Светлосното загадување го нарушува биодиверзитетот на одредени инсекти и растенија, предупредува младата екологистка Костантина
Седумгодишната Костантина Андонова од Битола е дел од група ученици од целиот свет кои го подигнаа гласот против светлосното загадување. Таа доби почесна награда на меѓународниот натпревар организиран од NUCLIO – Интерактивен астрономски и иновациски центар, како дел од проектот Dark Sky Rangers (Ренџери на темното небо), кој од 10 март до 17 јуни 2022 година се одржа во Португалија.
Стотици ученици и студенти од цел свет испратија свои раскази, истражувања и видеоизлагања за овој проблем, кој на многумина не им е познат и му треба поголем публицитет.
Андонова, ученичка во трето одделение во Основното училиште „Даме Груев“ во Битола, чиј ментор беше наставничката Летка Степановска, е наградена во категоријата ученици од 6 до 12 години. Во сите три возрасни категории беа доделени 8 награди.
Со гасењето на светлото ѝ помагаме на Земјата да го зачува мирот
Костантина во својот расказ ги опиша негативните ефекти врз живиот свет што ги дава вештачката светлина предизвикана од човечкиот фактор, особено изразена во урбаните центри.
– 26 март 2022 година, секогаш ќе го паметам датумот, тоа беше ноќта кога оваа приказна започна. Се подготвувавме за спиење, непосредно пред да потонеме во светот на соништа и се сеќавам дека мајка ми рече: „Време е“. Јас и сестра ми молчевме, и сите светла во куќата веќе беа исклучени. Беше темно, а тишината се чинеше дека шепоти. Моите љубопитни очи бараа одговор, гласот на мајка ми го скрши тишина: „Не плашете се, ние симболично ѝ помагаме на нашата прекрасна планета Земја да го зачува мирот и спокојството што ние луѓето ѝ ги одзедовме, како и на остатокот од живиот свет“, пишува во почетокот од расказот.
Потоа на двете сестри близначки мајка им им објаснува како со тоа што ги исклучиле светилките ќе ѝ помогнат на планетата.
„Па, драги мои, има инсекти, птици и други живи суштества кои ја претпочитаат ноќта да бидат будни, да ловат и да преживеат. Но, ние луѓето, за жал, со прекумерното осветлување, без разлика дали е тоа светлината на улиците или светлечките реклами, го нарушуваме нивниот живот… Тоа е фатално за молците, кои се привлечени од блескавите светла, па умираат од топлината. Некои видови пајаци избегнуваат светли области, додека други плетат пајажина директно на бандера. Бидејќи светилките привлекуваат многу инсекти, тие им стануваат плен на пајаците, овој вид станува подоминантен од оние што избегнуваат светлина, односно се менува синџирот на исхрана. Промената во активноста на ноќните инсекти може да ги промени и стапките на преживување на растенијата што цветаат ноќе“, пишува во расказот.
Двете сестрички прашуваат што можат да направат за да го спречат светлосното загадување? Мајката ги подучува: „Да не претерувате со осветлувањето, користете соодветни улични светилки од кои нема да се дифузира светлината предалеку, повремено да се исклучат светлечките реклами. Девојчињата на крај заклучуваат дека треба да ѝ бидат покорни на природата, да се среќни за сиот раскош што го оставила за нас и да умеат да ја чуваат бидејќи е бесценета.
Младата авторка посочува дека светлосното загадување секоја година расте за 2 проценти, поради што е основана Меѓународната асоцијација за темно небо. Тоа е организација која спроведува еколошки акционен час на планетата Земја за да ги потсети луѓето на негативните ефекти што ги предизвикуваат.
Стотици објекти лансирани во вселената
На натпреварот и другите учесници понудија фасцинантни податоци поврзани со светлосното загадување и неговото влијание врз биодиверзитетот, здравјето и правото на ѕвездено небо. Лиеа Еусоја од Филипини, добитничка на втора награда, пишува дека туристичките знаменитости, како Ајфеловата кула во Париз, Емпајер стејт билдинг во Њујорк и Бурџ калифа од Дубаи преку ноќ нудат гламурозно светлосно шоу, но по која цена? За трите туристички дестинации потребна е електрична моќност од 67,5 милиони вати на дневна основа.
Густаво Сантос од Португалија, добитник на трета награда, се повикува на студија спроведена од три универзитети која открива дека бројот на сателити и вселенски отпад што орбитираат околу Земјата наметнува многубројни ограничувања на вселенските операции и астрономијата. Објектите на надморска височина помеѓу 1000 и 2000 километри можат директно да бидат осветлени од Сончевата светлина. Оваа рефлексија од Сонцето врз објекти кои орбитираат предизвикува тие да бидат помешани со ѕвезди, менувајќи го составот на ѕвезденото небо. Во 2021 година во вселената биле лансирани повеќе од 1.800 објекти како сателити, сонди и летала со екипаж, додека на почетокот на векот, во 2000 година, само 121. Европската вселенска агенција проценува дека околу 900.000 објекти поголеми од еден сантиметар во моментов кружат околу Земјата и повеќе од 128 милиони помали од 1 cm. Истата студија заклучува дека нивото на светлосно загадување на Земјата е зголемено за околу 10% со вселенскиот отпад.
Костантина и сестра ѝ се учеснички на многу натпревари
Ова не е единствен натпревар на кој има учествувано Костантина. Учествуваше и на меѓународниот натпревар за дигитален цртеж „Space art contest“, организиран од EAAE (Европска асоцијација за астрономска едукација). Добитничка е на трета републичка награда за песничката „Втораче“, во организација на здружението „Златно перо“. Заедно со сестра си Љубица Андонова учествуваше и на меѓународниот натпревар на тема „Земја“, организиран од ESA space for kids (Европска научна агенција за деца) каде што се дел од победничката галерија.
Фото: приватна архива
912