Разговор со педагогот Снежана Голиќ од Србија за актуелните теми од родителството – судирите на традиционалното и модерното, емоционалната рамнотежа, родителските амбиции, врсничкото насилство… Го пренесува српскиот портал detinjarije.com

Што стои зад фразата традиционално и модерно родителство и како современиот родител се снаоѓа во „сендвичот“ помеѓу родителските методи што ги научил од претходните генерации и оние што ги диктираат денешните експерти и духот на времето?

– Замислете час по ликовно и некој добива колаж хартија, некој глина, некој фломастери, некој темперни бои и сите истата задача – да ја прикажат среќата. Е тоа е родителството, секој има друг материјал и мора да ја сфати техниката. Насоката е – информирај се, критички согледај и одбирај. Ти одбирај, не препишувај. Традиционалното мириса на обликување, уреденост и порачува да се знае изреката „кој коси, а кој вода носи“, модерно на неизвесност, но и уважување на поединецот. Постоењето на рецепт е замка, бидејќи тој не постои. Би требало да обрнеме внимание на квалитетните односи од нашето детство кои ќе ги внесеме во својот однос кон детето, а во согласност со себе и новото време. На пример: од традиционалното воспитување избирам: најискусниот член донесува важни одлуки, им ги кажува аргументите на другите членови на семејството и сноси одговорност, што значи не сме сите еднакви, но сите сме сакани. Меѓутоа, реченицата што покажува дека масовно не сме го сфатиле лошото влијание на традиционалното е: „Кога бев мал, моите само ме погледнуваа и јас се смрзнував“. Овие реченици многумина ги истакнуваат како идеал на односот возрасен-дете, а всушност тоа се моменти во кои сме научиле дека светот не треба да го менуваме на подобро, туку да се смрзнеме и да го издржиме животот. Комуникацијата била лоша, без уважување на детето, често ни на жената.

Најсилните карактери сепак останале гласни, но што е со повеќето кои и во возрасниот период се послушни и научено беспомошни?

– Жртви на бракови, туѓи мислења, жртви на системот, измама, лажни авторитети, медиуми, квазиексперти… се насекаде околу нас. Не работат ништо за да ја поправат својата положба. Така научиле. Од друга страна, модерното родителство ни подметнува замки. На пример, не ја уважува доволно колективната свест, тимската работа и моќта на приспособувањето, а ми изгледа дека тоа се зборови кои ја опишуваат иднината. Толеранцијата на фрустрација се развива постепено, низ искуство, ако ја елиминираме, нема да имаме сила ниту за првото раскинување на љубовната врска, паднатите испити, ниту за откази, заминување на блиски лица.., а место без тага не постои. Потоа, модерната педагогија премногу го цени зборот, а јас лично многу повеќе ги уважувам енергијата и чувството. Некогаш не е сè кажано според педагошки правила, но е љубов во воздухот, а некогаш зборовите се внимателно избрани, а односот студен како мраз или погледот и ставот на телото се толку груби, што го покоруваат детето повеќе отколку физичка казна. Два и два не се четири, нијанси има толку колку и меѓучовечки односи – безброј.

Карактерот на детето и тоа како нè обликува нас како родители. Постојат насоки, но нам ни е потребен добар, долгорочен план со ставови изградени врз многу извори на знаење, а не врз еден во кој некој добар реторичар нè убедил. 100 грама традиција плус 100 грама модерно, но задоволство со самиот себе барем 800 грама за среќно семејство и среќно дете. Работете на себе, па многу нешта сами ќе ви се кажат.

На кој начин нивото на личен развој на родителите се пренесува врз децата и колку нашата емоционална писменост влијае врз нашиот пристап на воспитување?

Како што гледаат на телевизија, јутјубери и други неконтролирани содржини, децата уште повеќе гледаат во нас и најмногу го впиваат сето тоа кога ние не сме свесни. Кога неправедно ќе ни го зафатат паркингот, кога ќе нè исфрлат од редот, ќе нè обвинат за туѓиот неред, кога поднесуваме пораз и кога сме апсолутен победник, ги понижуваме слабите, се поклонуваме пред посилните, сакаме премногу или премалку… Тие гледаат сè, сакале ние или не.

