Одеднаш послушното „дете“ се претвора во бунтовен млад човек кој им пркоси на притисоците од средината и воспитувањето на родителите, кои се обидуваат да го модифицираат и да го стават во некоја рамка

Храна полна со хормони и најразлични други хемикалии, начинот на живеење и функционирање на модерното општество, достапноста на информации преку интернет и мас-медиумите го менуваат однесувањето и функционирањето на младите, но и на семејството. Сево ова е причина што децата порано влегуваат во пубертет, вели Мирјана Јовановска-Стојановска, дипломиран психолог и психотерапевт.

Како најчесто се манифестира оваа специфична фаза кај момчињата? Според Јовановска-Стојановска, исто како кај девојчињата, и кај момчињата се случуваат промени во хормоните, со што се менува функционирањето на телото и нивниот надворешен изглед.
– Се менуваат гласот, кожата, влакнавоста. Нагло растат во висина и често пати несразмерно. Има промени во однесувањето, во размислувањето, во односот кон светот и кон спротивниот пол – објаснува таа.

Како да го препознаете?

Родителите лесно можат да забележат дека нивното момче влегува во поинаква фаза од животот – преку телесните промени, поинаквото однесување, карактерот на детето.
– Момчето станува почувствително, начинот на кој реагира на светот е побурен. Младиот човек си го бара местото во светот и не е толку расположен да ги слуша советите на родителите. И ги пробува сопствените сили и способности за „преживување“. Одеднаш послушното „дете“ се претвора во бунтовен млад човек кој им пркоси на притисоците од средината и воспитувањето на родителите – кои се обидуваат да го модифицираат и да го стават во некоја рамка – вели Јовановска-Стојановска.
Како во оваа ситуација да се постават родителите кон своето дете? Кои се најважните моменти на кои треба да обрнат внимание? Според Јовановска-Стојановска, најважно од сè е тие редовно да се потсетуваат себеси дека тоа е нивното дете, кое неизмерно го сакаат.
– Значи, многу трпение, објаснувања, помалку казнување, а повеќе заедничко време поминато во дружење и разговор за сè што го интересира младиот човек. Добро е за родителите да се потсетуваат на своите младешки дилеми и проблеми и да се обидат максимално да го разберат пубертетлијата. Да ги играат неговите игри, да ја слушаат неговата музика, да ги гледаат филмовите што него го интересираат за да можат да го разберат неговиот свет – вели Јовановска-Стојановска.

Тема: секс

Пубертетот често се поврзува директно и со половото созревање кај момчето. Во време кога на децата сè им е достапно на интернет, како родителите да ги воспитуваат/влијаат врз децата за овој исклучително важен чекор? Особено кај момчињата и нивниот однос кон женскиот пол? Јовановска-Стојановска е децидна дека ова време на интернет многу го комплицира животот и предизвикува тешкотии.

Како да воспитуваш некој што сите информации за сексот веќе ги добил пред на родителите и да им текне дека треба да разговараат за темата секс со своето дете.
– Родителите се тие што треба да им помогнат на своите млади пубертетлии и лично да воспостават ред во информациите што децата веќе ги имаат. Овозможете му на вашиот пубертетлија да разговара и со стручно лице – уролог, општ доктор, психолог ако покажува потреба за тоа. Внимавајте да не му покажете дека тоа е нешто срамно, туку дека сексот е само личен избор и дека носи многу задоволство, но и одговорност. Кон себе и кон другите – вели Јовановска-Стојановска.



912

X