Родители, особено оние што стануваат првпат, често одат кај лекар штом ќе забележат некоја „необична“ појава кај своето бебе. Затоа не е лошо однапред да се подготвите на некои (малку и чудни) работи што ве очекуваат. Ќе бидете поштедени од беспотребна грижа бидејќи ќе ве упатиме кон тоа кои појави се вообичаени, па и самите ќе знаете кога е потребно да побарате помош од лекар.

Доколку вашето бебе…

Има кожа прекриена со бели, масни дамки (верникс)


Многу предвремено родени бебиња се прекриени со бела масна супстанција позната како верникс. Нејзината улога е да ја штити бебешката деликатна кожа додека се наоѓа во амнионската течност. Кај бебињата што се раѓаат навреме или по терминот, остатоците од оваа супстанција може да се најдат во пределот на вратот, препоните и под пазувите.

Има зашилен или малку деформиран облик на главата


Доколку ја земеме предвид ширината на каналот низ кој бебето морало да помине во текот на породувањето, тогаш не треба да нè чуди фактот што главата му има малку „деформиран“ облик. Зашилениот облик на главата не е ретка појава кај штотуку родените бебиња. По 2 недели главата би требало да изгледа нормално. Сигурно ќе забележите и две меки зони на главата – оние што се нарекуваат фонтанели. Нивната улога е за време на породувањето да му овозможи на черепот доволно да се собере за да помине низ грлото на матката. Тие ќе се изгубат во текот на првата година од животот.

Многу спие

Првите денови по доаѓањето дома, вашето бебе најмногу време ќе поминува во спиење, будејќи се само за оброци. Тоа сè уште е изморено од породувањето. Наместо да се грижите, искористете ја шансата додека бебето собира енергија – истото да го направите и вие.

Се смее


Иако експертите тврдат дека бебињата почнуваат да се смеат дури по навршени 6 недели, многу новопечени родители би можеле да се заколнат дека нивното бебе им се насмеало по само неколку дена, дури и неколку часа по раѓањето. На нивното тврдење оди во прилог и новата ултразвучна технологија, бидејќи на снимките се гледаа бебиња како се смеат додека се во мајчиниот стомак.

Има многу влакненца


Некои бебиња, особено оние родени пред време, може да бидат покриени со лесни, малечки влакненца, кои се нарекуваат лунаго. Ова не е причина за грижа бидејќи влакненцата ќе се изгубат со текот на времето.

Имаат заби


Иако повеќето бебиња ги добиваат првите запчиња по навршени 6 месеци, се случува некои бебиња веднаш по раѓање да почнат да „чкрипат“ или да имаат две видливи запчиња. Ова навистина не е нешто за што треба да се загрижите.

Се тресе


Може да се случи бебето да се тресе во сон, што е знак дека неговиот нервен систем се развива. Доколку се тресе ако изненадно го поместите или допрете – тоа е всушност поради таканаречениот Моров рефлекс (условен рефлекс при раѓање, подоцна се губи).

Има жолта кожа (жолтица)


Може да се каже дека ова е честа појава кај новородените бебиња. Имено, бебето доаѓа на свет со зголемен број црвени крвни зрнца во однос на неговата потреба. Тие зрнца набрзо по раѓањето се „разбиваат“, ослободувајќи притоа пигменти на билирубин, поради кој кожата станува жолта. Овој облик на жолтица е физиолошки и обично исчезнува до крајот на првата недела, без каков било третман. Во посериозни случаи, бебето може да прима фототерапија за да се поттикне разбивање на билирубинот.

Има отечени гениталии


Растот на хормоните во организмот на мајките непосредно пред породувањето може да предизвика отекување на гениталиите на бебето. Некогаш дури се случува од брадавицата на детето да се лачи млеко – кај момчињата исто како и кај девојчињата. Причина за тоа е зголеменото лачење на хормони во телото на мајката, кои преку плацентата дошле до бебето.

Има црна столица


Првата столица на бебето може да биде многу чудна. Веднаш по раѓањето, бебето лачи темна супстанција, како катран, која се нарекува мекониум (се наоѓа во бебешкиот стомак додека уште не дошло на свет).

Има долги нокти


Ноктите на новородените бебиња може да бидат изненадувачки долги, особено кај оние што се раѓаат по предвидениот термин. Ноктите треба да се скратат за бебињата да не се изгребаат.

Извор



912

X