Изгледа неверојатно, но со децата понекогаш е потребна само една сеанса за да надминат некаква траума.

Како психотерапевт специјализирав за работа на трауми и во овој текст ќе изнесам три случаи од мојата практика, во која сведочев на разрешување трауми со големо Т кај децата. Се работи за: сообраќајна несреќа, изненадна болест на мајка, уцена од педофил.

По долгогодишно искуство, денес работата со деца ми е нешто сосема природно и лесно. Не се работи само за искуство и знаење, туку за тоа дека децата брзо учат, брзо прават промени во однесувањето и имаат многу поголема невропластичност на мозокот од возрасните. И најважно: децата учат преку игра, и во пристапот со нив нема простор за монотонија ниту монолог.

Сообраќајна несреќа

Димитрије е ученик во четврто одделение. Пред два месеца доживеал несреќа на пешачки премин. Згазнал на пешачкиот премин додека светело црвеното светло. Го удрил автомобил и му ја скршил ногата. Скршеницата брзо зараснала и по 10 дена Димитрије повторно тргнал на училиште. Меѓутоа, од несреќата на Димитрије му се нарушило спиењето, тешко се смирувал и тешко заспивал, имал кошмари, избегнувал да премине преку улица и тоа го прави исклучиво ако некој го следи и држи за рака.

Тешко заспива бидејќи пред очи му излегуваат слики од автомобилот што го удри. На терапија дојде со своето семејство, со мајка му, татко му и брат му. По запознавањето со сите членови, во собата со него остана неговата мајка.

Димитрије рекол, со солзи во очите, малку несигурно: „Сакам да ми помине. Немам сон…“ Изгледаше исцрпено, па проценив дека најдобро би било што побрзо да интервенирам. Обично чекам во текот на една сеанса да му се придружам на детето, но тука хроничниот замор беше многу изразен. Немаше време за чекање. Поради тоа, пристапив кон ЕМДР и директно според протокол се насочив кон обработка на трауматската меморија. Димитрије, баш како и во текот на несреќата, повторно имаше грчење на телото, солзите му се лееја, а тој велеше: „Требаше да бидам повнимателен…“, меѓутоа, неговиот мозок многу брзо ја обработи оваа меморија и дојде до корисно уверување: „Безбеден сум“.

Поради тоа, преминавме на понова меморија, кога поминувал преку улица со други, односно држејќи ја мајка си или татка си за рака. Оваа меморија носеше помало вознемирување, но вкочанетоста на телото и понатаму беше присутна. А потоа, по пат на билатерални стимулации, се смири и исчезна. Преминавме на работата во иднината. Димитрије замислуваше дека поминува преку улица. Изгледаше малку збунето:

– Но, јас сакам некој да ме држи за рака.
– Хм… Можеби најдобро би било сам да се држиш за рака. Можеш така да се обидеш. Ти си одговорен и совесен, можеш себеси да си ја овозможиш таа сигурност – реков.
– Можам да се обидам да замислам…

Кога Димитрије го обработи и идното однесување, неговото тело целосно се смири. За полесно заспивање, му ја покажав техниката „сигурно место“ и му реков да ја користи кога ќе се вознемири.

По три дена од овие сеанси, кои траеја само 60 минути, добив порака од мајка му: „Димитрије сам ја премина улицата додека одеше по леб и на училиште. Она со држењето на својата рака помогна. Спие одлично и не се буди навечер. Сигурното место го искористи кога требаше нешто да одговара на училиште“. Ѝ се јавив по една недела откако ги примав пораките и ми рече:

– Димитрије сега нема никаков страв од преминување на улицата, а сигурното место го искористи кога му се налути на едно момче. Отиде во тоалет и кога се врати, беше сосема смирен и не се расправаше.

– Ете, како е неговиот мозок пластичен, една техника ја искористи за сосема поинаква ситуација.

Уцена од педофил

Нела е ученичка од шесто одделение. Откако во училиште одржав работилница за предатори на интернет, ми се довери, како да се наоѓаше во некаква опасност:
– Мене еден човек ми испраќаше пораки. Сега се сетив…

Истиот ден, попладне, мајката на девојчето дојде на училиште и кажа дека тоа е точно. Имено, Нела имала  свој профил на „Фејсбук“. Сакала да гледа слики од животни бидејќи биологијата ѝ била омилен предмет. Се приклучила на групите за љубители на животни. Не знаела дека токму на таквите групи членови се и педофили. А сè почнало наивно. Човек во своите четириесетти години ѝ испраќал слики од своето куче, а таа нему слики од својата мачка. Постојано ѝ упатувал комплименти на Нела, а нејзе сето тоа ѝ изгледало примерно бидејќи се однесувале на убавината на нејзината долга виткана коса.

