Децата што поминуваат време во кампови стануваат посилни, се вклучуваат во обврските, учат да мијат садови, да донесат вода, се грижат за себе и за другите, си го местат креветот, се снаоѓаат во природа, а особено е важно дека на кампување надминуваат одредени стравови

 

Во камп ми е најубаво – можам да играм цел ден, да не се грижам дали зборувам многу гласно. За разлика од хотел, каде што не смееме да трчаме, не смееме да викаме, во камп сме слободни – вели 12-годишната Екатерина Мишањ, девојче од Виница, кое со своето семејство во последните три години живее во Германија. Благодарение на изборот на нејзините родители, таа е буквално порасната во камповите во Дојран, Љубаништа, а годинава кампуваше две недели и во Хрватска.
Да се кампува или не? Тоа е најубавото искуство што можете да му го обезбедите на вашето дете, ни споделија нашите соговорници.
Сакате ли да спиете во хотел со милион ѕвезди, а да платите поевтино? Секој родител го сака најдоброто за своите деца и се труди тоа да им го овозможи. Од новите искуства нашите најмили учат и растат. Како најдобро да ги научиме за природата, ако не поминат повеќе време во неа. Летото е време на одмори, на шетање, на авантури. Плажа, планина, езеро, море… секој има своја фантазија и реализација. Броиме ѕвездички на хотелите, а дали сте броеле ѕвездички под отворено небо? Дали сте помислиле дека кампувањето може да биде незаборавно искуство за вашите деца, па макар и за викенд, ако не за цел одмор?

Пријателства што траат

На граница, на автопати, неретка е сликата на комбиња, трејлери со закачени велосипеди од Германци, Австријци, Италијанци.
– Во камп лесно си наоѓам друштво и ми е многу поубаво отколку во хотел. Се капеме, играме, си правиме муабет, не се грижиме како изгледаме, вежбаме. Во хотел мора да си тивок, да не трчаш, и до 22 часот да е тишина – ни сподели Екатерина.
Нејзината мајка Емилија вели дека кампува од дете.
– Моите родители до ден-денес имаат пријателства со луѓе од пред 100 години со кои кампувале во Дојран. Никогаш нема да го заборавам мирисот на пржени лепчиња што ги правеше мајка ми. Први симпатии, бакнежи… Слободата што ја имаш овде, не се споредува со ништо. И бремена сум одела во камп, а и еве со трите деца. Во Љубаништа одиме од 2010 година – вели таа.

 

Таа е категорична дека мајките не треба да се плашат од кампувањето. Дека доколку готвењето е товар, може и да се избере ресторан.
– Мене не ми е товар да готвам зашто тоа го правам за моите најмили. Готвењето одзема малку време, а јадењето во камп е и повкусно. Децата се навикнати и на комарци и на инсекти. Битно е да има услови за одржување лична хигиена – вели.
Нејзината пријателка Фимка Шопова исто така кампува од дете.
-Постојат луѓе што се плашат од природата, од невреме, од инсекти, животни… Си ја сакаат удобноста на хотелите, не сакаат да готват. Мене изборот на all inclusive воопшто не ми одговара. Сум била во хотели, па особено со Балканци, кога знаеш дека е ручек, па турканица, па чекање ред. Одмор е да уживаш, најдобро е приколката на плажа и да нема никој пред тебе, да се шеташ на повеќе места, сакаш во шума, сакаш на море. А не мора ни да готвите, има и ресторани. Во Охрид камповите се полни – вели таа.
Додава дека има многубројни искуства. Дури искусила и бура на море.

 

– Ние спиевме во шатор, родителите нѐ разбудија и се сместивме со сестра ми кај пријателите со приколките. Сабајлето кога се разбудивме, морето пред нас беше тепсија. Ниту ветер ниту ништо. Сонцето беше како портокалова топка. Делфини скокаа, таа глетка нема никогаш да ја заборавам – вели Шопова и додава дека кампувањето е вистински одмор по тензичното секојдневие, кога постојано се брзаме некаде.

Децата пораснаа во кампови

Семејството Станковски од Скопје кампува речиси 20 години. Таткото Драган Станковски е тој што бил главен иницијатор, благодарение на искуството што го имал од мал.
– Како дете со татко ми „скапувавме“ во кампот „Андон Дуков“, па потоа во Љубаништа. Откако го основав моето семејство, продолживме во тој дух. Десетина години летувавме во Љубаништа, неколку пати во Грција, годинава во Хрватска. Мене ми беше најубаво во Љубаништа, ама во последните години не се обрнува внимание на тоалетите и им се налутив – вели Станковски.

 

Тој нагласува дека најубаво е кампувањето со пријатели, со друштво.
Неговата сопруга Лара додава дека нивната најмала ќерка Магдалена е буквално израсната во Љубаништа.
– Луѓето што не кампувале нема од што да се плашат. Има бубачки, повеќе или помалку, ама тоа не е ништо страшно – вели таа.
Најстарата од трите деца, Марија (20), споделува дека ужива да кампува.
– Не сме затворени по соби, постојано имаме друштво, деца колку сакаш, се дружиме, игри, забава. Во Љубаништа имавме многу друштва, први симпатии… Никогаш не ни е здодевно – вели студентката Марија.
Магдалена (14) додава дека и спиењето во шатор е навика и воопшто не е непријатно.
– Дури и кога врне дожд е една авантура – додава таа.

Семејството Станковски од Скопје кампува речиси 20 години

Кои се придобивките за вашите деца?

Децата што поминуваат време во кампови стануваат посилни, се вклучуваат во поделба на обврските, учат да мијат садови, да донесат вода, се грижат за себе и за другите, си го местат креветот, се снаоѓаат во природата, а особено е важно дека на кампување надминуваат одредени стравови.
Подготовката за камп бара добра организација и план, велат камперите.
– Треба да си ја донесете горе-долу целата куќа. Ние се пакуваме приближно за два дена, но може да се дојде и поскромно. Речиси е двојно поевтино кампувањето во споредба со другото сместување. Особено е убаво за семејства со повеќе деца – велат Станковски.

 

Кампувањето е голема предност за поголеми фамилии, затоа што е и поекономично.
– Најмногу на светот посакувам нашите кампови да имаат подобри услови. Сол да стават во езерото, не би ја сменил Македонија за кампување. Љубаниште, Градиште, Ливадиште се нашите опции. Ама мора да се поработи на условите. Додека сме во странство, дискутираме дали тоалетот е мал и дали има сапун, а во Македонија размислуваме за тоа дали воопшто има топла вода – нагласува Драган.
На Станковски повремено им успева и да убедат свои пријатели да им се придружат во кампувањето.
– Еве годинава имавме пријатели кои втора година по ред доаѓаат со нас, иако не беше едноставно да ги убедиме. Обично жените не сакаат многу да одат во камп. Ако е за готвењето, и во апартман се готви, не е проблем – вели Лара Станковска.



912

X