Ако во семејството имате случаи на проширени вени, големи се шансите и вам тоа наследство да ви донесе проблеми во бременоста, особено во летните месеци. Причини за настанувањето на проширените вени се хормонот естроген и наследен и зголемен волумен на крвта во бременоста.

Естрогенот предизвикува ширење на крвните жили. Следствено на зголемениот волумен на крвта и притисокот во вените, во слабините и карлицата, поради зголемување на матката, се зголемува и веројатноста за настанување на проширени вени. Налето, дури и независно од бременоста, поради повисоките температури, доаѓа до ширење на луменот на вената. Последователно, залистоците немаат функција на целосно враќање на крвта во срцето, па крвта заостанува во вените на нозете, притисокот внатре расте и доаѓа до излегување на течности од вените во околното ткиво, па и до отекување на нозете.

Како да се ублажат симптомите

Вообичаените препораки се однесуваат на соодветна терапија која вклучува компресија, држење на нозете во подигната положба кога е можно, спиење на лев колк, вежби, избегнување долготрајно стоење или седење. Меѓу другите препораки за  летните месеци се и следните:

– Избегнување на сонцето, особено од 11 до 16 часот;
– Пливање, возење велосипед, одење повеќе од 45 минути во денот, на тој начин ја поттикнувате циркулацијата;
– Одење во морска вода така што нивото на морето да е над колената;
– Одење боса по песок;
– Варикозните вени да се прекријат во текот на престојот на плажа со ладен, мокар пешкир (внимавајте пешкирот да не се загрее);
– При долготрајното стоење, често да се подигнувате на ножните прсти, што доведува до враќање на крвта кон срцето;
– Избегнување долготрајно седење со нозете во висечка положба и прекрстена положба на нозете;
– При долготрајните патувања со автомобил да се застанува барем на секој час заради кратки прошетки;


– Спиење со малку подигнати нозе;
– Одмарање кога е можно со подигнати нозе, но не ставајте ништо под колената;
– Избегнување стегачи и чорапи со цврсти краеви;
– Контролирање на телесната тежина;
– Да не се носат чевли со превисоки или прениски потпетици, идеални се на висина од 3-4 сантиметри;
– Да не се носи тесна облека и тесни чевли;
– Да се туширате наизменично со топла и студена вода, а последна да биде студената;
– Да се избегнуваат солариум, сауна, депилација со топол восок;
– Да се избегнуваат третмани за целулит кои ја загреваат кожата;
– Да се користат скали наместо лифт;
– Секогаш кога е можно да се избегнува пушење и консумација на алкохол бидејќи ја нарушуваат циркулацијата;
– Да се носат компресивни чорапи. Важно е да се облечат наутро пред првото станување од кревет. Треба да се изберат со помош на лекар или фармацевт;
– Се препорачува мачкање со гел кој содржи екстракт од див костен или хепарин, а преку ноќ крем или маст со истите состојки;
– Ако отокот на нозете е константен (не се повлекува во текот на ноќта), најверојатно се работи за лимфадем и во тој случај од голема помош може да биде лимфна дренажа од страна на едуцирана личност.

Дали по породувањето проблемот ќе исчезне?

По породувањето кај лесниот облик на проширени вени постои можност за повлекување без терапија. Кај потешките облици се препорачува да се направи хируршки зафат по 3 до 6 месеци од породувањето, во зависност од тежината на проблематиката и планираните бремености во иднина.

Автор: Ивана Манола, специјалист по дерматологија и венерологија



912

X