Ако сакаме да одиме напред како општество, мора да ја развиваме креативноста и да го зголемуваме употребното, функционално знаење на децата.

За тоа зошто денешните деца имаат проблеми со концентрацијата, каде најмногу грешат наставниците во работата со децата, дали можат да се поправат раните грешки, зошто денес децата се сè послаби за „Зелена учионица“ зборува д-р Ранко Рајовиќ, автор на НТЦ-системот за учење, член на Менса и на Комитетот за талентирани деца, татко на четири деца.

Знаеме дека најчестите грешки на родителите главно се поврзани со ограничувањето на децата и нивните природни потреби да се развиваат и да истражуваат. Се разбира, тоа се несвесни грешки и многупати сте зборувале за тоа. Но, каде најмногу грешат воспитувачите и наставниците?

-Родителите се први и најважни учители и тие влијаат речиси врз секој аспект од детскиот развој. Многу зборувам за грешките што несвесно се прават, но би додал и нешто друго. Не е потребно децата да се трупаат со играчки бидејќи од нив и нема многу корист. Детето сосема убаво си игра и кога има помалку играчки, па со својата фантазија додава елементи за да ја разубави играта. Важно е родителите да ги препознаат интересите на детето, па преку тие специфични интереси да се активираат мисловните процеси, нови идеи, а така се развива и креативноста. На пример, ако детето сака диносауруси, нека му купат 3Д-диносауруси, сложувалка со диносауруси. Можат да му купат и атлас од светот, па детето ќе ги научи и државите во светот бидејќи го интересира територијата каде што тие живееле, потоа може да гледа филмови на таа тема, да му купат мали фигурички од диносауруси со кои ќе може да создаде многу нови игри и сцени. Сите тие активности придонесуваат за развој на креативноста. И кога детето ќе тргне на училиште, тој истражувачки дух, фантазијата и креативноста мора да ги поттикнуваме и понатаму.
Прво што учителите мора да знаат е дека ликовно, музичко и физичко образование се многу важни во периодот на интензивен развој на мозокот, а тоа е до дванаесеттата година.

Не е сосема точно дека музичко и ликовно ја активираат само десната, а математиката, граматиката и логиката – левата половина од мозокот. Мозокот е орган кој и не можеме толку лесно да го делиме на две различни половинки. Секој дел има своја функција, но тие работат заедно и работат синхронизирано. Најголема површина од кората на големиот мозок ја заземаат асоцијативните регии и според распореденоста може да се види колку се важни. Затоа е важно да се активираат синхронизирано, а идеален начин е свирење инструмент и комплексни движења. Од моите истражувања јасно е дека за вкупниот развој на биолошкиот потенцијал мораме да ги активираме сите регии заедно и во периодот на развој на мозокот не можеме да ги делиме на активности на левата и десната половина. Мораме да ги активираме (и тоа синхронизирано) големите регии на мозокот, па многу е важно во периодот на развојот, особено до 12-тата година, што повеќе внимание во училиштето да им се посвети на предметите ликовно и музичко образование.
Физичкото образование е исто така важно бидејќи на детето му треба што повеќе движење. Во истражувањата спроведени во САД и во Канада, во периодот од 2008 до 2010 година, се докажа дека доколку нема доволно аеробни активности, може да дојде до намалување на длабоките структури во големиот мозок, а тоа може да ги намали когнитивните способности на детето.
Уште една работа е важна за учителите и наставниците. Тоа е фактот дека репродуктивното учење е најнизок вид учење и мора да користиме други, поефикасни методи и така да им помогнеме на децата полесно да го совладаат материјалот во училиштето и да научат да мислат и да ги поврзуваат информациите.

Споменувавте дека најголем проблем на нашиот образовен систем е што се концентрира на репродуктивно учење. Дали може да го објасните тоа?

Ако ја гледаме физиологијата на мозокот, тогаш репродуктивното учење е најниско ниво на учење. Тоа е толку ниско ниво, што често велам дека репродуктивното учење речиси и да не постои за мозокот. Ученикот кој така учи мора да ја повтори лекцијата по 10-20 пати и пак ќе ја заборави. Но, ако ги користиме знаењата од физиологијата, тогаш е јасно дека мора да направиме исчекор и да користиме методи кои мозокот полесно ќе ги прифати, меморира и научи. Со такви методи се занимава НТЦ-системот на учење и користиме разни игри, кои учениците така ги доживуваат, а попатно и многу учат. Тогаш сфаќаат дека учењето може да биде и игра, а кога секојдневно ќе почнат да работат на тој начин, тоа го прифаќаат со задоволство бидејќи за брзо ги гледаат резултатите. Добиваат самодоверба, немаат страв од училиштето, оценките се подобри, повеќе ќе научат и подолго ќе го паметат тоа, а што е најважно – при овие методи мора постојано да мислат.
Целта на НТЦ-методите е да го развиваат мислењето, што за жал не е изразено кај учењето напамет. Тоа е една од најважните причини за успех на НТЦ-програмата и токму затоа оваа програма ја доби и наградата на светската МЕНСА во 2015 година, за придонес во развој на општеството во целост.

