Наставниците-асистенти помагаат во воспитно-образовните активности, на пример, ги надгледуваат децата во играта и помагаат во хранењето, безбедноста и другите основни грижи, но и за многу други потреби на децата и на училиштето

Најавената новина од Министерството за образование и наука (МОН) за присуство на двајца наставници на часовите предизвика многубројни реакции во јавноста. Новиот образовен пристап кој предвидува на час помладите наставници да учат од повозрасните колеги како се предава предизвика различни реакции. Додека некои го оценија како одличен, други предупредија дека е уште еден експеримент, а трети прашуваат по кои критериуми ќе се одлучува кој наставник е пример за останатите колеги.

Проф. д-р Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки и проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, оценува дека идејата за наставник-асистент е добра, но многу е важно како ќе се изведе.
– Во многу образовни системи постои асистент на наставникот. Асистенти на наставници работат на сите нивоа во воспитно-образовниот систем, во предучилишни установи, во основните и средните училишта и други центри за деца и млади. Често, еден или двајца асистенти работат со главниот наставник за да им посветат индивидуално внимание на децата на кои им треба. Тие помагаат во воспитно-образовните активности. Тие исто така ги надгледуваат децата во играта и помагаат во хранењето, безбедноста и другите основни грижи, како и за многу други потреби на децата и училиштето. Тие работат под надзор на наставникот за да им дадат на учениците дополнителни инструкции и постојано да влијаат врз вниманието на учениците – вели Барбареев.

Според него, асистент е добро да се има од повеќе аспекти.
– Тој би требало да работи дополнително со секое дете или со мали групи на ученици со цел да им помогне да го разберат материјалот и да го приспособи знаењето на нивниот стил на учење. Тој му помага на наставникот за соодветното однесување и дисциплината на учениците, како и во подготвувањето материјали за наставата и часот. Ги надгледува учениците во класот, помеѓу часовите, за време на ручекот и паузите, како и на патувања, на терен. Со учениците што имаат потешки хендикепи, асистентите можат да работат и во редовни часови и во одделни часови. Асистентите на наставниците може да им помогнат на овие ученици за основните потреби – појаснува тој.

Системот за образование на наставници не обезбедува квалитет

За жал, нашиот образовен систем, пред сè, луѓето што ги носат образовните политики со децении немаат визија за реална суштинска реформа, потсетува тој.
– Предолг временски период наставничката професија е во лоша општествено-економска положба, со загубен општествен статус, со релативно слаби и незаинтересирани кандидати за наставници, со слаба образовна политика за мотивираност на постојните и идни наставници, со релативно слаби материјално-технички услови, со несистематски пристап во планирањето и продукцијата на кадри во областите на предучилишното, основното и средното образование. Системот за образование на наставници и системот за професионален развој не се дефинирани согласно новите тенденции, не се функционални и може да се каже дека не обезбедуваат соодветно ниво на квалитет. Затоа и целиот образовен систем е таму каде што е – смета професорот.
Заради системско решавање на ова клучно прашање, според Барбареев, потребна е реформа и интеграција на веќе постојните сектори при МОН и редефинирање на нивните улоги: Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Педагошката служба, Центарот за стручно образование и обука и Државниот испитен центар.

Проф. д-р Кирил Барбареев

Да се промени концептот на приправнички период

Тој смета дека и концептот на приправнички период треба да се промени. Треба да се регулираат условите за стекнување и одржување на лиценцата со законски одредби, а таа е добра можност за зајакнување на системот за професионален развој на наставникот.
– Воведување на наставникот на работа во текот на приправничкиот период/наставник почетник за постигнување на стандардите за лиценциран наставник. Институциите за иницијално образование заедно со училиштата и МОН треба да изградат систем на соработка што ќе му овозможи соодветна помош на наставникот во неговиот почетен период на работа. Тие треба да работат кон постигнувања на стандардите за лиценциран наставник. За ваквите идеи и реализации, потребни се приспособување на нормативот и систематизација на работни места. На пример, во Македонија не постои работно место во предучилишно, основно и средно образование на кадар со магистерски или докторски студии, не постои ниту за асистент или помошник, нема профили на кадри кои би работеле постојано на поддршка со цел подигнување на квалитетот на наставата. Оттука, во јавноста веднаш се јавуваат многу недоразбирања и погрешни толкувања за ваквите прашања. Затоа, размислувањето за помошник, асистент на наставникот е добра работа, но останува клучното прашање – ќе знае ли политиката тоа да го изведе без да направи стресови кај наставниот кадар и децата – потенцира тој.



912

X