Игротека

Ранко Рајовиќ советува како најдобро да го искористите периодот на изолација со децата

– На децата ова ќе им остане во убави сеќавања. Не знам кога сме имале ситуација да поминеме толку долго време сите заедно – вели Рајовиќ.

Направете распоред

– Не е исто да работите со дете од четири или пет години или со поголемо дете. Најлошо решение е да им дадеме видеоигри, лаптопи, и еве ви два-три часа. Тоа не оди така. Мора да се направи распоред – вели Рајовиќ.

Тој препорачува дневна рутина: вклучете ги децата во приготвувањето на појадокот, ручекот и вечерата. По појадокот следуваат обврски, за постарите онлајн-училиште, додека помладите може да гледаат интересни емисии за животни.

– Потоа доаѓа ручекот и негово приготвување. Потоа слободно време. Секое дете попладне ќе добие слободно време, час или час и половина, можеби два. Оставете ги да прават што сакаат, да гледаат некој филм, некоја емисија, па дури и видеоигра. Потоа доаѓа приготвувањето на вечерата. Потоа гледање некој семеен филм, децата заедно гледаат со родителите. Малите деца обично се земаат в прегратка, заедно се читаат книги – советува Рајовиќ.

Страв и правила

На прашањето како на децата да им се објасни коронавирусот и зошто поради епидемијата не можат да одат надвор, Рајовиќ советува:

– Децата се исплашени, мораме да им кажеме за вирусот, дека е сериозно, но дека не треба да се грижат, дека не е опасно ако се придржуваме кон правилата.

Како да му се објаснат правилата?

– Знаеме дека детето се допира по лицето, по главата, дневно можеби и по сто пати. И сега воведуваме игра. Не можеме да кажеме: „Не смееш да се допираш, тоа е опасно“. Не вреди. Мора да му го објасниме тоа преку игра. Што правиме? Играме. Ќе направиме некоја табела и велиме: Кој ќе се допре по лицето, губи бод, имаме десет бода, тоа е почеток. Детето гледа како мајката или таткото се допираат по лицето и вели: „Вие се допревте“. И тогаш веднаш си одземаме бод. И на крај, ако некој се допре десет пати, тој губи дента. И ќе видите, за два-три дена детето нема да се допира. И ќе внимава на родителите.

Во врска со епидемијата на коронавирусот, тој препорачува да им повторуваме дека не е опасен за малите деца.

– Да не се грижат за себе. Дури не е опасен ни за родителите, опасен е за баба и дедо и затоа помалку ќе ги гледаме, можеби нема да одиме кај нив додека ова трае, за да ги заштитиме. Јас често велам: децата немаат доволно информации. И потоа може да се случи погрешно да ги поврзат работите, а тоа е голем проблем. Затоа на детето мораме да му даваме информации. Којзнае што се случува во неговата глава, има една информација, друга, а нема трета, четврта, но има петта. И погрешно ги поврзува. И веднаш почнува стравот. Често децата не го покажуваат овој страв, туку го држат во себе, вели Рајовиќ.

Емоции во цртежите

Едно од решенијата за да видиме како децата се чувствуваат, дали задржуваат нешто во себе, се цртежите.

– Нека нацртаат како изгледа нивната земја од фантазијата. И додека цртаат, точно гледате како се чувствуваат. Црна земја, исплашена земја, земја што плаче. Значи, гледајте ги цртежите на земјата. Не сум психолог, но малку прочитајте низ литературата. Детето често низ цртежите покажува како се чувствува во тој момент. Нека црта секој ден, земја од фантазија или омилените растенија, омилените животни, својот дом. Родителите ќе можат да следат дали цртежот е ведар, дали има ведри бои, дали има сонце…

Детето треба да заплаче

– Важно е да разберете дека детето го доживува стравот поинаку од нас. Тоа нема механизам како нас за обработка на стравот. Детето треба да плаче. Тоа е како некој да ви рече: „Еј, немој да се смееш“, а вам ви е смешно. Па вие уште повеќе ќе се смеете.

Правете им полигони

Како голем проблем што се јавува во изолацијата д-р Рајовиќ ја истакнува агресивноста што се јавува кај децата кога се затворени подолго време.

