Водејќи се од егзистенцијалните причини, како да заборавивме на оние што овој 1 септември ќе се соочат со две големи новини, да се живее во време на пандемија и да се седне во училиштна клупа (физички или електронски) – првачињата

Пандемијата на Ковид-19 несомнено влијае врз сите области во животот – психолошки, социјални, финансиски, здравствени. Додека никој не помислуваше дека сето ова ќе го зароби целиот свет толку брзо без претходно предупредување, секој сегмент во нашиот живот се соочи со последици. Водејќи се од егзистенцијалните причини, како да заборавивме на оние што овој 1 септември ќе се соочат со две големи новини, да се живее во време на пандемија и да се седне во училишна клупа (физички или електронски) – првачињата.

Ако имате дете-прваче, прочитајте ги советите на доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник, и проф. д-р Софија Георгиевска од Филозофскиот факултет во Скопје, која е и лиценциран психолог и семеен советник.

Филипче: Наставата да почне онлајн, освен за првачињата е ставот на КЗБ

Фото: Архива

Дали детето ќе биде безбедно?

Во нормални околности, ова е време во годината кога родителите се прашуваат дали нивните деца се подготвени за прво одделение. Почетокот во училиште е голема одлука и промена за секој родител, но и страв и стрес дали детето ќе може да ги исполни социјалните и образовни очекувања. А денес тој страв и стрес се уште поголеми, вели Денкова-Зафировска.

– Верувам дека секој родител си го поставил прашањето: Дали моето дете ќе биде безбедно доколку се почне со физичка настава во септември. Но она што можеби е пореално, а пострашно е прашањето – што ако не се почне со настава? Како да го подготвиме нашето прваче за првиот училишен онлајн-час, за првата средба со наставникот и родителите. Сите сме свесни дека дете на возраст од шест години е потешко да задржи внимание од 45 минути пред компјутер, но како да заборавивме на потребата од социјална интеракција, физичка активност и фина моторика – вели таа.

Креирајте работно катче

Проф. Георгиевска вели дека првиот чекор што родителите можат и треба да го направат е да креираат едно работно катче за да влијаат на работните навики кои многу полесно се стекнуваат на училиште отколку дома. Тоа треба да биде посебна соба, или катче во местото на живеење со биро, добро осветлено и секако, доколку се започне со онлајн-настава, со компјутер.

– Целта е да се создаде опкружување кое ќе биде сигурно, во кое ќе нема работи што ќе му го одвлекуваат вниманието, туку напротив, ќе го зајакнува фокусот и ќе биде негова асоцијација за учење. Креирањето ритуали, исто така, е од суштинска важност, доколку наставата во новата учебна година се одвива онлајн и тука родителите имаат многу значајна улога. Детето – новиот ученик, корисно е да има структура на денот во текот на работната недела и дури и да има слобода да ги испраќа материјалите во дел од денот кој нему му одговора, сепак, важно е тоа да го прави во точно утврдено време. Се разбира, доколку е можно. Тоа значи дека како што физички би одело на училиште наутро, така и домашното училиште  би требало да функционира слично – препорачува професорката.

Доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска и проф. д-р Софија Георгиевска

Ќе имаш наставничка и нови другарчиња

Сепак, периодот што следува, освен за физички промени во местото на живеење, добро е да се искористи и за работа на емоционалната свесност на детето.

– Добро е да го запознаете дека тоа расте, дека во периодот што следува ќе има нова наставничка, нови другарчиња, но дека заради заштита на здравјето на сите, можеби во перидот ќе ги гледа и слуша само на компјутер, а кога тоа ќе биде во живо – дека не смее да биде со гушкање и поздравување. Тука секогаш е најдобро тоа да му се објасни сликовито, па затоа дел од прошетките посветете ги на училишниот двор и кажете му дека кога ќе заврши ситуацијата поради која сме затворени дома, тоа ќе биде неговата сигурна зона. Така детето ќе се запознае со училишната зграда, но и ќе нема очекувања дека таа зграда ќе стане негов втор дом за 30 дена – вели Георгиевска.

Секако, пораката што треба да му ја пратите на детето е дека учењето од дома или од училиште е забавно бидејќи, сепак, кај првачињата се учи низ игра.

– Она што мораме да го имаме на ум е дека тргнувањето на училиште е една од најголемите промени со кои се соочува детето, без оглед дали физички или онлајн, а ние како родители треба да му покажеме дека ќе бидеме секогаш тука за сите негови прашања и потреби – завршува професорката.



912

X