Воспитување

Децата што користат вештачка интелигенција ќе бидат попаметни ако ја избегнуваат оваа честа грешка

Учениците што едноставно ги копираат одговорите од „Чет-ГПТ“ во своите задачи, без длабоко да размислуваат, си прават лоша услуга, особено затоа што вештачката интелигенција всушност може да им помогне на децата да станат подобри ученици, вели психологот Анџела Дакворт.

Наместо да се третира вештачката интелигенција со недоверба, децата треба да научат како правилно да ја користат, истакнала Дакворт во говорот по повод доделувањето на дипломите на Факултетот за образование при Универзитетот во Пенсилванија. И наставниците и родителите можат да им покажат како да ја користат технологијата до нејзиниот целосен потенцијал, со поставување дополнителни прашања на моделите на вештачката интелигенција за да можат децата детално да научат како чет-ботовите дошле до своите заклучоци.

-Вештачката интелигенција може да послужи како ментор. Мислам дека „Чет-ГПТ“ има извонредна педагошка способност. Може да учи преку пример – вели Дакворт, која студирала невробиологија на „Харвард“, а сега предава психологија на Универзитетот во Пенсилванија.

Училиштата треба да ја вклучат вештачката интелигенција во својата наставна програма

Дакворт првично била скептична кон вештачката интелигенција сè додека не наишла на концепт во статистиката што не го разбирала. За да заштеди време, таа одлучила да побара помош од „Чет-ГПТ“. Чет-ботот ѝ дал дефиниција, неколку примери и предупредувања за вообичаени грешки. Таа побарала повеќе појаснувања и практични примери. По десет минути користење на алатката, таа сфатила како функционира постапката Бенџамини-Хохберг, „прилично сложена статистичка постапка“.

-Вештачката интелигенција ми помогна да достигнам ниво на разбирање што не можев да го постигнам сама – рекла Дакворт.

Најнапредните генеративни модели на вештачка интелигенција сè уште прават грешки. Понекогаш тие измислуваат податоци или даваат неточни информации, па затоа сите тврдења треба дополнително да се проверат, а децата треба да се учат на истото. Претприемачот и инвеститорот Марк Кјубан, исто така, рекол дека темата како да се користи вештачката интелигенција треба да стане дел од наставната програма.

-Проблемот не е што децата ја користат вештачката интелигенција. Проблемот е што училиштата сè уште не го прифатиле фактот дека вештачката интелигенција е достапна и дека децата знаат како да работат со неа – истакнал Кјубан.

Тој додал дека самото знаење како да се постават вистинските прашања за вештачката интелигенција е вредна вештина денес.

Извор

Поврзани написи

To top