Беше еднаш еден родител кој целосно се контролираше пред децата, мене ми звучи како бајка. Поентата е навистина да се промениме. Вистина е дека на нашите слабости растат нови луѓе, често со истите слабости. Работата на себе подразбира препознавање на емоции и потреби, а најмногу управување со нив. Да преведам на секојдневен јазик: да го продолжиме фитилот, да не ставаме под килим, да се погледнеме очи в очи, да бидеме во тек со реалноста и искрено да поверуваме дека после дождот доаѓа сонце…
Не сме одговорни за сето она што ни се случува, но за поголемиот дел сме. Трпението е мајка на мудроста, велат, а јас се согласувам. „Зборот сече како меч“ – ова мора да го почувствувате со својата длабочина за да се сакате себеси и да внимавате на своите постапки. Борбата за своите цели во цивилизиран облик е причина која им е потребна на нашите деца. Тоа, исто така, може да се научи. Некогаш е и наоѓањето хоби, препознавање на среќата, сакање на животот и редење на приоритетите – тешко како патот до Месечината. Многу работа има секој со самиот себе, каков и да е.

Дали денес премногу ги оптоваруваме децата и каква треба да биде улогата на родителите во осмислувањето на слободното време на децата? Како да се најде вистинска мерка помеѓу поттикнувањето и притисокот кога се воннаставните активности во прашање?

Воннаставните активности, доколку ги води стручна и топла личност, се печат на детството, место каде што се стекнува чувство на припадност, вештини кои ја креваат самодовербата, создаваат работни навики, тимска работа, успех кој раѓа мотивација… Квалитетно слободно време. Меѓутоа, очекувањата на родителот детето да биде најдобро и да постигне инстант-успех знаат да расипат сè и да ја уништат целата идеја. Има и тренери кои се ловци на таленти, па сите други се нивни жртви, бидејќи многу отворено им покажуваат дека се неважни. Да сум на власт, за сето тоа би се одело во затвор.

Родителска улога е на детето да му покаже што сè постои, да му се помогне во изборот, да има обид да се почувствува енергијата на клубот и редовно да го носи детето. Кога детето не оди на тренинг, со својот став родителите треба да покажат дека го разбираат, но тоа да се нарекува создавање работни навики и дека со текот на времето ќе му биде полесно, а потоа да го набљудуваат детето по тренингот. Тогаш детето би требало да биде задоволно и весело, ако активноста е добро избрана. Мислам дека на повеќето возрасни им е познато чувството на желба да се остане во топлиот дом, но треба да се свесни дека ќебето и телевизијата не доведуваат напредок, ниту здравје, ниту добра психа, освен понекогаш. Колку активности – немам прецизен одговор. Ако детето се дружи и има врсници пред зградата, доволно е една, ако е алтернатива мобилниот телефон, тогаш е најдобро секоја вечер да има нешто организирано.

Во фокусот на струката и јавноста денес е врсничкото насилство. Што во комуникацијата меѓу луѓето тргнало наопаку и на кој начин треба да му се пристапи на проблемот?

– Од страв детето да не стане жртва, многумина воспитуваат насилници. Не е реткост таткото да го учи синот како со камен да погоди некого во главата, а мајката – како да го шутне другарот ако прв го задева. Уште не се родил тој што ќе одговори на прашањето кој меѓу децата прв почнал. Тука ниту детектор на лаги не помага. Ако, пак, имаме дете кое навистина агресивно се однесува и знаеме кој почнал, знаеме и дека другото дете често нема противоружје. Тука „враќањето“ не помага. Агресивните деца од овие или оние причини не го ценат својот живот и не се плашат од директниот и силен судир, мислејќи дека немаат што да изгубат. Просечниот човек, а камоли детето, секако е послаб во тој дуел. А може и кобно да заврши.

Години наназад се занимаваме со насилство во желба да ги промениме насилниците. Се согласувам дека и тоа е потребно, но тоа е бавна општествена желка. Во својата работа повеќе сум ориентирана кон зајакнување на промената на поединецот, кој на туѓото мислење му дава големо значење и себеси се смета како помалку важен, ги ограничува своите избори, гледа само краткорочни цели, се докажува на полошите од себе и во нив ја бара својата вредност.

 



912

X