Чувствата се важни, но никој не сака да биде нивна жртва. Секој треба да има цел да ги контролира наместо да дозволи сопствените чувства да го контролираат. Меѓутоа, на млада возраст понекогаш е тешко да се справите со емоциите, особено со негативните. Најдобар доказ е фактот дека постои епидемија на самоповредување во западниот свет, кон кое прибегнуваат 20 до 30 отсто од младите жени во Обединетото Кралство и во САД. Уште пошокантно е што самоповредувањето кај девојчињата на возраст од 16 до 24 години скокнало од 6 проценти во 2000 година на околу 20 проценти денес.
„Порано тоа беше силно поврзано со тага или самоубиствено однесување, но сега, во шокантен степен, стана речиси нормален начин за многу млади луѓе да се справат со низа различни емоции, особено со омраза кон себе, фрустрација, притисок, анксиозност и депресија“, пишува психологот Тара Портер во својата книга „Ти не ме разбираш“.
Самоповредувањето може да варира од грицкање нокти, гребење на надлактицата со нокти, до користење предмети за сечење.
„Ве молам, никогаш немојте да мислите дека треба да прибегнувате кон сериозни методи на самоповредување за да покажете, па дури и да докажете колку сте под стрес: тоа не е начин да ја покажете или да се справите со вашата болка“, им вели д-р Портер на младите читатели на нејзината книга.
Негативниот начин на справување со тешките чувства може да биде многу примамлив
Психологот вели дека младите денес живеат во многу покомплексен, интензивен и побрз свет од порано. Така, таа објаснува зошто младите ја подигнале границата за да го изразат своето незадоволство и некако да се справат со пресилните емоции.
Исто така, дава причини зошто негативниот, самоказнувачкиот или самоуништувачкиот начин на справување со тешките чувства може да биде многу примамлив.
„Кога ти е толку лошо, подобро е да чувствуваш нешто отколку ништо. Мислиш дека тоа му дава важност на тоа вознемирувачко чувство. Кога мислиш дека никој не ја разбира твојата болка, сакаш да им покажеш на луѓето колку ти е лошо. Или можеби сакаш да повредиш некој друг со тоа што ќе се повредиш себеси“, објаснува таа.

Според д-р Портер, клучот е да се најдат позитивни стратегии за справување кои ќе го зајакнат нашето ментално здравје. Тие вклучуваат физичко движење, сон, разговор, завршување задачи, правење нешто за некој друг и поврзување со вашите чувства.
„Ти не ме разбираш“
Справувањето со негативните емоции е само мал дел од книгата „Ти не ме разбираш“ од д-р Тара Портер, која работи со млади луѓе во клинички услови повеќе од 30 години. Разговорите што ги имала со стотици млади девојки ја инспирирале да ги собере нивните искуства и да ги обликува во животен водич за девојчињата.