Воспитување

Психомоторен развој – тек и норми од 0 до 6 месеци

Психомоторниот развој е еден динамичен процес кој треба да се поттикнува, стимулира и следи уште од најраниот период, со самото раѓање. Со психомоторниот развој се забележува делот од грубата, фината моторика, вид, слух, говор и социјален контакт. Надворешните фактори, како што се комуникацијата со бебето, храната, негата заедно со наследните фактори, имаат влијание врз целокупниот развој. Развојот на моториката се одвива според одредена норма, прво краниокаудално, кога бебето започнува да ги зајакнува мускулите на главата и вратот за да може да ја држи главата исправенa, потоа рацете и трупот и нозете. Односно, контролата започнува одгоре-надолу. Во развојот на секое дете треба да се увиди и можноста за постоење варијабилности кои не значат отстапки од нормалниот развој. Во одредени временски интервали се следи како детето може да усвојува одредени движења, лазење, седење, одење.

Во текот на првата година од животот секое дете се соочува со низа предизвици кои доведуваат до одредени промени. Предуслов за да имаме еден уреден тек на психомоторниот развој кај детето е зрел нервен систем. Во првите месеци од животот на бебето има биолошки рефлекси кои постепено исчезнуваат. Развојот на грубата моторика и сетилата е базиран на интеракција со психолошкиот развој. Помеѓу детето и мајката се развива една приврзаност (атачмент). Често се случува родителите да пројават премногу заштитничко однесување кон детето, страв дека детето или не го постигнало моторниот развој за својата возраст или, пак, е престимулирано во една активност, а другата е некаде постисната. Пример, одредени мускули се зајакнуваат, а другите ослабуваат, детето прво го учат да оди пред да знае да лази. Затоа нормите постојат за да се увиди и забележи како тече развојот кај секое дете.

Развојни показатели од 0 до 6 месеци

1. месец

  • може да следи предмет кој е во видно поле,
  • реагира на звук,
  • кратко може да ја подигне главата,
  • ги држи дланките затворени во тупаница.

2. месец

  •  бебето ја подигнува главата задржувајќи ја 20-30 секунди, сѐ уште не ги крева градите,
  • почеток на развој око-рака координација,
  • кога сака да фати нешто, бебето реагира со цело тело,
  • експериментираат со своите вокални способности.

3. месец

  • сѐ подобро и подолго ја држи главата подигната од подлогата,
  • рацете се приближуваат кон телото и се користат за истражување,
  • се јавува тактилен фат, го задржува предметот што ќе го фати в рака.

4. месец

  • ја врти главата кон изворот на звук,
  • игра со тропалки или со своите раце,
  • ги доближува и ги става рацете в уста.

5. месец

  • почнува да се врти од стомак на грб и обратно,
  • спонтано почнува да се смее.

6. месец

  • почнува да брбори,
  • се подготвува за седење и лазење,
  • фаќа со цела дланка,
  • ги префрла играчките од една во друга рака.

Стимулативни активности кои може да се користат во овие месеци се црно- бели слики, тропалки, различни текстури на топчиња, постојано зборување на своето бебе, играчки кои висат за да може да ги дофати бебето. Исто така, најголема активност за бебето во овие месеци е кога ја истражува околината со сетилото за вид и слух.

Отстапките што се забележуваат во овој период се во делот на мускулниот тонус и делот на моторниот развој – превртување од стомак на грб и од грб на стомак, истражување на прстите и препознавање на изворот на звук и на мајчиниот глас.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, реедукатор по психомоторика, гешталт-психотерапевт во едукација

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top