Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Кога зборуваме за децата со развојни тешкотии и попречувања, раната интервенција се однесува на видовите терапии и службите што ги нудат овие терапии

Под рана интервенција се подразбираат сите мерки што се преземаат од раѓањето на детето до поаѓањето во училиште за да се унапреди неговиот развој, да се подобри и да добие поддршка, која му е потребна.

Раната интервенција се дава во центрите за ран детски развој и вклучува специјална едукација, терапија, советодавна работа со семејството и поврзување со другите служби за дијагностика, третман и вклучување во организираните облици на воспитно-образовно згрижување на децата.

Кога зборуваме за децата со развојни тешкотии и попречувања, раната интервенција се однесува на видовите терапии и службите што ги нудат овие терапии. Терапиите се специјализирани програми чија цел е да се унапредува детскиот развој. Во една служба може да се нудат една или повеќе терапии.

Пред да се почне со програмите од раната интервенција, треба да се постави дијагнозата на попреченоста за да можеме да знаеме со каква состојба се соочуваме и кој вид терапија ќе биде најсоодветен за постигнување најдобри резултати. Во зависност од дијагнозата и потребите на детето, терапевтот може да работи сам со детето, да работи со родителот и детето или да го вклучи во група деца.

Во случај кога не може да се постави точна дијагноза, тогаш се одредува степенот на доцнење во развојот и се изработуваат индивидуални развојни програми за стимулација, со чија помош детето ги достигнува развојните скалила.

Кај децата со развојни попречувања најчесто се изведуваат следните интервенции (терапии):

-Окупациона терапија
-Физикална терапија
-Говорна терапија.

Овие видови терапии се изведуваат во центрите за здравје (здравствените домови), во специјализираните центри за одреден тип терапија, во болниците или родителите се обраќаат приватно кај специјалисти – поединци што се стручни за одреден вид терапија. Во најголем број случаи терапиите се комбинираат за постигнување подобри резултати кај детето.
Постојат и служби во кои се нудат терапии и поддршка за децата со посебни видови отстапувања, како што се аутистичниот спектар, церебрална парализа, слушно и визуелно оштетување.
Понекогаш родителите ги одбираат и алтернативните терапии, при што добиваат совет лично да истражат за искуствата од нив и да ги земат предвид трошоците. Овие видови терапии не се научно засновани и изборот го прави исклучиво семејството, а не стручната служба за рана интервенција.
Сите видови терапии треба да бидат ориентирани кон семејството, добро организирани и засновани на научни докази, што значи дека терапијата е проверена и е докажано дека со неа се постигнуваат резултатите за кои е наменета .

За пронаоѓање на вистинската помош што ја нуди раната интервенција, семејството треба да ги знае нејзините карактеристики и врз основа на нив да го направи изборот што ќе биде идеален за детето.

1. Ориентираност кон семејството, што значи дека терапевтот работи заедно со еден член од семејството и го обучува како да му помогне на детето. Терапијата е приспособлива, односно може да се изведува во центрите или во домот на детето, по договор. Семејството добива континуирана советодавна поддршка и насоки за следните чекори.

2. Развојна адекватност, што подразбира дека терапијата се изведува од стручен кадар кој континуирано го следи развојот на детето, изработува програми за деца со развојни попречувања и индивидуални програми адаптирани на секое дете посебно. Во континуитет се проверува до каде се усвоени чекорите предвидени во програмата и се регистрира напредокот на детето.

3. Ориентираност кон детето, што подразбира развивање на одредени специфични вештини кај него, развива стратегии за усвојување нови вештини и нивна примена во различни ситуации, го подготвува детето за вклучување во училиште и наоѓа начини за соработка меѓу детето со попреченост и негово другарче со типичен развој, по можност да се врсници.

4. Структурирана и дава поддршка, се адаптира средината за детето да се чувствува удобно и безбедно во неа. Се состои од јасно определени чекори кои се предвидливи и се има увид кога детето ќе го достигне следното ниво.

Многу важни кај раната интервенција се нејзиниот квалитет и нејзиниот интензитет, особено во првите месеци од раѓањето, но и потоа. Повеќе часа терапија што ги добива детето не значи дека ќе има поголем ефект. Важни се квалитетот и заемната соработка меѓу терапевтот, детето и семејството во целина. Секое дете различно реагира на различни видови терапија, па затоа треба добро да се опсервира реакцијата и да се одбере оптималната комбинација за него.

Добрата рана интервенција го гледа детето како единка, како дел од семејството, а не изолирано како дете со попреченост.



912

X