Кога душата пати, телото страда. Со таа проблематика се занимаваат експерти од различни профили: лекари (педијатри, психијатри, пулмолози, ендокринолози, гастроентеролози…), биохемичари, психолози, педагози, воспитувачи, а најмногу родителите кога децата „од необјасниви причини“ добиваат дијареја пред одење во градинка, повраќаат пред натпревар, стануваат склони на настинки или креваат температура по смрт на некој близок, или добиваат астматични напади секогаш кога ќе се крене тензија во семејството. Тогаш говориме за психосоматско, или во најново време, психофизиолошко нарушување кај децата.

Изразот психосоматика или психофизиологија, означува дека душата (психа) и телото (сома) се поврзани и дека си влијаат. Кога сме болни, на пример, имаме грип, премалени сме, нерасположени, безволни, „нè влече креветот“. И обратно, доколку подолго време сме „под притисок“, може да се развие главоболка, покачен крвен притисок, склоност кон инфекции поради пад на имунитетот… Поради тоа, никогаш не треба да се игнорираат жалбите на болка кај децата, особено не со зборовите: „Ништо не ти е.“ Неопходно е да се обратите прво на педијатар, па и на евентуална дополнителна дијагностика. Доколку се отстранети физиолошките причини, на пример, болка во стомакот или главоболка, симптомите ја одразуваат емоционалната состојба на детето, така што тоа се упатува, заедно со родителите, на детски психолог. Децата што имаат предиспозиција да развијат психосоматко нарушување се интровертни и алекситимични. Што значи тоа? Се работи за деца кои се насочени кон себе, повлечени се, молчаливи, имаат послабо изразена емоционална експресивност, затворени се и алекситимични – немаат зборови за емоциите, односно не се во состојба со зборови да изразат како се чувствуваат. Тогаш „работаат“ органите, а најчесто емоциите кои се потиснуваат се страв, лутина и бес, но и амбиваленција, високи амбиции и долготрајна анксиозност. Сето тоа може да доведе до нарушување на психофизиолошки функции. Децата што покажуваат склоност кон ваквите тегоби имаат недостиг на имагинација, фантазија, игра со зборови….

Па така, децата кои се со ризик да развијат психосоматски тегоби се оние што се подолг временски период изложени на психолошки притисок или стрес, а не се во состојба со зборови да опишат што чувствуваат, повлечени се или спротивно, преамбициозни се.

Најчести психосоматски нарушувања во детството се следните:

-Психофизиолошки нарушувања на кожата (дерматитис, уртикарија, чешање, алопеција).
-Психофизиолошки нарушувања на респираторниот систем (астма, алергии).
-Психофизиолошки нарушувања на кардиоваскуларниот систем (хипертензија е често показател за потиснат бес, гнев и агресивност. Телото постојано се спрема за борба, но борба нема…).
-Психофизиолошки нарушувања на гастроинтестиналниот тракт (дијареја, повраќање – кај пасивни деца, исплашени и анксиозни). Повремените и повторувачките силни стомачни болки кај чувствителни, напнати деца се поврзуваат со страв, казни, преголема грижа во семејството и чести конфликти. Нарушувања во исхраната (анорексија/булимија) исто така може да се сместат во оваа група.
-Психофизиолошки нарушувања на уринарниот тракт (често мокрење, менструални тегоби…).
-Психофизиолошки нарушувања во ендокринолошкиот систем (дијабетес, хипо/хипертиреоза).

Главоболките се, исто така, често вообичаени и во детството и во младоста. Се јавуваат често со тргнувањето на училиште. Може да бидат проследени и со повраќање, напнатост на мускулите, нерасположение, несоница, плач… непосреден повод за главоболки најчесто се конфликти со врсници, агресивност на родителите, страв од неуспех… Мигрените се јавуваат кај темпераментни, анксиозни, интелигентни, дружељубиви деца, склони кон совршенство, точност и уредност. Причините за мигрената се согледуваат во потиснувањето на непријатните емоции. Во детството и во младоста нарушувањата од психосоматски тип не се толку чести како кај возрасните бидејќи за нивно настанување е потребно повремено и долго изложување на стресори, внатрешни и надворешни, како и потиснување на емоции. Затоа кај децата зборуваме за соматизадија – исполнување на емоциите низ говорот на органите, од каде што се испраќа сигнал дека нешто не е во ред. Негативната емоција мозокот ја преведува во повторувачки телесен симптом, подолг временски период.

Одредени деца немаат развојни капацитети за соочување со стресот, ниту можат да „поработат“ на стресот на здрав начин. Доколку сето тоа долго трае, а не се искажува вербално, постои реална можност за телесен одговор. Затоа, никако не треба да се занемаруваат телесните болки кај децата, особено од групата на наведени системи органи. Консултирајте се со педијатар и доколку со дополнителни анализи не се уочат објективни органски причинители, потребно е психолошко советување и психотерапија.

Автор: Маријана Петровиќ/психолог

Извор



912

X