Кога зборуваме за исхраната, обично размислуваме за составот и количината на оброкот и евентуално за прехранбените навики. Иако понекогаш коментираме дека некој брзо јаде, а некој бавно, всушност многу ретко размислуваме за начинот на јадење. Дури и ние, возрасните, немаме постојано на ум дека варењето почнува во устата и дека би требало храната да ја џвакаме подолго отколку што практикуваме.

Секој почеток е тежок

Доењето, првиот начин на исхрана на детето, носи многу предизвици, како што се грижата дали детето доволно се храни и која е оптималната положба при доењето. Повеќето експерти за доење препорачуваат дека за следниот чекор – воведувањето шише за млеко, треба да се причека бебето да наполни барем еден месец и целосно да го совлада доењето. Ако се враќате на работа, почнете да го храните со шише барем две недели претходно за и двајцата да се навикнете на новата ситуација. Пиењето млеко од шише бара поинакви движења на устата и на јазикот во споредба со доењето, па затоа дајте му време на детето целосно да ги совлада. Притоа, ова се главните совети:
* на детето понудете му шише навечер по редовното доење за да се навикне на цуцлата; почнете со мала количина млеко, приближно 15 милилитри;
* првично дајте му цуцла со помала дупка;
* најдобро е некој друг да му го понуди првото шише млеко на детето за да не биде збунето зошто не го храни мајката;
* обидете се да не бидете во близина на детето во тие моменти бидејќи нема да го прифати шишето ако може да ја намириса мајката.

Прстиња во акција

Кога детето ќе научи стабилно да седи и спонтано ќе почне да вежба да го спојува палецот со другите прсти за да дофати некој предмет, што обично се случува во седмиот или осмиот месец од животот, време е да го послужите со залачиња храна. Преминувањето од лажичка и цуцла на јадење со прсти може да биде фрустрирачки процес и за мајката и за детето (на детето му паѓа храната). За среќа, во тој период актуелни се и други начини на исхрана, па затоа не треба да се прават остри резови. На детето можете да му понудите кашички во практични вреќички на стискање. Ваквиот тип амбалажа е интересен за децата и ги охрабрува да се хранат самостојно, а можат да се употребуваат насекаде. Кога ќе почнете со тврда храна, повеќето деца најчесто ја земаат в рака и ја принесуваат кон устата. Обично, меѓу 9. и 12. месец детето целосно ќе го совлада тој зафат и ќе може да крева помали работи, на пример, зрно грашок.

Како да се охрабрат децата самостојно да јадат?

Како и останатата храна, вакви залачиња можете да им ги давате само кога децата седат, а не кога лазат или трчаат наоколу. Бидејќи запчињата сè уште не им се доразвиени, пожелно е понудената храна да биде со таква конзистенција што ќе може да се растопи во устата, значи без џвакање. За почеток, ставете 4 или 5 парченца од храната на чинија или на столчето за хранење. Кога ќе почнат самите да јадат, тие ќе се обидуваат да ја стават целата храна наеднаш во устата, или ќе ја одбијат и со едно движење ќе ја фрлат на подот. Затоа е паметно да им сервирате помали порции и да им додавате уште храна ако сакаат да јадат. Исто така, можете да земете парче од храната во вашите прсти и да го поттикнете детето да ја прифати вашата рака и да ја привлече до својата уста, или пак да ја држите храната на вашата дланка и да му понудите на детето само да се послужи од неа.

Подгответе помали залачиња

За да му помогнете на детето да дофати парченца овошје што се лизга, можете да ги посипете со мелени житарки. Почнете со храна која детето добро ја прифаќало во форма на пире кога сте го хранеле со лажичка, но исечкана во мали парчиња или коцкички за да избегнете давење. Понудете му цврста храна како сирење, варен зеленчук и зрело овошје во големина на зрно грашок. Избегнувајте храна што не може да се растопи во устата, а може да се залепи за непцето или лесно може да заврши во гркланот. Не се препорачуваат неварени зрна грозје, цели зрна грашок, свежо цврсто овошје и зеленчук како морков или јаболко, како и парчиња месо. Минатогодишното истражување на Универзитетот „Свонси“ утврдило дека за децата по 6. месец од животот ризикот од задушување кога самостојно јадат не е поголем во споредба со ризикот при хранењето со лажичка.

Редослед и бонтон

Детето мора да научи самостојно да јаде, но притоа не смеете да го оставите само. Хранењето е и социјален чин. Исто така, важно е возрасното лице што го надгледува хранењето да умее да ги разликува симптомите (звуците, пред сè) на задушување и подждригнување. Препорачан редослед при воведувањето прибор за јадење е лажичка, па виљушка – и тоа со помала големина и тежина, како и со заоблена форма, за да може лесно да манипулира со нив. Како и во другите сегменти од воспитувањето, и при јадењето треба да им дадете добар пример и да ги пофалите кога ќе јадат правилно. Иако детето има свое посебно столче за јадење, добро е да јаде заедно со другите членови од семејството. Заедничкиот оброк, според многу студии, ја зголемува емоционалната поврзаност во семејството, а на детето трајно му создава позитивна асоцијација на хранењето.

Усвојување добри навики

Многу навики и уверувања влечеме од детството, затоа навреме погрижете се здравата исхрана да им стане природна на децата. Еве неколку трикови со кои можете да го постигнете тоа:
* однесете го детето во продавница за здрава храна и дозволете му самото да си избере овошје или зеленчук по желба;
* научете го да разликува што е ужина, а што е десерт: ужината мора да биде здрава и е задолжителен оброк во денот, а десертот се јаде само во одредени пригоди;
* ако сте на излет, патување или прошетка, не купувајте го она што се нуди на попатните штандови и продавници, туку понесете си храна подготвена од дома или проверени готови кашички во вреќички на стискање, од кои децата можат самостојно да јадат;
* детето нека јаде додека да се засити, помина времето на правилото „мораш да изедеш сè од чинијата“;
* вклучете го детето во подготвувањето на храната бидејќи многу студии покажале дека е поголема веројатноста да јаде здрава храна ако самото ја „подготвило“;
* започнете натпревар со своите деца: тој што ќе изеде најмногу овошје во некој определен период, да добие некаква награда.

 



912

X