Утрото пред градинка, училиште или работа е секогаш… бурно. Сите се уморни, на никого ништо не му одговара, сите бараат причина и изговор да се пожалат или да се бунтуваат и никој не сака никаде да оди – а секој мора. Тогаш доволно е да реагирате и на најмалата ситница и сите на крајот да си отидете лути.
А што велите на тоа дека најдобар рецепт и решение за таа ситуација е да не правите ништо? Со други зборови, клучот е да не се фатите во замката за која знаете каде ќе ве одведе… Тоа е „рецептот“ што психологот и мајка Беки Кенеди го споделила на својот профил. Беки Кенеди, која е автор на бестселери, е и мајка на три деца, на возраст од 7, 10 и 13 години.
-Само што го имав најслаткото, најдобро утро со моите деца пред да одат на училиште и сакам да ви кажам што точно направив за да се случи тоа. Прво влезе ќерка ми и се пожали на појадокот – „Уф, вафли! Мразам вафли!“ Значи, мојата ќерка секогаш сака вафли, но ако реагирав, тогаш навистина ќе се навлечев на мамката. Би ѝ рекла: „Но, ти сакаш вафли! Ајде – јадеше вафли последниве 18 утра!“ Наместо тоа, решив да не правам ништо денес. Таа се пожали, а јас возвратив… – рекла Кенеди демонстрирајќи како воздивнува, како да сочувствува со својата ќерка.
Ова ја намалило тензијата и ситуацијата не ескалирала. Тогаш нејзиниот син ѝ рекол:
-Ми вети дека ќе ми ја испереш кошулата, уште е валкана.
Кенеди споделила со нејзините следбеници дека тој всушност никогаш не ѝ рекол да ја испере кошулата, но тоа утро таа не сакала да се расправа за да не ја влоши ситуацијата.
-Денес решив да не правам ништо – вели Кенеди во нејзиното видео, објаснувајќи дека таа зела длабок здив, го погледнала со разбирање, воздивнала исто како што воздивнала со нејзината ќерка и ситуацијата се смирила. По неколку моменти таа мирно рекла „Посакувам тренирката да беше чиста…“ Потоа, нејзиниот син одбрал друга маица, без никаква драма.
-Го имавме најслаткото утро затоа што наместо да се впуштам во борба за моќ или да ги сфаќам зборовите на моите деца премногу буквално, јас едноставно решив да не правам ништо. Силно ви препорачувам да го пробате тоа – рекла Кенеди.
-Кога не правам „ништо“ однадвор – односно не се фаќам за мамката што ми ја фрлаат децата, всушност правам многу однатре: дишам, зборувам сама со себе… Се регулирам однатре за однадвор да можам да правам „ништо“ – додала таа.
Кенеди, исто така, истакнала дека оваа постојана борба за моќ меѓу детето и родителот често вклучува „лажни обвинувања“ и фрази како: „Ти секогаш“ или „Никогаш“, па вели таа, нашите деца нѐ повикуваат на борба за моќ.
Тоа значи и ова:
-Многу плачење… вина, а потоа и ситуација во која никој никогаш не победува. Замислете да бидете поканети на забава каде што некој ќе рече… „На крајот, сите ќе врескаме еден на друг и ќе кажеме работи што не ги мислиме… Јас би рекла: „Ќе кажам дека нема да одам“.
Ваквите борби што ги имаме со нашите деца се навистина само борби за моќ. Стратегијата „не прави ништо“ не значи да се игнорираат децата, истакнала Кенеди.
-Ако мислите: „Мојата работа е да управувам со моите емоции, а моето дете има проблеми…“ тогаш вашето дете ќе го почувствува тоа – како и давањето многу љубов, поддршка и сила. Нешто што звучи како добар начин да го започнеме денот! – заклучила мајката.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912