Се проценува дека до 2050 година, поради загадениот воздух, секое второ дете ќе има бронхијална астма и други форми на алергии на респираторниот систем, вели пулмологот Татјана Радосављевиќ и проценува дека тоа може да се случи и порано.
Како што прецизира таа, аерозагадувањето се состои од сите штетни материи што постојат во воздухот и може да се подели на три типа.
Првиот тип се крупните штетни материи, како што се азот диоксид и сулфур диоксид, кои со вода, или магла, можат да создадат силни киселини, како сулфурна и азотна киселина и директно да ги оштетат белите дробови, дури и на најздравите луѓе.
Друг тип загадувач на воздухот се тешките метали, кои сами по себе се канцерогени и можат длабоко да навлезат во белите дробови, нагласува Радосављевиќ.
Според неа, третиот тип се големите количини прашина – ПМ 2,5 и ПМ 10 честички, кои се специфични по тоа што можат да допрат до најмалите делови на белите дробови. Нивното дејство не е моментално, како кај киселините, туку се акумулира со текот на годините и освен во белите дробови, оди и кај другите органи.
Радосављевиќ тврди дека честичките стигнуваат до срцето и предизвикуваат оштетување на срцевиот мускул, а можат да бидат и причина за мозочни удари и Алцхајмерова болест. Како што истакнува таа, кај пациентите со хронично опструктивно белодробно заболување во ситуации кога е висока загаденоста на воздухот уште повеќе се оштетуваат нивните бели дробови.
Кога станува збор за пациенти со бронхијална астма, ранлива група се децата, чии бели дробови сѐ уште не се развиени. Бронхијалната астма предизвикана од загадениот воздух може да предизвика трајни нарушувања на структурата на белите дробови кај детето и да доведе до тоа детето да има тешка астма до крајот на животот, истакнува Радосављевиќ.

За илустрација, таа го споредува сето ова со „вдишување доместос“, кога зборува за „директното оштетување на бронхијалната слузница“.
– Она што е многу јасно докажано е дека загадувањето на воздухот е ризик-фактор број еден за рак на белите дробови. Загадувањето на воздухот е директно одговорно за зголемувањето на стапката на сите видови рак на белите дробови во целиот свет – истакнува Радосављевиќ и потсетува дека покрај аерозагадувањето, голем проблем е и загадувањето на водата, земјиштето, храната и сѐ друго.
Таа смета дека е неопходно систематски да се реши проблемот со аерозагадувањето и потсетува дека пред петнаесет години Пекинг беше втор во светот по загаденост на воздухот, а сега е далеку под 20-тото место.
Значи, може да се направи нешто за да се намали аерозагадувањето, заклучува Радосављевиќ.