Доколку се помали, полесно е, а доколку родителот има позитивен став кон училиштето, наставниците, учењето, лесно ќе ги мотивира децата со задоволство да одат на училиште. Помагаат и некои ситни мотиватори, како интересен училиштен прибор, убава облека, саканата книга, вели училишниот педагог Убавка Бутлеска

По речиси тримесечен распуст на повеќето ученици не им е лесно да се вратат во училишното секојдневие. Ова е особено тешко за оние деца што немале никакви обврски поврзани со учење и биле целосно посветени само на игра. Прашавме наставници и педагози како родителите може да им помогнат во овој период, како повторно да се мотивираат и да си ја вратат желбата за учење.

Позитивен став кон училиштето и учењето

Аида Петровска, наставничка по физика во скопското Основно училиште „Димитар Миладинов“, вели дека ако ученикот доаѓа во училиште мотивиран, љубопитен и со желба да се здобие со нови знаења, почетокот на учебната година нема да му претставува проблем и лесно ќе се справи со училишните обврски. Таа смета дека интерната и екстерната мотивација се пресудни за успехот на учениците во сите фази во нивното учење, дури и на самиот старт од учебната година. Клучни мотиватори се наставниците, но тоа не значи дека помалку важни се родителите, како и поголемиот круг од семејството.
– На сите деца родителите им се модели, односно пример за идентификација. Ако родителот во своето секојдневие чита книги и се надградува, се едуцира, со тоа на децата им покажува дека учењето и знаењето се важни, па и тие така ќе се однесуваат. Убаво е со своите деца да се разговара и да се споделуваат интересни факти од некоја книга или нешто ново што сте го научиле од книгите. Ваквото однесување создава позитивен став кон училиштето и кон учењето, а и учениците се позадоволни од престојот и третманот во училиштето. На овој начин тие ќе придобијат внатрешна мотивација и ќе нема потреба од награди и казни. Мотивираниот ученик ќе учи за знаење, ќе биде подисциплиниран, нема да препишува, туку ќе си ја заработи оценката со труд – објаснува Петровска.

Никој не знае сѐ

Оваа наставничка исто така потенцира дека учениците немаат ист интерес кон сите предмети, но повторно родителот има клучна улога при развивање на интересот кон одредени наставни предмети.
– Денеска ни се достапни разни интернет-ресурси од повеќе области и можат да се користат како помошни средства во наставата. Доволно е родителот да најде нешто од областа за која неговото дете не пројавува интерес, да прочитаат заедно и да го посоветува да побара објаснување од наставникот. Така, со нетрпение ќе го чека одговорот.

Аида Петровска

Учениците имаат страв од погрешни одговори затоа што често другарчињата им се потсмеваат. Треба да им објасните дека никој не знае сѐ и дека не треба да им се потсмеваат на другарчињата за незнаење, туку ако знаат, да го споделат знаењето со дозвола од наставникот – вели Петровска.
Исто така, важно е децата да се дружат со соучениците и надвор од училиштето, па и за време на распустот. Според неа, тимската работа ги зајакнува одделенските врски. Создава средина на припадност и сигурност.
– Ако се држиме до овие мали и навремени совети, ќе имаме интересна и успешна учебна година – вели таа.

Научете ги да си поставуваат цели

Педагогот Убавка Бутлеска од Основното училиште „Манчу Матак“ од Кривогаштани вели дека сите често се прашуваме што се случи, зошто денешниве деца не чекаат со нетрпение да се вратат на училиште.
– Ние одвај чекавме, а и не паметам нешто посебно родителите да нѐ мотивираа за тоа. Но, секако, сѐ е променето, и ние како родители и условите во кои растат децата, третманот на училиштето и наставниците, па веројатно потребно е и да се интервенира. Доколку се помали, полесно е, а доколку родителот има позитивен став кон училиштето, наставниците, учењето, лесно ќе ги мотивира децата со задоволство да одат на училиште. Помагаат и некои ситни мотиватори како интересен училиштен прибор, убава облека, саканата книга. Но, како што растат, станува потешко – вели Бутлеска.

Убавка Бутлеска

Проблемот секако дека не се решава во неколку дена или неделата пред тргнување на училиште. Бутлеска вели дека е потребно континуирано позитивно воспитување од најмала возраст, со посебен акцент на следниве работи:

* Научете го детето да си поставува цели во животот: до полугодие ќе прочитам 4 книги, во ноември ќе почнам да тренирам одбојка, секоја вечер ќе пишувам дневник, секое утро ќе си го местам креветот, по математика ќе имам четворка итн. Пред учебната година нека си постави и поважни цели: оваа година ќе поминам многу добар, ќе одам на натпревар по информатика и сл. Истражувањата покажале дека децата што поставуваат цели се помотивирани и нештата ги сфаќаат посериозно.

* Научете ги да преземаат одговорност, ако не учат, тоа е нивна грижа, а не ваша. Добиената оценка е таква каква што ја заслужиле и тоа е тоа, прифатете ја и вие за и детето да ја прифати и да преземе одговорност за неа, па да сака и да ја поправи доколку може. Тешко е ова, но доследноста се исплатува долгорочно.

* Помогнете им во учењето доколку можете. Да, на децата им е потребна помош, некои и сами ќе ја побараат, ама понудете ја. Не е многу тешко да им помагате некое време, ако треба и седнете со нив по некој предмет. Само, не е во ред секоја домашна и секоја лекција да ја учат со вас, никогаш да не седнуваат да учат без вас, ова не е помагање.

* Не забранувајте ги играњето и дружењето кога ќе почне училиштето, детето секој ден има потреба од игра со другарчињата, секако, пронајдете и поттикнувајте вакво време.



912

X