Во текот на летните месеци многу често на плажите ќе видите не многу пријатна ситуација, некако особено карактеристична за нашата клима – родители кои инсистираат нивното мало дете да влезе во вода. По секоја цена, и ако плаче, вреска, се спротивставува.

Зошто некои родители се толку упорни и ги принудуваат дури и бебињата од една или две години да влезат во вода, не е сосема јасно. Можеби затоа што и самите уживаат во водата, па веруваат дека бебето само треба да го почувствува тоа, макар и сосила, па веднаш ќе ја засака водата. Но, треба да му се дозволи тоа да го прави со темпо што му одговара нему, следејќи ја природната љубопитност на детето.

– Во првата година го запознаваме бебето, учиме што сака, а што не. Родителите можат да го направат истото со навикнувањето на водата. Земете го детето в раце, полека намокрете ги неговите стапалата и гледајте како реагира. Бидете трпеливи и не скокајте одеднаш во водата. Не се препорачува во периодот кога на бебето му требаме и се потпира на нас, наеднаш да го изложуваме на нешто што тогаш го запознава. Зошто да ја ризикувате довербата што вашето дете ја има во вас или сѐ уште ја гради? Кога ќе видите дека тоа е голема работа за детето и не сака да влезе во вода, тогаш постепено приспособете ја тактиката. Кога го принудувате детето, можете да му го зголемите стравот или да предизвикате отпор – вели психологот Јелена Марушиќ.

Како може детето да се ослободи од стравот и да влезе во вода?

Марушиќ советува да го поставите пешкирот поблиску до морето, така што водата само малку ќе го допира детето.

– Следете го интересот на детето и приспособете ги игрите кои би биле интересни и би му помогнале на детето да влезе во морето. Ако имате помал базен, дозволете му на детето да плива таму и постепено навикнете го на водата. Можете дури и да бркате некого низ плитка вода додека го држите детето в раце. Тоа може да биде забавно за детето. Можете да скриете камења или школки и да ги барате заедно – предлага психологот.

Кога станува збор за децата од предучилишна возраст, тие често сакаат ликови од цртаните и бајките.

– На пример, можете да го искористите цртанот „Барајќи ја Дори“ велејќи дека сте го виделе Немо како ја бара Дори, но не може да ја најде. Децата сакаат да помогнат. Или да ги приспособат нивните омилени ликови во приказна што ќе ги мотивира да се приближат до водата. Можеби првпат доаѓате на одмор со дете и имате голема желба тоа да го засака морето, но тоа НЕ МОРА да се случи. Немојте да имате преголеми очекувања бидејќи можно е брзо да се разочарате и во исто време да го принудите детето да ги исполни вашите очекувања. Наместо тоа, бидете трпеливи, дајте му поддршка, нежен пристап, бајки и игри кои можат да му помогнат на детето – советува психологот.

Во секој случај, правилото кое секогаш важи е – ништо сосила.

Извор



912

X