Иако поминува првиот месец од новата школска година, повеќето деца сè уште се навикнуваат на будењето и на обврските, а на ред доаѓаат и домашните задачи. Да не се лажеме, и ние кога бевме деца не ги сакавме затоа што ни одземаа дел од слободното време, па така и нашите деца не се разликуваат во тоа, освен што кај нив е уште поуочлив недостигот на мотивација, а тоа мора да се надмине.
Казнувањето и претераното држење „лекции“ кај повеќето деца нема да ги дадат очекуваните резултати, а ќе предизвикаат и дополнителен отпор, па ве советуваме да бидете мудри.

Помогнете му со задачите

Доколку на детето му треба помош, помогнете му, особено ако е прваче или, пак, поради преминувањето во повисоките одделенија, се сретнува со нови предмети. Најдете време сега, на почетокот, да ги учите и да ги работите задачите заедно со него, а кога ќе ги совлада почетните тешкотии и самото ќе почне да доаѓа до решенијата, пофалете го и охрабрете го самостојно да продолжи да работи. Иако на почетокот му е тешко да ги прифати новите работни обврски и често негодува, немојте да ги игнорирате неговите чувства и да го нарекувате мрзливо и недисциплинирано бидејќи тоа дополнително ќе го обесхрабри.

Научете го детето да ги средува својата работна маса и просторот за учење. Објаснете му дека приборот, тетратките и книгите треба да бидат уредно сложени бидејќи не се вели попусто – ред во собата, ред во главата. Убавиот прибор за пишување и тетратките за вежби позитивно влијаат врз децата, па купете му го она што му се допаѓа. Работната маса наместете ја покрај прозорецот за да има доволно светлина или набавете добра столна ламба.

Детето да развие попозитивен став кон учењето

Раскажувајте му за вашите школски искуства и објаснете му дека со одложувањето на обврските дополнително ќе си го скратува слободното време. Детето треба да знае дека со текот на времето ќе му биде сè полесно и полесно, и дека домашните задачи ќе му одземаат сè помалку време. Кога ќе го промени негативниот став кон домашните задачи и учењето, ќе им пристапува со поголема позитивна енергија.
Доколку детето е нервозно и под притисок, немојте да инсистирате токму тогаш, по секоја цена, да ја заврши домашната задача. Дозволете му да се одмори, да направи пауза, да прошета или да поразговарате за училиштето и за работите што го мачат.
Токму ваквиот пристап долгорочно би требало да доведе до намалување на отпорот и до попозитивен пристап, а со самото тоа и до подобри оценки и успех во училиштето.

 



912

X