Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 6,5 години и е прво одделение. Почна со убаво да оди, но потоа почна да плаче и да не сака да оди во училиште. Освен што наутро одевме со плачки и дома само тоа го зборуваше – дека не сака и не треба да оди. Инаку е многу мирно дете, секогаш е пофалувана од наставничките дека педантно и убаво работи, послушна е и соработува со нив. За време на зимскиот распуст ја чуваше баба ѝ и многу се поврза со неа, штом ќе си дојде дома, плаче за неа, сака повторно да оди или таа да дојде, живееме во различни куќи, а во ист двор. Некако стана опседната со неа. Баба ѝ ја зема од школо и кога ќе си дојдеме со сопругот од работа и ќе ја земеме дома, почнува да плаче по баба ѝ. Не ја интересира ништо друго, дури како да има некоја одбивност кон мене. Плачењето за во школо го замени со плачење по баба ѝ. Не знам како да постапам, се чувствувам како да не си го познавам детето, како да го губам.

ОДГОВОР: Од вашиот исказ можам да разберам дека се работи за дете од 6,5-годишна возраст кое е мирно, послушно, педантно и соработливо. Она што се јавува во последниот период е вознемиреност и плачливост кога се сепарира од блиски личности. Во врска со ова немаме податок како таа претходно реагираше на сепарација, дали посетуваше градинка или некоја друга врсничка група.

Во овој случај, најнапред тоа била сепарацијата од вас во адаптација на училишна средина, а сега сепарацијата од баба ѝ како нејзин постојан негувател, згрижувач и воспитувач. Практично баба ѝ е постојана личност во нејзиниот живот со која постојано и секојдневно прави исти работи, баба ѝ ја зема од училиште, кај баба ѝ е на поседок додека вие да дојдете од работа. На тој начин детето ја ритуализира секојдневната семејна динамика и воспоставува контрола врз неа, што му помага во амортизирањето на стресот.

Секое менување повторно предизвикува стрес. Она што е важно овде е да се обидете да ги вратите нејзините психолошки сили и да ја стимулирате нејзината независност и самостојност. Да креирате време еден на еден со неа каде што ќе воспоставите начин кој ќе го негувате секој ден. Секако, ве советувам да се обратите и на  родителско советување со цел да се зајакнат родителските сили и вештини за постапување.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X