Тешките ранци се сметаат за примарна причина за хронична болка во грбот и во вратот подоцна во животот. Тешките ранци го нарушуваат држењето на детето, па освен што предизвикуваат искривување на ‘рбетот и вратот, често оставаат последици и врз рамената, кои поради влечење паѓаат нанапред. Нарушена е и рамнотежата на движењето, па често се среќаваме со искривување на глуждовите, посочува ортопедот Антоније Хаџи Антоновски
При секој почеток на учебната година ортопедите апелираат да се внимава при изборот на училишните ранци и тежината што ја носат учениците на грб. Алармираат дека сѐ поголем број деца имаат проблем со ‘рбетот, а за тоа главни виновници се преполните ранци. Секако, и предолгото седење пред компјутер, недоволната физичка активност, лошиот избор на столчиња и работни маси…
Според ортопедот Антоније Хаџи Антоновски, препораките за ранецот се тој да тежи до 10 проценти од тежината на детето. Ако ги премериме ранците на децата, заклучокот е дека ретко кое дете ја носи препорачаната тежина и дека е голем бројот на децата што одат искривено со претежок товар на грб.
Децата и одат, и трчаат, и скокаат со претешки ранци
– Како родител и како лекар, многу сум загрижен за тежината на училишните ранци. Срцето ме боли кога ќе го земам ранецот на син ми, кој верувам дека постојано ги надминува сите правила и препораки за тоа колку треба да тежи училишниот ранец на детето во развој. Препораките се ранецот да тежи до 10 проценти од тежината на детето. На пример, дете од 20 килограми не треба да носи ранец потежок од два килограми. Но тоа правило кај нас не постои. Децата понекогаш носат и до 50 проценти од нивната тежина. Секако, оваа злоупотреба на детското тело, кое сѐ уште расте во овој период, не поминува без последици – посочува ортопедот Антоније.
Најчесто најголемите повреди кај децата се поврзани со ‘рбетот.
– Имено, не се работи само за одење со таа тежина на грб. Децата не размислуваат за последиците и често трчаат и скокаат со ранците. Уште полошо е кога се носи на едно рамо или многу ниско на грбот со лабави ремени. Последиците врз детското тело доаѓаат подоцна. Тешките ранци се сметаат за примарна причина за хронична болка во грбот и во вратот подоцна во животот. Тешките ранци го нарушуваат држењето на детето, па освен што предизвикуваат искривување на ‘рбетот и вратот, често оставаат последици и врз рамената, кои поради влечење паѓаат нанапред. Нарушена е и рамнотежата на движењето, па често се среќаваме со искривување на глуждовите – вели Хаџи Антоновски.
Најдобро решение се училишни шкафчиња
Како што објаснува тој, кај децата може да се појави трнење на рацете и поради тежината и притисокот на лентите.
– Моите препораки до родителите и наставниците се тежината на ранецот да се намали – да не се носат непотребни работи во него. Тешките работи треба да се спакуваат така што да бидат поблиску до телото, а полесните во делот од ранецот што е подалеку од телото. Исто така, никогаш не носете ранец на едното рамо, ремените треба да се добро затегнати, долниот дел од ранецот треба да лежи на почетокот на карлицата, а не надолу на задникот. Изборот на ранец треба да одговара на конструкцијата на детето, односно да не биде поголем од грбот на детето – изјавува ортопедот.
Според ортопедите, куферчињата на тркалца што во последно време се практикуваат, исто така, не се практични затоа што најчесто се возат со една рака и повторно доаѓа до искривување. А најдобра солуција е обезбедување шкафчиња во училницата, каде што би им стоеле книгите, а ранците би ги користеле само за работни тетратки и домашни.
Фото: приватна архива
912