Учењето што ни го наметнува образованието отсекогаш имало крајна цел да постигнеме нешто во животот. Училиштата отсекогаш биле перципирани во функција на целта од учениците нешто да „бидат“ во иднина. Образованието како чин на уживање и задоволување на љубопитноста се пренесува од детска игра во хоби, во областа на разговор во друштво, барање книги кои нѐ интересираат, а сето тоа се се завршува во контекст на „одмор“, „безделничење“.
Познавам родител кој побара совет затоа што неговиот син „се убива читајќи, секогаш прави нешто, но тоа не е важно. Некои книги, романи. Сега чита некоја филозофија, но училишниот материјал не му оди. Тој вели дека не го разбира. Едвај се извлекува на училиште. Тоа момче, всушност, постојано учи. Тоа го продолжува своето детство водено од потребата да ја задоволи сопствената љубопитност.
Училиштето и начинот на работа во него го отстрануваат животното учење, тоа престанува да биде облик на живот и начин на постоење и станува монструозен феномен на насилство наречен „дисциплина“, „работна навика“, затоа што се смета дека нема учење без напор, а се смета дека и трудот ја совладува досадата додека се учи. Се учи тогаш кога „ќе се загрее столчето“, кога човек ќе научи да ги одложува животните задоволства и да се „жртвува“. Самиот живот, од чија срж е извлечено учењето, станува толку банален, исклучиво хедонистички.
Туристите знаат да вложат големи напори кога патуваат за да се најдат на местата кои ја привлекуваат нивната љубопитност. Така, учењето повторно станува „начин на живот“, добивајќи ново значење, поблиску до она што навистина е. Така, учењето повеќе не е отуѓено како школувањето, туку е дел од човечкото секојдневие.
Затоа денес сѐ повеќе се залагаме за таканаречено перманентно образование. Ако сакаме рационално да му пристапиме на светот и на појавите во него и да бараме рационални мотиви за нашите постапки, тогаш потребно е да ги зачуваме сите валентности на љубопитноста во текот на нашите животи.
Училиштето кое го одложува животот во детството и младоста за друг пат, има карактеристики на болест, бидејќи и болеста за некое време го одложува целосниот живот. Таквото училиште треба да исчезне, а учењето да се врати во живот како негова иманентна суштина. Неговата основа треба да биде неисцрпната човечка љубопитност, основна карактеристика на здрава личност.
Љубопитноста е мотивот на човековата креативност и начинот на кој таа се реализира во однос на светот и во рамките на општественото поле.
Изборот при упис во некои училишта е катастрофален во овој поглед. Ќе дадам еден пример. Петар, млад човек кој игра пинг-понг, учи странски јазик и ја следи литературата што го интересира, па тој дојде во советувалиштето. Покрај тоа, тој е елоквентен, спонтан и допадлив. Но, му недостига една многу добра оценка за да биде примен во училиште кое обезбедува пошироко образование, па мора да се запише во училиште што ќе го насочи кон професија која во оваа фаза на развојот не го интересира. Нашата потврда дека тој е интелигентен, добро формиран млад човек, добро приспособен за општо средно училиште, не му помогна да влезе во училиштето што го сакаше. Длабоко исфрустриран од тоа, ќе се обиде на заобиколен и потрауматичен начин да го добие она што го сака, а училиштето, кое е неизбежно на тој пат, му станува непријател.
Извадок од книгата „Училиштето како болест“ од проф. д-р Светомир Бојанин
912