Ова е време за галење. Првите денови, главно збунувачки, се поминати, а секој следен е попредвидлив. Уочувате што сака вашето бебе, како реагира на вас и на околината, кои звуци и дразби му пречат, а во што ужива и што го смирува. Можеби веќе сте биле на првата прошетка, а најблиските членови на семејството ве посетиле. Но, сè уште трае приспособувањето на родителството и грижата за бебето. За да го „фатите возот“ на кој се чувствувате сигурно и со самодоверба како родители, потребни ви се време, многу повторување и вежбање.

Дневна рутина на бебе од 6 до 8 недели

Во оваа доба вашето доенче веројатно веќе има некој дневен ритам. Можете да претпоставите кога ќе бара храна, кога ќе спие и колку, а некои бебиња веќе може ноќе да отспијат и до 4 часа без прекин. Но, очекувајте барем 2 пати во денот да не можете да го предвидите детското однесување, а најчесто тоа е околу 10 часот наутро и околу 16 часот попладне. Некои бебиња малку повеќе ќе плачат и ќе бидат вознемирени, па можеби нема да знаете која е причината за нивниот немир. Ќе ви се чини дека хранењето, смирувањето и нишањето во тој период од денот немаат смирувачки ефект, а плачењето може да биде прилично интензивно.

Обидете се да останете смирени и фокусирани во текот на овие „дневни бури“. Бидејќи бебе на таа возраст го чувствува вашиот немир, може само уште повеќе да се вознемири.

Хранење на бебето на возраст од 6 до 8 недели

Вашето бебе сега е веќе искусно доенче, па не мора да се грижите дали ќе остане гладно. Ако доите, количината на млеко што ја имате е во согласност со детските потреби, но и понатаму го храните бебето на негово барање. Сега веќе знаете да го препознаете плачењето предизвикано од глад – гласно, непрестајно плачење сè додека доенчето не го добие својот оброк. Но, и вознемиреноста и заморот исто така може да бидат знак дека бебето сака да јаде. Не бидете крути во распоредот на хранење. Иако вашето дете е на возраст од 6 до 8 недели, неговите црева сè уште созреваат.

Совети за хранење

-Многу мајки во овој период на развојот на бебето почнуваат да се прашуваат дали е доволно нивното доење. Сè додека вашето бебе добива на тежина и расте, изгледа бистро и будно и има 6 или повеќе мокри пелени дневно, сè е во ред. Исто така, столицата е златно-жолта и мека.

-Очекувајте прв скок во развојот, па можни се чести и подолги доења. Наместо со шишенце, ако загусти, друга личност нека го храни бебето со лажица.

Спиењето на бебето на возраст од 6 до 8 недели

Во овој период вообичаено е бебињата да спијат само еден циклус, околу 45 минути, и изгледаат прилично одморени. Совети за спиење на бебињата на возраст од 6 до 8 недели:

-Обидете се да го ставите бебето во кревет пред целосно да заспие во вашата прегратка. Обидете се да ги препознаете знаците на замор, па нахранете го и заспијте го пред да стане нервозно и премногу стимулирано.
-Немојте да реагирате и да го земате бебето штом ќе се разбуди, оставете го сè додека не побара внимание, можеби самото ќе се смири и ќе продолжи да спие.

Однесување на бебето на возраст од 6 до 8 недели

Бебето веќе ги крева рачињата и ножињата, а научило и како да ги стави дланките в уста и реагира кога ќе ве здогледа. Детето почнува да гуга и брбори, што се првите обиди за комуникација. Како да се однесувате со бебе на таа возраст?

-Бебето може да оди на прошетка, но и веќе може да примате гости дома. Децата учат социјални вештини набљудувајќи ги другите луѓе, па забележувањето насмевка, слушање разговор, престој меѓу луѓето им помага во развојот на мозокот.
-Читајте му и зборувајте му на бебето секојдневно бидејќи со тоа се развива центарот за говор во мозокот.
-Оставете го бебето некое време без пелена, на половина час, нека лежи на грб и нека мавта слободно со ножињата и рачињата. Се разбира, бидете блиску, не оставајте го на високи и несигурни површини.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X