Дали постои такво нешто како „вишок љубов“ кон детето? Дали е можно да се сака премногу детето или всушност проблемот е во тоа што во таа љубов го губиме компасот, па понекогаш тоа нѐ тера да работиме на штета на сопствените деца?

Д-р Ранко Рајовиќ, специјалист по интерна медицина, невроендокринолог и раководител на Катедрата за невронаука во воспитување и образованието на Педагошкиот факултет во Копер, зборува за начините преку кои ги „оштетуваме“ нашите деца и покрај најдобрите намери.

„Оваа прекумерна заштита е проблем за кој многу родители не се свесни. Не ги критикувам мајките, тоа го прават поради хормонот окситоцин што го добиле кога го родиле детето“, вели Ранко Рајовиќ и додава дека родителите мора да знаат да постават граница.

Како пример ги наведува оние родители што го бркаат своето дете со лажица в рака откако тоа одбило да јаде, со познатото „ајде, само малку, ако ме сакаш“.

-Кога на едно предавање реков дека ако детето не сака да јаде во 15 часот, не мора, па ќе јаде во 19 кога е време за вечера, една мајка коментираше дека тоа се „спартански методи“. Од кога прескокнувањето оброци е спартански метод? – прашува овој експерт за детски развој.

Тоа, секако, не значи дека треба да се занемарат потребите на детето, туку напротив, да научиме да ги препознаваме кај детето.

-Секако, на децата им треба внимание и љубов. Направени се дури и снимки на мозокот на запоставените деца. Регионите на мозокот не се поврзани токму поради недостигот на љубов. Но, тоа не значи дека прекумерната љубов ќе им помогне на децата. Мора да се бара некаков баланс. Еве, добар пример за таа „вишок љубов“ се подароците. Кога бевме деца, се знаеше дека големите подароци доаѓаат за големи настани – родендени, Божиќ. И сите нетрпеливо го чекавме тој момент, одбројувајќи ги деновите. Денес љубовта постојано се изразува преку подароци. А децата тогаш учат дека ТОА е љубов и дека можат да го добијат тоа што го сакаат, кога сакаат. Затоа и самите родители ми се жалат дека прагот на толеранција за фрустрација кај децата денес не е низок, туку не постои – истакнал Рајовиќ.

Тој предупредува и дека децата што растат во семејството верувајќи дека имаат право на сè што сакаат, тоа го очекуваат подоцна и од општеството и училиштето.

„И тогаш се соочуваат со проблем бидејќи не се центар на светот надвор од нивниот дом. И ова е совет за родителите: детето не треба да биде центар на светот или центар на семејството. Детето е дел од семејството. Тоа е нешто најприродно и така било секогаш до оваа генерација. Децата имаа обврски, одеа во кокошарник да земат јајца, ги чуваа овците на ливадата. Градско дете денес речиси и да нема никакви обврски“ – вели Ранко Рајовиќ.

Тој посочува дека малите деца дури и ги сакаат обврските, но ние често ги тераме да се воздржуваат и велиме „не прави го тоа“, со што ги спречуваме да се развиваат и да учат.

Зборувајќи за учењето во училиштата, Ранко Рајовиќ уште еднаш повторува дека репродуктивното учење е застарено и не носи вистинско, употребливо знаење.

„Денес информациите ни се на дофат и мора да ги научиме децата да размислуваат и да ги поврзуваат тие информации. Наставниците и педагозите доаѓаат на моите предавања, гледаат дека нешто во оваа работа мора да се промени бидејќи постојниот систем не дава резултати. Но, јасно ми е дека начинот на работа за кој зборувам не е така лесен за применување, затоа што не го научиле за време на школувањето. Дури и пред 150 години, руската педагогија направи голема грешка исфрлајќи ги нелогичните приказни од училиштата. Се водеа од тоа дека на нелогичните работи им нема место во училиштето, затоа што децата ги подготвуваме за вистински живот, па тие треба да учат вистински работи. Но, тоа беше многу погрешно. Бидејќи нелогичните приказни активираат големи делови од мозокот. Зошто? Па, мозокот е орган за преживување и работи многу подобро кога се соочуваме со нешто нелогично, затоа што тогаш проверува да не постои опасност и ги вклучува резервните региони на мозокот кои сакаме да ги активираме“ – објаснува Рајовиќ.

Тој дава и голем број примери на нелогични приказни. Едно дете во Словенија со кое работел нацртало мајка со крилја кои ѝ излегувале од главата. Друго дете, задолжено да направи приказна од панди, авиони и деца, дошло до идеја дека децата скокаат од авиони и ги фаќаат летечки панди.

„Децата многу добро знаат дека пандите не летаат и дека од нивните глави не растат крилја. Но, ако им кажеме дека нивните идеи се глупости, дека не можат да растат крилја од глава, дека летечките панди не постојат, правиме огромна грешка затоа што ги затвораме тие асоцијативни области во нивните мозоци. А токму во тие региони се развива креативноста, па не е толку необично што често се вели дека училиштето ја убива креативноста. И кога знаеме дека креативноста е токму она што најмногу ќе им треба, зошто го правиме тоа?“, прашува Ранко, кој и самиот е универзитетски професор и татко на четири деца.

Рајовиќ додава дека има „експерти“ кои не ја разбираат важноста на нелогичните приказни и се противат на нивната примена во градинките и училиштата. Од друга страна, истражувањата покажуваат дека токму таквите приказни активираат важни делови од мозокот одговорни за креативноста и дека мораме да ја заштитиме таа креативност што ја имаат децата, бидејќи утре тоа ќе биде една од ретките вештини што вештачката интелигенција тешко ќе може да ги замени, барем не доволно добро.

Извор



912

X