Животот на секое дете во голема мера зависи од првичната врска што ќе ја изгради со своите родители. Во својата книга „Ефектот на поврзаноста“, новинарот и автор Питер Ловенхајм пишува дека раната поврзаност со родителите во голема мера го дефинира карактерот и понатамошниот развој на детето. Овој период е многу важен за формирањето на идниот личен живот и успесите на детето.
Како е тоа возможно?
Раните години на животот се клучни за развојот на човекот бидејќи во тие години се формираат основните меѓучовечки врски. Научните истражувања покажуваат дека врските што се формираат во првите две години од животот имаат длабок ефект врз тоа како детето подоцна ќе се однесува во различни човечки односи без оглед дали се работи за љубовта, работата или политиката.
Питер Ловенхајм долго време ја истражувал важноста на врската меѓу детето и неговите родители, разговарајќи со многу научници на оваа тема. Тој објаснува дека науката за поврзаноста се базира на теоријата на британскиот психолог Џон Болби, кој развил теорија која тврди дека луѓето се раѓаат во беспомошна состојба и од самиот почеток се програмирани да бараат и да создадат поврзаност со компетентна и сигурна личност за да бидат заштитени.

– Таа прва личност со која детето се поврзува е најчесто мајката, но не мора да биде само таа, може да биде и таткото, бабата, дедото или некој друг возрасен – истакнува Ловенхајм.
Тој додава дека квалитетот на таа прва поврзаност, дали е стабилна, исполнета со љубов или недоследна и отсутна, ќе го обликува мозокот на детето и ќе влијае врз тоа како ќе се однесува кон другите.
– Тоа ќе влијае и врз начинот на кој човекот ќе реагира на стрес или опасност – вели тој.
Покрај тоа, ефектите од оваа прва врска не се ограничени само на детството, туку се протегаат и низ целиот живот. Овие први години ќе влијаат врз тоа како детето, кога ќе порасне, ќе се однесува кон своите деца, партнерите, најблиските пријатели, колегите на работа, како и во однос на политичките ставови и дури и духовните прашања.
Затоа, најважниот подвиг на секој родител е да изгради сигурна врска со своето дете, врска која ќе му овозможи да се развие во здрава личност.
– За да изградиме таква врска, родителите треба да бидат доследни, да се грижат за детето и да бидат доволно чувствителни за да ги разберат неговите потреби и соодветно да одговорат на нив – истакнува Ловенхајм.
Тој додава дека е важно родителите да научат како да го разликуваат детскиот плач, односно дали детето плаче затоа што е гладно или само му е потребна прегратка.
– Треба да бидеме блиску до нашите деца и да научиме како правилно да ги препознаеме нивните сигнали – вели психологот.
Истражувањата покажуваат дека деца кои во раните години создаваат силни и сигурни врски со своите родители имаат многу поголеми шанси за успех во животот. Тие се поотворени за верување на другите, поотпорни на животните предизвици како што се болести, повреди или загуба, и се способни да изградат стабилни и здрави врски со други луѓе.
– Овие деца генерално се многу отпорни и подобро се справуваат со животните тешкотии и на крајот, тие можат да изградат здрави и стабилни врски, што е вистински успех – вели Ловенхајм.