Но, набрзо предаторот барал да се слика по маица бидејќи тоа е „баш слатко“. Сето тоа завршило на тој начин што предаторот почнал да ја уценува, а Нела се плашела мајка ѝ и татко ѝ да не ги видат нејзините слики, како и сликите на голиот „чичко“. Два дена пред средбата со предаторот мајката го открила разговорот и така се дознало сè, па не дошло до состанок. Полицијата брзо дејствувала, предаторот е уапсен, но Нела останала исплашена. Родителите не ја притискале, ниту критикувале, разговарале отворено, меѓутоа, Нела станала уште поповлечена.

Со ова семејство работев системски бидејќи и родителите беа трауматизирани и оптоварени со чувство на вина и срам бидејќи „не го следеле доволно профилот на Нела“. И ним им беа потребни неколку сеанси за да ја вратат довербата во себе и во своите, реално добри родителски капацитети. Нела, исто така, имала многу нарушена доверба и во себе, но и во другите луѓе. Беше потребно да се реализираат три сеанси за да се обработат некорисните уверувања за себе и да се ослободи од чувството на страв, како и да излезе од темнината на траумата.

Се сеќавам кога пријателката на Нела, по тие терапии, дојде кај мене во канцеларија и ми рече: „Ви благодарам. Повторно сум ѝ најдобра пријателка на Нела. Замислете, дури и се заљубила… вели дека некако сте ѝ ги придвижувале очите и дека заборавила на сè што било лошо“.

Дали мајка ми ќе умре?

Лана е ученичка во петто одделение, но изгледаше неухрането, како да е многу помлада. Само очите ѝ ја оддаваа зрелоста. Мајка ѝ и татко ѝ беа очајни. Лана слабо јадеше, непрестајно чувствуваше мачнина и се плашеше дека ќе се разболи. Ако некој во училиште бил болен и се жалел дека го боли стомак, таа одбивала да оди на училиште. Родителите беа многу топли, грижливи и соодветно се однесуваа. Системската хипотеза дека овој симптом во функција ја одржува рамнотежата во организмот, едноставно не можеше да стои.

Кога ги прашав од кога е така, родителите рекоа дека е од минатото лето.

– Што се случи тогаш?
– Мене ми беше многу лошо. Имав труење со храна. Поминав неколку дена во болница – рече мајката.

Таткото додаде:

– Но и лани беше лошо. Таа ја гледаше мајка си додека повраќаше. Тогаш Лана почна да се тресе и да вика: Мама ќе умре. А можеби и ти тато. А можеби и јас…
Во детската болница на Лана ѝ дале дијагноза – воспаление на мозокот бидејќи таа непрестајно бладала и се тресела. Но, во прашање беше посттрауматски стрес и Лана непотребно пиела силни лекови. Лана се заглавила во уверувањето: „храната е нешто опасно, нешто од што може да се разболиме, а можеби и да умреме“. Во таа состојба била една година. Траумата ја држеше во своите канџи. Исто така, Лана мислеше дека таа е виновна за болеста на мајка си бидејќи барала мајка ѝ да купи сендвичи во продавницата за брза храна.

Сеансите со Лана изгледаа драматично, ги поминавме сите фази, од тресење на телото, до солзи, па до олеснување. Се наежив кога Лана на крајот од сеансата, на прашањето: „Што чувствуваш сега?“, одговори: „Глад“.

Отиде до родителите кои беа во другата соба и им рече дека веќе не се плаши од болести, како ни од тоа дека таа ќе се разболи. Ова процесирање беше толку брзо, токму поради тоа што нејзините родители беа грижливи, ѝ ги даваа потребните информации, па нејзиниот млад мозок лесно ги поврзал сите тие важни информации. Имавме само уште една сеанса во која ги обработивме актуелните стравови и го проектиравме нејзиното однесување во иднина.

ЕМДР е навистина моќна терапија која се заснова на невропластичност на мозокот, која е особено изразена кај децата. Благодарна сум ѝ на Франсин Шапиро, која преку откривањето на оваа психотерапија им помогна на илјадници луѓе и им го промени животот. Особено сум благодарна, во име на сите деца, што ЕМДР им го врати она најважното: мирното детство.

Автор: Билјана Чулафиќ, педагог и системски семеен и ЕМДР психотерапевт



912

X