Во времето кога сè е некако магично, нам и на децата ни преостанува да бидеме креативни, имагинативни и да ја користиме нашата фантазија. По тој повод со читателите на Деца.мк ќе споделам една психолошка вежба која се роди во мене уште во времето кога работев како училиштен психолог во основно училиште.

Вежбата има психоедукативен карактер и е поделена во два дела, наменета со цел стимулирање групна кохезија во класот или занималната, поттикнување почит и солидарност меѓу децата, но и простор за себеизразување т.е простор во кој детето или ученикот креира чувство на припадност во групата. Вториот дел од вежбата има цел да ја поткрепи сликата за себе кај детето и да ја потврди или стимулира неговата вредност.

Потребни материјали: голем зелен хамер, бели листови А4-формат, боички, лепило

Инструкции за изработка: на хамерот цртаме голема зелена елка и со ножички ја сечеме по краевите за да би добиеме елка од хамер.

На белите листови цртаме онолку лампиони колку што имаме деца во групата. Лампионите треба да бидат идентични по форма и големина. Откако ќе ги исечеме сите, ги лепиме на хамерот позиционирајќи ги на различни места на елката. Од белите листови сечеме ѕвезда која ја лепиме на врвот од елката, а во која учителот или воспитувачот го впишува и креира своето име. Дополнителното украсување е оставено на вашата желба и фантазија.

Инструкции за реализирање на вежбата: Подготвената елка од хартија ја лепиме на врата или ѕид во висина на децата. Децата ги редиме во две колони од по три деца. Првата колона се деца кои ќе го бараат својот лампион на елката и ќе го обојат и впишат своето име. Втората колона се деца кои во себе ќе држат боички и на повик на децата што работат на хамерот ќе им ја подаваат соодветната боја што ја побарале. Потоа ги менуваат својата улога и функција со цел секое дете да се најде во двете улоги.

Откако ќе го сработат сето тоа, наредниот ден до елката лепиме плик со ливчиња во боја на кои се испишани пораки (пораки до Дедо Мраз) за поттикнување вредност и самодоверба кај децата со кои ќе се запечати нивната припадност во групата.

На пример: „Јас сум единствен“; „ Јас сум скапоцен“; „Јас сум важен“; „Јас сум сакан“, „Јас сум вреден“ итн.

Ги повикуваме децата по азбучен ред и секое од нив си избира порака по случаен избор од пликот. Сето тоа заедно го дискутираме и ги споделуваме емоциите и впечатоците од сработеното.

Ви посакувам убава заедничка активност и радост!



912

X