Да се биде сопруг и родител е посебно искуство и за тоа не може да нè подготви ни една книга и водич, ни една анализа. Тоа е искуство кое секој ден се надополнува преку контактите со моите деца и мојата сопруга
Борче Треновски е доктор по економски науки, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, економски истражувач, аналитичар, критичар, автор на четири книги и на повеќе од 50 научни и стручни публикации, добитник на неколку награди и признанија, учесник во над 40 домашни и странски проекти и говорник на многубројни конференции и јавни настани и дебати од областа на економијата… Но, најголемиот успех што го има постигнато и кој, како што вели, е извор на енергија на неговата кариера, претставува семејството – неговата сопруга Санела и двете деца Марко (8 години) и Сара (5 години).
Чест гостин во градинка и во училиште
Да се биде професор и да се пренесува знаење и да се воспитуваат млади луѓе и деца претставува благослов, меѓутоа, и исклучително голема одговорност и предизвик, вели професорот. Со него поразговаравме за тоа како успева да менаџира, да се посвети и на работата и на семејството.
– Имам професија која ми овозможува да бидам во контакт и да работам со голем број млади луѓе, што исклучително ме исполнува и ми причинува задоволство. Меѓутоа, тука ќе откријам уште нешто – мојата желба и љубов да работам со најмладите, со дечињата, па честопати во последните години сум гостин во градинката и во училиштето во населбата во која живееме, за што со огромно задоволство се подготвувам. И покрај тоа, со секој нов ден сè повеќе ми станува јасно дека да се биде сопруг и родител е посебно искуство зашто не може да нè подготви ни една книга и водич, анализа, тоа е искуство кое секој ден се надополнува преку контактите со моите деца, мојата сопруга – вели професорот.
Сара и Марко
Со една рака на компјутер, со другата игра со децата
Времето што го поминува целото семејство е од исклучителна важност и посебно го цени. Тоа, според Треновски, е особено важно затоа што на тој начин се дознаваат афинитетите, приоритетите и размислувањата на секој член од семејството, кој што сака, а што не сака, се гради меѓусебна силна врска на почитување и разбирање.
– Тие врски се градат само со поминување време со семејството. Честопати иако за определени работи декларативно имаме разбирање со сопругата и децата, потребно е низ времето поминато заедно да ги откриеме вистината и вредностите што стојат зад тоа. Мора да се признае дека е исклучително тешко покрај моите работни ангажмани и посветената банкарска професија на мојата сопруга. Понекогаш мојата професија бара патување надвор од земјата, често останување на состаноци по работно време, што дополнително ја усложнува нашата дневна рутина и пренесува огромен товар од обврските на мојата сопруга, а за нејзината организација сум ѝ неизмерно благодарен. Се случувало доцна навечер или за викенд, поради работните обврски, да седам на компјутер и со едната рака да работам, а со другата да се задевам со децата или да се обидувам паралелно да им одговарам на поставените прашања. Имало ретки примери кога, на чудење на присутните, сум бил во ситуација да напуштам состанок со објаснување дека е потребно (крај на работно време на институциите) да ги земам моите деца од градинка/школо. Меѓутоа, самата идеја за вредноста на семејството ми дава особено олеснување во таквите ситуации и воедно потсетување и на другите за важноста на родителството и времето што го поминуваме со децата – објаснува професорот.
Борче и Санела
Го исполнуваме тоа што го ветуваме
Времето што го поминува со своето семејство за него е извор на енергија (power bank) и затоа често и покрај паралелните обврски, со сопругата прават силни напори во дневни и неделни планови да го организираат заедничкото време.