– Зошто? Мозокот е орган за преживување, а мозокот мора да се движи, да научи каде сме, што сме, што е горе, што е долу. И затоа децата имаат огромна енергија. Најголема енергија имаат децата од третата до седмата година. И мораат да се движат. Без движење стануваат нервозни – вели Рајовиќ и како решение за оние што немаат двор и се затворени во стан предлага полигони.

– Еве што би направил за мали деца. Да речеме дете од три-четири години. Гледаме што сака да прави и според тоа правиме полигон. И јас имам четири деца, знам што сакаат да прават. Родителите седат во дневната, читаат весник, гледаат телевизија. Доаѓа малото дете и ги плаши родителите. Секако, мора да се преправаме дека сме исплашени. И потоа доаѓа и уште дваесет пати го прави истото. Што да направиме кога ќе видиме дека доаѓа 20 пати? На вратата од детската соба поставуваме ѕвонче и ластик како „пајакова мрежа“. Детето поминува, ние велиме: „Марија, те слушнавме!“ И потоа се враќа назад бидејќи ја забележавме дека доаѓа. Е потоа, Марија за минута, две, три, ни ја влече раката, главата, ногата за да нè исплаши. Ние се плашиме и таа си оди. Таа 20 пати ќе помине низ „пајаковата мрежа“ – наведува пример.

Односот на родителите во изолација

Во затворен простор, особено на подолг период, може да се појават тензии и агресија и кај родителите.

– Многу долго сме со децата во домот, тоа ќе им остане цел живот, тоа е период што ќе го помнат. И затоа е важно да не се карате пред децата. Но, сега родителите имаат дополнителен притисок. И кај родителите што се затворени 5, 10, 20 дена ќе се појави агресивност. Мора да се воздржите заради детето. Ако родителите имаат проблем, јас би им препорачал да одат во друга соба, да се смират малку, да разговараат и да направат план. Ако имате нешто за што треба да разговарате, почекајте десет минути, а не пред децата – советува Рајовиќ.

Ако ви се случи да се расправате, објаснете му на детето дека тоа е нормално, дека родителите се караат и се смируваат и тука нема ништо необично.

Индиректни пораки за помладите деца

– Така правам со моите деца. Велам: „Ајде те молам, оди до фрижидерот и донеси јајца да приготвиме појадок“. А детето вели: „Не сакам, гледам телевизија“. И како сега да се реагира? Под А: „Оди донеси јајца, мораш!“ или под Б: некој друг начин. И секако, сите помислувате: на некој друг начин – вели Рајовиќ.

– Еве како може да оди индиректната порака. Јас не правам ништо, ги земам јајцата, правам јајца на око, но вечерта кога доаѓа време за спиење, раскажуваме приказни. И измислувам некој јунак, секое дете има свој јунак. Измислувам име, еве нека биде Одисеј. Не знае детето кој е Одисеј, но велам: „Одисеј живееше со тато и мама дома, и има пет години“, истата возраст како и вашето дете. Одисеј оди кај баба му и дедо му на село. И баба му му вели: „Те молам, донеси ги јајцата од кокошарникот“. Одисеј ѝ вели: „Не можам бабо, играм“. Тогаш бабата оди да ги земе јајцата, но паѓа снег и е лизгаво. Таа паѓа и си ја крши раката. Оди во болница, ѝ ставаат гипс. Кога детето слуша, прашајте го: „Што требаше да направи Одисеј?“ и детето само ќе заклучи: „Требаше тој да оди по јајцата, а не бабата“. И детето сфаќа, разбира, па наредниот ден ќе оди по јајцата.

Предизвикајте ги децата

– Предизвикајте ги децата. На пример, залепете триметарска зелена лента низ подолга просторија и речете му: „Ова не е за тебе, ти си мал“. Детето гледа: како тоа не е за него?. „Немој, тоа е само за мама и тато“. И мама и тато кога поминуваат низ тој дел од станот одат стапало пред стапало по лентата, која ќе ја наречеме „магична линија“. Ако детето има четири години, велиме: „Тоа е само за деца постари од пет години“. Ако детето има пет години, велиме: „Тоа е само за деца постари од шест години“. И децата гледаат како мама и тато одат, па и тие одат. „Види, можам и јас“, велат децата, на што одговарате: „Браво, успеа“. Затоа тоа мора да го искористиме, детето сака да прави нешто што не може да го прави. Тој момент мозокот произведува хормон на среќа.

