Адолесценцијата е период на интензивен развој и промени, често обележан со предизвици во односот меѓу тинејџерите и родителите. Иако многу родители се трудат да одржат рамнотежа помеѓу поставувањето граници и обезбедувањето поддршка, тие често се прашуваат како да изградат врска заснована на доверба и меѓусебно разбирање. Психологот Сузан Хајтлер споделува пет клучни навики кои родителите можат да ги усвојат за да се поврзат со своите тинејџери и да поттикнат здрава комуникација и соработка.
Поставуваат прашања наместо да наметнуваат решенија
-Родителите кои избираат да поставуваат прашања наместо да издаваат команди, развиваат навика за отворена комуникација. Наместо да кажат: „Направи го ова сега“, тие прашуваат: „Како се чувствуваш за тоа?“ или „Што мислиш дека може да помогне?“ Оваа навика вклучува активно слушање и согласување со она што го зборуваат тинејџерите, дури и ако родителите не се согласуваат целосно“, објаснува Хајтлер.
Почнувајќи го одговорот со зборови како „Да, разбирам дека тоа ти има смисла затоа што…“, покажува почит кон мислите и чувствата на тинејџерот, додава психологот.
-Наместо да противречат со „но“, родителите можат да додадат свое мислење со користење фраза како: „…во исто време забележав дека…“ Оваа навика создава простор за меѓусебно разбирање и решавање на проблемите – посочува Хајтлер.
Се фокусираат на позитивното
Родителите кои се навикнуваат да ги гледаат тинејџерите „со добро око“, како што тоа го нарекува психологот, наместо постојано да бараат грешки, градат позитивна врска.
-Наместо да ја забележат облеката расфрлана низ собата, тие ќе речат: „Те видов како му помагаш на твојот помал брат со домашните задачи – тоа беше многу трпеливо и убаво од тебе“. Оваа навика го зајакнува позитивното однесување, затоа што тинејџерите имаат тенденција да го повторуваат она што прави да добиваат пофалби, па ако се појават проблеми, родителите можат да го започнат разговорот со прашање како: „Кој систем може да помогне да не завршуваат твоите работи на подот?“ Овој метод му овозможува на тинејџерот самостојно да најде решение, додека родителот нуди предлози доколку е потребно – вели психологот.
Тие даваат пример со сопственото однесување
Родителите што се навикнуваат да ги споделуваат сопствените животни лекции, им покажуваат на тинејџерите како да се справат со предизвиците. Наместо притисок, тие зборуваат за сопствените искуства.
-Оваа навика ги инспирира тинејџерите да ја препознаат вредноста на трудот и одговорноста без да чувствуваат притисок – истакнува Хајтлер.

Поттикнуваат учење од грешките
Родителите кои се навикнуваат да ги третираат грешките како можности за учење, наместо да се лутат или казнуваат, им помагаат на тинејџерите да развијат зрелост. Психологот забележува:
-Кога тинејџер ќе направи грешка, родителите велат: „За жал, ова беше голема грешка, но тоа е нормално – секој прави грешки. Што научи од ова искуство и што би можел да направиш поинаку следниот пат?“ Оваа навика го отстранува стравот од правење грешки и наместо тоа, поттикнува одговорност и раст.
Забраните ги заменуваат со конструктивни предлози
Родителите што развиваат навика да избегнуваат изрази како „немој“ или „не прави го тоа“, користат конструктивни предлози и заедничко решавање на проблемите. Наместо „Не пуштај музика гласно!“, тие велат: „Може ли да користиш слушалки? Се обидувам да се одморам“. Или, ако дојде до тепачка меѓу децата: „Забележав дека го задеваш брат ти. Што се обидуваш да постигнеш?“ Можеби има подобар начин да се постигне истото, но да се направи и двајцата да се чувствувате подобро.
Оваа навика ги учи тинејџерите како да најдат решенија кои се добри за сите. Значи, сите овие навики не само што го подобруваат односот помеѓу родителите и тинејџерите, туку ги учат на важни животни вештини како комуникација, емпатија и одговорност – заклучува психологот.