– Често се случува плановите да се сменат или откажат, меѓутоа, децата се оние што се тука да нè потсетат и да нè стават во ред дека ние како родители треба да го почитуваме ветеното. По работниот ден и завршувањето на школските обврски често оставаме време за заедничко дружење и правиме обид да излеземе од домот и да прошетаме во парк или населба, да одиме на заедничка вечера, да одиме на заедничка спортска активност (кошарка, возење велосипед/тротинет). Јас сум задолжен речиси секој викенд да размислам за организирано заедничко семејно дружење, кое често завршува со еден ден или викенд полн со активности надвор од главниот град (Берово – од каде што потекнувам, Охрид, Матка, Маврово, Кучково, Илинден итн.). Најомилени и често најефикасни периоди за поминување време со семејството се летните, зимските (се разбира и пролетни/есенски) кога одиме на скијање/санкање, пливање, пешачење и особено интересните повеќедневни екскурзии во и надвор од земјата – вели професорот.
На скијање
Јас сум помекиот, сопругата е построга
Во домот на Треновски обврските се поделени, со цел што поефикасно да функционираат во прилично набиената агенда на работни и школски обврски.
– Ќе се обидам малку професорски да образложам, се надевам нема да ми замерите – поделба од „прв ред“ меѓу мене и мојата сопруга, и поделба од „втор ред“ меѓу нас, родителите на една страна и Марко и Сара на друга. Се разбира, често имаме преклопување или менување на поделбата на обврските во зависност од дневните настани и обврски. Најчесто доминантен дел од грижата околу домот, морам да признам, има мојата драга сопруга, мојата улога во оваа насока е често да се вклучам во потешките домашни работи и она што ми претставува задоволство – готвењето. Моите обврски доминантно се насочени кон сè што е поврзано со домот и надворешниот свет – набавки, поправки, инвестиции, мајстори, документи, сметки и грижата за децата во време кога сопругата е зафатена околу средување на домот – додава професорот.
Поради тоа што воспитувањето на децата им претставува особена грижа и задоволство, го прават заеднички со сопругата, иако тој често е, како што вели, попустливата страна, додека неговата сопруга е онаа што знае поефикасно „да ги стави во ред“.
– Она што е важно во делот на воспитувањето е нашата грижа дел од обврските и одговорностите околу домот да им ги пренесеме на Марко и Сара. Најчесто тоа е поврзано со средување на работите (играчките, алиштата, раскревање делови од домот, грижа за растенијата, велосипедите и други работи) кои во еден дел се поврзани со нивното функционирање и кои исклучително позитивно влијаат врз нивното однесување и создавање перцепција за околината – вели Треновски.
Совети за родителите oд проф. Треновски
Драги родители, ова се некои од моите размислувања, за кои во определени моменти и јас сум во искушение повеќе или помалку да ги почитувам – меѓутоа, секое дете и секое семејство е посебен универзум, а равенките и готовите формули тука не функционираат.
-Треба почесто да ги гледаме и слушаме нашите деца – можеме многу да научиме од нив, иако често го забораваме тоа;
– Честопати ништо друго освен сопственото искуство и следење на добрите совети и практики не може да нè подготви за успешно родителство и воспитување на децата;
– Колку што е можно повеќе време поминувајте со семејството. Креирање и организирање заеднички активности, игри, спорт, патувања, често знае да биде особено важно за воспитувањето и хармонијата во семејството;
– Запознајте ги своите деца и семејството, запознајте ги нивните интереси и вистински заинтересирајте се за нивните работи, проблеми и другарчиња – особено помага да изградите однос и да му пристапите на детето;
– Сослушајте ги своите деца, немојте веднаш да ги обвинувате и критикувате, често тоа знae да влијае врз нивната самодоверба и искреност кон вас;
– Децата треба да се чувствуваат корисни, дајте им некоја обврска, одговорност, задача, функција во семејство – може да се изненадите;
– Оставете ги децата кога и да покажат самоиницијатива да направат определен подвиг, да решат определен проблем – верувајте им повеќе;
– Обидете се да останете на ветеното – било награда било казна, ова знае во голем дел да ви го олесни воспитувањето;
– Немојте насила да ги терате да направат определен чекор или да преземаат определена активност – можеби имаат логично објаснување, а можеби тоа ќе ви помогне подоцна да го реализирате посакуваното;
– Бидете искрен и самокритичен кон себе кога и да згрешите – ова има огромен ефект на сфаќањето, одговорноста и однесувањето на вашето дете.
912