За да не им здосади таа магична линија, за два дена на таа линија ставаме црвена, сина и пак го повторуваме истото: „Ова не е за тебе, ова е само за големи деца“. Кога ќе дојдеме до црвената, двапати клекнуваме. Кога ќе дојдеме до зелената, три ротации. И детето почнува. Родителите ќе поминат пет пати на ден, а детето ќе помине 50. Па ќе ја потроши енергијата, нема да ви скока на глава, ќе се умори. Ќе заспие, па ќе имате време да направите некои работи додека спие.

За оние уморните, кои попрво би гледале натпревар, серија или филм, дава пример од своето искуство:

– Се сеќавам кога ќе дојдев од работа, немаше ваква состојба, секако. Но, работев во болница, имав 50 пациенти секој ден. Уморен одев по Данило да го земам од градинка. „Тато, сакам да си играме!“, ќе ми речеше тој. Како да си играм, не можам. И плус сакам да го гледам натпреварот. Но, велам: „Добро, ајде да играме“. Сакаше да брани и да биде голман. Јас лежам на троседот, гледам натпревар. Тој на двоседот. И му велам: „Ајде, сега ќе видиме како браниш“ и му фрлам топка. Тој се фрла, брани и јас му велам: „Браво Данило, ти си најдобар голман“. Два-три пати одбрани и му велам: „Супер игравме, оди сега, ене ти ги лего-коцките“. Тој вели: „Не тато, сакам да го играм ова“. Му велам: „Добро, но ако примиш гол, ќе мораш да направиш десет круга во дневната соба, на прсти“. Тој вели: „Добро“. Два-три пати фрлам, тој брани, а четвртиот му ставам гол. „Данило, десет круга на прсти“. Тој: „Не сакам“. „Па ако не сакаш, повеќе нема да играме“. „Добро, добро, сакам“. И отиде да ги направи десетте круга. Кога има некоја важна акција на телевизија, му давам гол, тој три-четири минути троши на некоја задача. Кога ќе помине акцијата, кога ќе има прекин на натпреварот, тогаш го оставам да одбрани. Така си игравме час и половина. Помина натпреварот, а тој ми вели: „Тато, јас повеќе не можам“. Јас му велам: Како, сега што ќе правиме?“ И тој легнува и заспива.

Сакам да кажам, ние сме тие што го создаваат нивното време. И кога веќе имаме таква ситуација, уморете го вашето дете, немате двор, немате парк, немате игралиште, ви останува само станот и вашата креативност. Ова решение е за родителите што имаат едно дете, затоа што на оние со повеќе деца ќе им биде полесно бидејќи си играат заедно.

Не решавајте им го проблемот со досадата

– Ако видите дека на детето му е досадно, не решавајте му го проблемот со досадата. Оставете го нека се мачи. Досадата е основа на креативноста, порачува д-р Рајовиќ.

Замката наречена пофалба

На губењето на самодовербата може да влијаат и претераните пофалби.

– Самодовербата е важна, да видиме кога ќе пофалиме, кога нема да пофалиме, кога ќе дадеме конструктивна критика. И родителите често паѓаат во замки. Премногу ги фалат своите деца. Ќе направат нешто, и тие: „Браво, браво, колку добро си го направил тоа“. И детето мисли дека е добро. Што ќе се случи тогаш? Тогаш нашето дете доаѓа меѓу другите деца и сфаќа дека не е толку добро, па ја губи самодовербата.

Оставете ги да учат од своите грешки

– Како го направи тоа, што направи, не може така! – ова е реакција што според д-р Рајовиќ никогаш не смеете да ја имате кога детето ќе погреши во нешто.

– Тоа не смее да се направи. На моите семинари дури и на студентите им кажувам дека грешките на некој начин се добри. Сите ја знаеме народната: Од грешките се учи. Еве сега гледаме зошто се учи на грешките.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top