Игротека

Работи што ги прават зафатените мајки за да си ја олеснат работата

Во последно време многу гледам „Нетфликс“. Минатата година, додека ја „консумирав“ мојата дневна доза серија, наидов на интересна серија за организирање. Веројатно сте слушнале за серијата „Спарк џој“. Поради неа, научив нов начин на диплење на алиштата. Но, по неколку епизоди сфаќаш дека ти требаат помалку работи отколку што мислиш дека ти требаат. Така ќе можеш да уживаш во животот повеќе ако треба да се грижиш само за работите што навистина ги сакаш.

Избирај работи што ќе ти предизвикаат среќа

Секако, наредниот викенд почнав да ги правам работите што ги научив. Поминав низ куќата, категорија по категорија, ослободувајќи се од вишокот, уредно диплејќи и уредувајќи. Дефинитивно куќата ми беше почиста и посмирена. Не беше совршена – со две деца на возраст под шест години никогаш нема да биде – но беше подобра. Веројатно поважно од сето тоа беше менталниот процес низ кој поминав. Научив многу работи со анализа, делче по делче, предмет по предмет што навистина ми тежеше – работите за кои воопшто не се грижев, туку само ги земав и ги оставав на полицата повторно и повторно поради рутина.

Колку повеќе вежбав совесност за тоа што ми предизвикува радост, толку полесно донесував добри одлуки за тоа каков сакав да ми биде домот. Почнав да сфаќам дека не само што беше време да ги исчистам работите и да има повеќе радост во мојот дом, туку беше време и да се ослободам од распоредот и да бидам посреќна со моето семејство.

Правете помалку работи за да постигнете повеќе

Веројатно нема целосно да го ослободам мојот дом од непотребни работи додека децата се мали. Постојаниот прилив на цртежи, облека и играчки речиси го гарантира тоа. Сепак, можам да работам на менталитетот „помалку е повеќе“. Кога нашите физички простори, нашите распореди и нашите умови се поедноставни, тие ни овозможуваат да се фокусираме на она што е навистина важно, наместо да се фокусираме на обидот да одржуваме еден куп ѓубре.

Освен тоа, веројатно никогаш нема да бидам најорганизираната мајка. Бидејќи совршенството е преценето, не се грижам дали ќе ја добијам наградата „Домаќинка на годината“.

Создајте ефикасен план

Наместо да поминувате цела недела размислувајќи што треба да направите, одвојте дел од вашето време за да направите план. Половина час е одличен период за да го организирате вашиот ден или вашата недела.

Не изедначувајте ги домашните обврски со времето и грижата за себе

Понекогаш земам слободен ден и ја поминувам секоја минута извршувајќи обврски за моето семејство. Кога ќе дојде 17 часот, уморна сум и често посакувам да бев на работа. Во најмала рака, разочарана сум за тоа како го искористив моето слободно време. Обврските се нужно зло, но не мешајте ги со квалитетните моменти што ќе ги поминете сами или со вашите најблиски.

Не извршувајте ги задачите што не ги сакате

Не сум секогаш добра во чистење на домот. Затоа изнајмив некој да се грижи за задачата што мразам да ја работам. Ангажирањето чистачка ми го намали стресот и ме принуди да ја организирам куќата една вечер пред чистачката да пристигне и да ми го врати моето драгоцено време, па можам да го трошам на поважни работи.

Му давам задачи и обврски и на партнерот

Не сте единствената личност што може да се грижи за домот, децата, сметките или календарот. Еден начин да го намалите вашиот ментален товар е да го намалите бројот на задачи што ги имате, преку ослободување од нив или делегирање на некој друг.

За задачите што мора да ги извршите, размислете за нивно автоматизирање. Живееме во современ свет каде што можеме да автоматизираме многу работи. Сакате повеќе радост?

Престанете да се обидувате да ги направите сите работи

Предизвикувачки е да се биде модерна мајка која се обидува да направи буквално сѐ. Размислете за друг пат. Барајте начини да ја користите технологијата во ваша полза, издвојте време да се грижите за себе, да добиете перспектива и да се одморите.

Автор: Витни Касарес
Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top