Децата што почнале да читаат на 5-годишна возраст, во текот на подоцнежното школување читаат полошо од децата што подоцна го совладале читањето.

– Многу просветни работници ми се жалат дека се под голем стрес, толку многу што размислуваат да се откажат, поради притисокот да ги научат малите деца и да ги оценуваат. Тие се сведоци на тоа колку се несреќни децата поради тоа и сметаат дека децата би научиле многу повеќе преку игра и дружење. И науката ја потврдува нивната позиција – пишува психологот за развој Питер Греј.

Многу студии покажаа дека раното учење на училишниот материјал, иако првично ги подобрува резултатите, всушност води до регресија на долг рок, особено во однос на социјалниот и емоционалниот развој, објаснува тој.

Во Германија, уште во 70-тите години била направена споредба помеѓу 50 градинки фокусирани на детската игра и 50 фокусирани на учење училиштен материјал. И покрај подоброто претходно познавање на децата од втората група, до четврто одделение од основното образование децата од првата група значително ги надминале во секој поглед. Раните ученици постигнале полоши резултати во математика и читање, како и во однос на социјалната и емоционалната зрелост.

Поради овие сознанија, во Германија, и покрај светскиот тренд, се откажале од раното учење и се вратиле на играње во градинките. Слични истражувања во САД ги дале истите резултати. Раните успеси и предноста во однос на децата што играат брзо бледнеат кај децата кои рано почнуваат да учат. Згора на тоа, како што покажало долгорочно истражување, на 23-годишна возраст децата од групата што рано почнале да учат имале поголеми шанси да направат кривично дело во споредба со нивните врсници кои ги минувале своите предучилишни денови играјќи.

Која би можела да биде причината за ваквите последици од раното учење? Греј смета дека нагласувањето на успехот и напредокот има негативни последици врз децата кои се подложени на рано учење. За разлика од нив, децата што многу играат учат да се согласуваат со другите, да ги планираат своите активности, да ги надминуваат разликите и да станат поодговорни.

И други експерти за детски развој ги нагласуваат погрешните сфаќања за тоа како учат децата.

– Играта често се смета за незрела активност која не постигнува ништо, но без неа нема развој, контрола на чувствата и внимание – вели Дејвид Вајтбред, психолог од Кембриџ.

Искуството на играта ги менува нервните врски во предниот дел на мозокот, кој не постои без играта, вели Среѓо Пелис од Универзитетот во Алберта во Канада. Овие промени се неопходни за созревање на центарот за контрола на извршните функции на мозокот, кој ги регулира емоциите, планира и решава проблеми. Играта го подготвува младиот мозок за живот, љубов, учење.

– Оваа игра мора да биде целосно слободна – без тренери, правила, инструкции. Без разлика дали станува збор за градење коцки, градење замок од песок или нешто друго, децата треба да си создадат свои правила. Супрафронталниот кортекс на тој начин создава нови нервни врски кои ги регулираат сложените општествени односи – објаснува Пелис.

Со проучување на животните, научниците откриле дека играта го активира целиот неокортекс и дека една третина од гените што ги проучувале значително се промениле по само половина час играње.

– Кај луѓето, играта развива социјални вештини кои водат до подобри перформанси на училиште – објаснува Пелис, цитирајќи студија која покажала дека децата со подобри социјални вештини во трето одделение имале подобри оценки во осмо одделение.

– Ова е веројатно и причината зошто земјите со подолги училишни распусти имаат подобри ученици – заклучува тој.

Џеј Гид, невронаучник од Универзитетот во Сан Диего, ја посветил својата кариера на проучување како се развива мозокот од раѓање до полнолетство. Неговото мислење е дека децата помали од 7-8 години не се приспособени на дидактички објаснувања, туку на активно истражување. Кај децата од предучилишна возраст, класичното учење ја убива желбата за истражување.

Притисокот на малите деца да научат да читаат е особено штетен.
Писменоста постои само 6.000 години и мозокот не е еволуциски предодреден за толку сложена задача. Тоа не е вештина која се стекнува спонтано како одењето. Една студија од Германија, од 2012 година, покажа дека децата што почнале да читаат на 5-годишна возраст, за време на подоцнежното школување читале полошо од децата што подоцна ја совладале оваа вештина.

Извор



912

X