сите, освен ако не се докаже дека тоа не е можно поради исклучителните ситуации што ги споменав погоре. Ова, заедно со зајакнувањето на социјалните служби, праведна пресметка и плаќање алиментација и сет мерки кои спречуваат злонамерно отуѓување на детето доведува до
суштинско подобрување – мирни разводи, минимум тензија меѓу родителите и многу полесно пребродување на разводот од страна на децата.



912

X