Дали можете да направите паралела меѓу начинот на кој вашата генерација била воспитувана и начинот на кој родителите денес ги воспитуваат своите деца? Дали работите се смениле кон подобро или кон полошо?

Мислам дека генерално децата се сè послаби. Се разбира дека некое дете ќе се истакне со своите способности, но мислењето на учителите (работев неколку истражувања) е дека денес децата се послаби во споредба со децата пред 10 години во неколку области што ги испитувавме: моторички, математичко-логички, речник и општи познавања.
Родителите секако имаат влијание врз тоа, а најголемиот проблем е преголемата заштита и родителите што ги извршуваат сите работи наместо децата. Вториот проблем е недостигот на движење и сложени моторички активности. Пред 30 години децата од утро до мрак беа во движење, а оделе на спиење во 20 часот. Денес децата сè помалку се движат, не се на игралиште, туку пред ТВ, играат видеоигри и слично. Не сум против компјутерите, но мора да знаеме да им одредиме граница на децата.

Познато е дека проблемот на денешните деца е поврзан со тешкотиите во концентрацијата. Што да направиме да го превенираме тоа и како да го решиме проблемот кога ќе се појави?

Не е само концентрацијата проблем, тоа е комплексно прашање. Развојните пречки се во пораст, има сè повеќе деца со пречки во говорот или имаат пречки кога пишуваат или читаат, не можат да сметаат, немаат концентрација, не можат да ја запомнат лекцијата. Тешко е да се даде одговор на тоа, иако често слушам дека проблемот е во генетиката. Сепак, мислам дека не е само тоа, дека големо влијание има промената во опкружувањето. Ние сме резултат на приспособување и илјадници и милиони години луѓето се развивале во интеракција со околината. И тоа се случувало постепено. Денес опкружувањето многу брзо се менува, а знаеме дека истото влијае врз развојот на когнитивните способности. Сигурно дека опкружувањето може да влијае и позитивно, но и негативно. Мислам дека кај развојните пречки се случило негативно влијание од страна на опкружувањето, пред сè поради грешките што родителите ги прават во развојниот период на детето. Преголемото заштитување е проблем. Детето не ги развива своите биолошки способности поради родителите кои се уплашени дека ќе падне, дека ќе се повреди, дека ќе скрши рака или нога… Нормално е детето да падне, така што улогата на родителите е да обезбедат опкружување каде што можноста за повреда се сведува на минимум, а не да го ограничуваат детето – на пример, ако скока, нека скока во плитка вода, на песок, на трева, а не на кревет. Но, ако скока и на кревет, тогаш околу креветот не смее да има шишиња, чаши, лего-коцки.

Движењето е важно и секогаш се полесни движењата во природа, во парк, во шума отколку во стан. Затоа советот до родителите е – носете ги децата на планинарење, на прошетки, на игралишта. Тогаш сите регии од кората на големиот мозок се поврзуваат, што подоцна помага во процесот на учење во училиште, па нема да има толку проблеми со учењето и концентрацијата.

Во која мера наставниците можат да влијаат врз децата и да ги исправат грешките што ги прават родителите?

Тешко е да се поправат грешките на родителите, па многу е важно да ги едуцираме и родителите, и воспитувачите, и учителите. Сите мора да се занимаваме со овој проблем бидејќи единствено така можеме да помогнеме детето да ги оствари своите биолошки способности. Ја напишав книгата „ IQ на детето, грижа за родителите“, како и прирачникот „Како успешно да се развива IQ на детето низ игра“ за да им помогнам на родителите и воспитувачите да не прават големи грешки и да ги научам да ги поправат (ако веќе направиле некаков проблем во развојот на детето). Ја имаме и страницата www.ntcucenje.com каде што обработуваме одредени теми кои се интересни за родителите, но и за воспитувачите и учителите, па така дополнително им помагаме на сите да ги уочат и исправат грешките.



912

X