Понекогаш се чувствуваме виновни за некои наши постапки и однесувања кои сме ги направиле како родители кон нашето дете. Не постои безгрешно родителство, постои свесно родителство кое има тенденција да ја коригира увидената грешна постапка. Треба да знаете дека никогаш не е доцна да му ги кажете на своето дете зборовите што ви стојат во умот за да ги исправат ситуациите и да се постигнат здрави и исправни уверувања. На пример:
Не знаев како, никој не ме научи за тоа, не бев свесен, поради моите уверувања не ги препознав твоите емоции и потреби.
Те сакам.
Извини.
Твоето мислење баш ми значи.
Направив грешка.
Те слушам, кажи ми како се чувствуваш?
Тука сум за тебе, кажи ми што ти е потребно во моментов?
Горда сум на тебе.
Ова не го знам, ајде да пробаме да го откриеме заедно.
Тогаш навистина не те слушав, но сега те слушам.
Моето однесување не беше во ред.

Понекогаш она што му треба на едно „тешко“, „досадно“, „немирно“, „мрзливо дете“ е да знае дека:
Не си ти тешко дете, само си дете кое се обидува да го најде своето место во хаосот.
Не си ти зависен од центарот на вниманието, само си барал некој што ќе ја разбере твојата емоција и потребата дека некому му значиш.
Не си ти мрзлив, туку си бил уморен од правење работи што не сакаш да ги правиш.
Не си ти досаден, туку си барал некој што ќе биде со тебе и кога си послушен и кога не си.
Автор: м-р Христина Стефановска
912